Залудени од што било

06.05.2013 09:12
Залудени од што било

Медиумите влијаат на тоа забавата да се прифати во неограничени количини. Комуницирањето се уредува според законите на забавата и разонодата.

Забавата најчесто се оправдува самата себе и нема некои сериозни цели и пораки. Не без причина се предупредува дека човек кој нема што да прави освен да се забавува, почнува да се досадува. Историјата познава многу примери кога незаузданата жед за забава со себе повлекува морална деградација и развој на суровите страсти.

Познатиот истражувач Зиновјев забележал дека медиумите за себе го врзуваат вниманието на огромно мнозинство од населението, снабдувајќи ги луѓето со какви било информации - сплетки, забава, сензации. Тие за ова имаат неограничени средства, најсовремена технологија и разработени методи. Невозможно е да пресметате колку време и сила губат луѓето седејќи пред телевизор, читајќи весници и списанија, слушајќи радио. Човек може да ја троши продукцијата на медиумите и кога во самотија седи дома, додека е во превоз, па дури и на работа.

Медиумите се во функција на „тепање време“ кое претставува еден од најважните проблеми на современата цивилизација.

Слободата на изборот на забавата навистина е привидна. Се слуша и гледа она што е однапред подготвено. Бегството во забавата и илузијата е огледало на сечиј живот и на тоа единствено може да му се спротивстави лчност која има критички однос кон околината. Задоволството не може да се постигне со празно забавување, туку со што поактивно прифаќање на стварните вредности. Медиумите известуваат за сето она што го создаде индустријата за безделничење, која ја карактеризира трката за профит. Човекот на современата цивилизација чувствува депресија и досада. Медиумите треба да изградат критички однос кон однесувањето и вклопувањето на современиот човек во потрошувачката незафатеност. Додека со форсирање на забавноста, бегањето и компензацијата поединецот се отуѓува од заедницата (сè повеќе се втопува во сопствената осаменост и несовладлива досада и тегоба), со продуктивниот однос кон себе и другите човекот живее автентичен живот (на пример, активното занимавање со спорт, од една, и некритичкото, пасивно гледање ТВ пренос од друга страна).

Забавата не може да се сведе само на она за што се залагаат современите медиуми: опуштање, растерување на грижите, на состојба на залуденост и „изживување“. Забавата често значи лажна слобода, „слобода во резерват“. Нејзината основна функција се сведува на одвојување на луѓето од секојдневните грижи. Меѓутоа, ако забавата е дополнување, привремено бегство во други простори, таа за час станува лажна по содржината и смислата. Бегањето од проблемите, барањето средства за разонода, надомест и замена значи оддалечување на забавата од нас самите, нејзин пад во дехуманизација, која го води човекот во бесмисла и „време на празнина“. Медиумите мораат да му пријдат на овој проблем давајќи му нова димензија и ново видување на она што ги ограничува можностите на современиот човек. Тие треба да бидат во функција на ослободувањето на нашите потенцијали, соочувањето со „она што е друго во нас“. Односот помеѓу забавата и идеологијата би можел да се формулира на следниот начин: колку што е поголема грижата и стравот, толку е поголема потребата за забава и спектакли. Во тој поглед огромна улога имаат масовните медиуми кои ги пренесуваат спектаклите каде луѓето во толпа и на ист начин се забавуваат, потиснувајќи ја својата индивидуалност.

Масовните медиуми во огромни количини го експлоатираат светот на забавата. Нивните серијали за познатите личности и идолите се само знак дека се заобиколуваат ургентните општествени проблеми.

Суштината на масовните медиуми се состои во тоа да се одврати вниманието на луѓето. Водечките луѓе и политичката елита како да порачуваат: нека прават нешто друго, нека не ни пречат, нека се забавуваат. Нека секој стане излуден од секс-скандалите или познатите личности и нивните проблеми, или нешто слично. Со што и да е, само да не е сериозно. Нормално, сериозните работи се за главните луѓе. „Ние“ се грижиме за тоа.

Извор: Политика
Слики: Рајан Бабкок

ОкоБоли главаВицФото