Вегетаријанско основно училиште во Њујорк

07.05.2013 09:21
Вегетаријанско основно училиште во Њујорк

Кога ќе ги запрашаат кое јадење од училишната менза им е омилено, учениците од едно училиште во Квинс не одговараат како речиси сите други деца: „ќофтиња“ или „поховано пилешко“, туку „ориз“, „грав“, „тестенини и тофу“, пишува CNN.

Училиштето во Њујорк кое го посетуваат речиси 400 ученици и ученички од претшколска возраст до трето одделение постои веќе пет години и се заснова на принципот на здрав живот.

Директорот на училиштето Боб Гроф тврди дека здравјето и здравата исхрана се важен дел од образованието и правилното воспитување на децата, а оваа образовна институција се фокусирала на здравата исхрана пред три години, кога Гроф забележал дека повеќето од учениците си носат своја вегетаријанска ужина од дома.

По ова училиштето вовело оброци без месо три пати седмично, истовремено тестирајќи ги овие промени на помала група ученици. Неколку месеци подоцна вегетаријанската програма била проширена на четири дена во седмицата, а од почетокот на оваа година вегетаријанскиот начин на исхрана е единствениот кој се применува во ова училиште. Преставниците на училиштето напоменуваат дека менито се составува во склад со стандардите на американскиот оддел за храна, со цел да се задоволат сите нутриционистички потреби на децата.

На менито се наоѓаат оброци со фалафел, вегетеријанско чили и кафеав ориз, пржен грашок, тофу, а учениците се задоволни од ваквиот избор на храна. Тие сепак можат да си донесат и свои ужини од дома во кои може да има и месо.

„Кога си поздрав, постигнуваш подобри резултати на тестовите и си поотпорен на многу болести“, вели еден од учениците.

Во целина, основните училишта во Њујорк кои секојдневно подготвуваат оброци за 1,1 милион деца во својата понуда имаат и вегетаријански оброци и оброци со месо. Гроф, директорот на училиштето во Квинс вели дека цел тим експерти бил задолжен целосно да ги изедначи трошоците од вегетаријанската училишна менза со оние од претходно.
За сега, ова е единстевното училиште во САД во кое на децата им се нудат само вегетаријански оброци.

Извор: cnn.com