Синдикатот за никаде, газдите сѐ побезобразни

06.05.2013 10:15
Синдикатот за никаде, газдите сѐ побезобразни

Кога синдикатот е мртво слово на хартија, врзан со десничарска власт како со папочна врвка, газдите преку своите моќни и богати бизнис асоцијации бараат леб преку погача. Неретко овие барања се граничат со безобразлук.

КОЛКУ Е БЕДНА СОСТОЈБАТА СО СИНДИКАЛНОТО ОРГАНИЗИРАЊЕ во Македонија покажува фактот што двата најголеми социјални протести во земјава во изминатите години беа иницирани и спроведени надвор од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Станува збор за упорните и повеќегодишни напори на стечајците за обезбедување право на надомест до пензионирање или до повторно вработување од 100 евра, чиј епицентар на случувањата беше Куманово, градот со најголема работничка свест во земјава и акцијата на АМАН за враќање на евтината струја.

Со ниеден од овие протести ССМ немаше никаква врска. Напротив, Синдикатот отворено се огради од АМАН, обвинувајќи ја иницијативата дека има партиска позадина, а кога станува збор за стечајците, ССМ, кој ги претставува вработените, е нивен природен непријател, зашто тој се грижи за оние што имаат работа, додека оние што се на улица и бараат работа, и со тоа им ги загрозуваат позициите на постоечките вработени, за ССМ се природни непријатели.

Одговорноста за многу слабата синдикална свест и здружување на македонскиот работен човек, кој работи во реалната економија, паѓа директно врз Синдикатот, кој е надлежен за директно поттикнување и помагање во основањето на нови синдикални единки. Еве, на пример, на долниот плакат од сајтот на ССМ, Синдикатот некого повикува синдикално да се здружи, а упатува и општ повик на локално ниво да се основаат социјално-економски совети.

Како што е познато, работа на ССМ е на лице место да иницира, поттикнува и да помага во создавањето синдикални организации по фирмите, а не да повикува во ветар некој друг да му ја заврши работата. Покрај тоа, кога станува збор за евентуални нови локални социјално-економски совети, на централното раководство на ССМ најдобро му е да молчи и да се покрие, зашто како прво Социјално-економскиот совет на национално ниво не фукционира.

За бедата на синдикалното организирање во Македонија има неколку фактори. Најголеми се политичката инструментализација на ССМ, големата невработеност во земјава, која директно од под нозе на Синдикатот му оттргнува било каква преговарачка моќ со работодавците и самата актуелна динамична и глобализирана економија која не е податна за синдикална работа.

Политичката инструментализација на Синдикатот е најпозната за јавноста. Не е никаква тајна дека актуелното раководство на ССМ е блиско и поданички настроено кон актуелната власт.

На Синдикатот редовно не му текнува да организира никаков протест за 1 Мај, па дури се даваат и изјави од синдикалните лидери дека состојбата е добра и дека соработката со Владата е на високо ниво, па затоа нема потреба од протести. Наместо протести ССМ за Први Мај организира семинари против мобинг, кој како прекршок поврзан со работното место е речиси непостоечки, а и многу безбедна тема за дискутирање. Појавите на мобинг се многу ретки од проста причина што многу малку работодавци имаат потреба своите вработени да ги малтретираат преку телефон, кога можат во секое време да отпуштаат со оглед на армијата невработени која чека работа. Далеку поголем проблем на работното место се работата на црно, непријавените работници, дискриминаторскиот начин на плаќање (различни лица за иста работа во иста фирма добиваат различна сума пари) – појава која најмногу ги онеправудва жените како традиционално далеку помалку платени од мажите, а сигурно поголем проблем од мобингот е и сексуалното вознемираување за кое се молчи и од срам и од страв, имајќи го на ум конзервативниот и традиционален карактер на македонското општество.

Врв на речиси феудалната закрепостеност на Синдикатот кон власта беше средбата меѓу синдикалното раководство со премиерот Никола Груевски во текот на предизборната кампања за време на предвремените парламентарни избори во 2011 година. Таквото виткање на `рбетот на Синдикатот јасно покажа колку е часот и колку всушност ССМ е бескорисна институција. Во вакви услови, за правата на работниците многу повеќе се грижи Трудовиот инспекторат, на пример, кој пред празникот казнуваше фирми за прекршувања на Законот за работни односи, отколку Синдикатот, кој е безгласна буква.

И во таква ситуација работодавците, преку своите бизнис асоцијации, стануваат сѐ побезобразни во нивните барања. Но, тие гледаат дека претставници на Владата и самиот премиер Никола Груевски на „бизнис заедницата“ (или народски кажано, газдите) и обрнува ѝ многу поголемо внимание отколку на Синдикатот, па заради тоа зема сила да станува сѐ поагресивна. На пример, во однос на даноците, Стопанската комора во еден момент предложи ако на Владата ѝ требаат пари да не ги зголемува данокот на добивка, данокот од дивиденда, персоналниот данок на доход или акцизите и царините (даноци и давачки кои во најголема мера ги погодуваат богатите и газдите зашто тие се оние што заработуваат од добивки, од дивиденди и најмногу плаќаат царини и акцизи), туку да го зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ – данок кој најмногу ги погодува сиромашните зашто тој, како трансакциски данок, се плаќа за купување на секоја основна потребштина во домот и за семејството).

Стопанската комора на Македонија, како главна газдинска асоцијација во земјава, пак, во еден момент побара компаниите да бидат изземени од обврската веднаш да ги пријавуваат вработените, туку да им се дозволи три месеци пробен период во кој работниците не би биле осигурани, ниту здравствено, ниту пензиски, за наводно работодавецот да имал време и да можел да оцени дали работникот му врши работа или не. Се разбира, ова е непристоен и безобразен предлог и во држави со мала невработеност, а камо ли во Македонија со својата армија невработени. За неквалификуваната работна сила и за сегменти на средно квалификуваните работници ваквата евентуална законска мерка може на големо да се злоупотребува. Работодавците можат да имаат две групи работници, кои би ги менувале на секои три месеци (една би работела три месеци, па другата, па по три песеци повторно првата, итн) и на тој начин би се создала цела армија на луѓе кои три месеци би работеле, три месеци не би работеле, односно кои би имале работа само 6 месеци во годината.

На последната средба на работодавците со министерот на труд, Спиро Ристовски, работодавците толку многу се охрабрија што најотворено побараа на работниците да не им се плаќаат 30-те минути пауза кои според Закон им следуваат за појадок во текот на работното време. Аргументот беше дека со тоа на оние компании кои имаат поголем број вработени (како пример беше наведена текстилната индустрија) плаќањето на овие 30 минути им претставувало голем трошок. Она, пак, што беше заборавено да се каже е дека вработените во текстилната индустрија и онака имаат најбедни плати, па ако вакво нешто се дозволи тие плати ќе отидат уште подолу.

На сите овие барања на работодавците ССМ ретко кога се огласил, а камо ли отворено да се конфронтира, секогаш имајќи го на ум фактот дека нивниот главен патрон, десничарската власт, има блиски односи со бизнисот и дека не треба да се крева прашина за таа на некој од синдикалните функционери да не му заврши в очи. Но, ваквиот служителски осднос на ССМ е сосема вообичаен кога постои неприродна коалиција на Синдикат со десничарска власт.

Како втора причина за бедната состојба на синдикалното движење во Македонија е огромната невработеност во земјава, која е најголема во Европа, иако овој примат се очекува за 4-5 години да го преземе Косово, откако поранешната покраина ќе почне статистички да биде следена од Еуростат. Во ситуација кога невработеноста изнесува 30,6 отсто, многу тешко е да се создаде организирано и ефикасно синдикално движење што нема да биде подложно на манипулации од страна на моќниците. Последно нешто што му паѓа напамет на работникот е да организра синдикални организации, со тоа да привлекува внимание врз себе и да заврши на улица.

Третата причина, пак, е комплетниот недостиг од реална синдикална традиција и синдикална историја на овие простори. Синдикатите, особено ССМ, се директен потомок на синдикатот од времето на социјализмот, кој едноставно продолжи да постои и во демократијата. Во тој период на централизирана власт и тн. „централен етатизам“, синдикатот беше постојано под сенка на Партијата, односно на Сојузот на комунистите, кој имаше свои организации во секое претпријатие. Кога на едно место има основна организација на Комунистичката партија, чија главна цел е да биде „авангарда на работничката класа“ и да се грижи за „самоуправувањето“, колку и овие нејзини „задачи“ да беа Потемкинови села, со оглед на недемократската природа на минатиот режим, тогашните синдикати егзистираа како второкласни организации, на кои никогаш не им беше дозволено да научат што е тоа синдикално организирање и синдикална борба.

И, така, денеска имаме ваков ССМ каков што го имаме само заради одличната локација на нивниот деловен простор, кој може да се изнајмни за добри пари од кои синдикалните функционери можат да земаат плата. Но, ССМ не може до бесконечност да живее на овој рентиерски начин од кирии. Синдикатот веќе одлучи да ги продаде своите простории во Прилеп, на пример. Еден ден ќе дојде време кога ќе нема ништо за продавање и кога Синдикатот ќе мора сам да се снајде за пари, нешто што нема поим како се прави.

Настрана фактот што ни иднината на синдикализмот не изгледа розова. Како што е познато, најголем дел од фирмите во земјава се мали и средни претпријатија, кои не се податни за синдикално организирање, а во нив работи огромното мнозинство работници во Македонија.

Најмногу вработени има во ЕЛЕМ, нешто под 4.000, а има само петнаесетина фирми со над 1.000 вработени. Огромен дел од вработените во приватниот сектор работат во мали и средни претпријатија, од кои најмногу во секторот услуги. Економија на мали фирми и фирми кои постојано пропаѓаат и се создаваат нови, не е воопшто податна за синдикално организирање. Како што не е податна ни актуелната глобализирана економија на странски инвестиции, аквизиции и спојувања, преселувања на капиталот на поевтини локации и слично.

Сосема сигурно премиерот Никола Груевски и надлежните за странски инвестиции на потенцијалните инвеститори им велат дека од синдикатите воопшто не треба да се плашат, зашто во земјава синдикализмот е мртво слово на хартија, а и тие синдикати што постојат ги имаат в џеб.

Извор: anfas.blogspot.se