Десет години потоа Ирак е распарчена земја

07.05.2013 11:32
Десет години потоа Ирак е распарчена земја

Поминаа десет години од нападот на Ирак, на не баш големата коалиција предводена од САД, кој започна на 19 март 2003. Контроверзите од целиот потфат се сè уште во живо сеќавање, од кршењето на меѓународното право со нападот без согласност на Советот за безбедност на ОН, до непостоечкото оружје за масовно уништување, кое требаше да го има Садам Хусеин, а кое и покрај сите напори никогаш не успеаја да го најдат.

Во годините после инвазијата, објавени се низа критички ставови кои ја поврзуваат американската акција со ирачките залихи на нафта и плин и ја отфрлаат поврзаноста на режимот на Хусеин со мрежите за глобален џихад кои извршија терористички напади во САД на 11 септември 2011 година. Меѓутоа, едно нешто може да тврдиме со сигурност: ирачката авантура на тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш остави трајна трага како во политиката на Блискиот исток, така и на глобално ниво.

Брзиот пораз на деморализираната ирачка армија и окупацијата на Ирак беа невидена, спектакуларна демонстрација на моќта на американските воени сили. Блискоисточната земја со средна големина, која некогаш беше нарекувана арапска Прусија, стана релативно лесен плен за инвазионата армија, а претседателот Буш помладиот уште на 1 мај 2003 можеше да го прогласи својот, подоцна исмеан, „крај на главните борбени операции“.

Како што се покажа после само неколку месеци, окупацијата на земјата не доведе до реализација на неоконзервативниот проект за трансформација на Ирак и целиот Близок исток во простор на структурирана демократија и принцип на слободен пазар. Целиот потфат ја покажа неуспешноста на воената сила, иако импресивна и моќна, без одржлив политички проект. Ирак брзо падна во спиралата на бомбашки напади, секташко убивање и партизански борби против „ослободителите“. Нивото на насилство ги надмина сите претходни стравувања.

Окупационата управа, водена од американскиот дипломат Пол Бремер, потсетуваше на вооружените мисионери кои дојдоа да прогласат нулта година. Нејзиниот прв чекор беше распуштање на партијата BAAS и ирачката армија и полиција, со што ефективно ја распуштија и ирачката држава. За разлика од сателитските режими на Советскиот сојуз во средна и источна Европа, во Ирак не постоеше дуална партиска и државна репрезентација, BAAS едноставно беше и партија и државна управа. Меѓутоа, Пол Бремер и неговата околина не се оптоваруваа со такво размислување. Според сеќавањето на современиците, тој се движел во заштитената багдадска зелена зона во црн костум и војнички чизми, со што случајно многу прецизно ја изразил интелектуалната база на целиот проект, арогантната смеса од милитаризам и технократија. Почетниот период на инвазијата и „управата“ добро ги опишува Рори Стјуарт, денес член на британскиот парламент на Конзервативната партија, во книгата „Хазард окупација“. Триесетгодишниот Британец тогаш станал гувернер на две ирачки провинции на југот на земјата, а неговите квалификации биле пешачки тури по Иран и Авганистан. И покрај сите напори неговата мисија завршила со неуспех, се работело за живот.

Денешен Ирак е распарчена земја обележана од диктатурата на Хусеин, дилетантизмот на окупационата управа и секташката граѓанска војна. Ирачаните се трауматизирани од преживеаното насилство, според методолошки најдобрата студија за време на инвазијата и окупацијата загинале 600.000 луѓе, општеството покажува патолошки црти. Иднината на Ирак е нејасна, голема е веројатноста дека нема иднина како држава.

Во Багдад владее секташки дефинираниот шиитски режим, во сунитските западни провинции се јавуваат повици за сецесија и спојување со Јордан во нова држава „Западен Ирак“. Безбедносната ситуација се влошува со прелевеање на конфликтот во Сирија преку источната граница. Веројатно единствен добитник се Курдите на северот, кои имаат де факто независна држава која наспроти остатокот од земјата е област на стабилност, безбедност и економски просперитет. Меѓутоа, тажната реалност во целина е многу далеку од грандиозната визија на почетокот на инвазијата.

Своите трауми од ирачкиот поход ги носат и САД. Американската армија, крварејќи осум години во Ирак без политичка визија за завршување на конфликтот, имаше загуба од 4,5 илјади мртви и повеќе од 30.000 ранети. Војната ги чинеше американските даночни обврзници милијарди долари, а значително влијаеше и на астрономскиот долг на земјата. Ирачкиот поход стана толку непопуларен, што тогашниот претседателски кандидат Барак Обама од походот на американските војници освои важен поен за својата победничка претседателска кампања. Посебно настрада угледот на САД во меѓународните односи. Се покажа дека историски најголемата воена сила не може да се компензира со слабо планирање и илузорни политички визии. Ирачкиот поход беше фијаско за САД.

Американската историчарка Барбара Такман, двократна добитничка на Пулицеровата награда, во осумдесеттите години ја издаде славната книга „The March of Folly“ во која опишува историски ситуации кои се повторуваат, кога владите следат политика која е евидентно во спротивност со интересите на нивните земји. Од Тројанската војна преку британската политика во северноамериканските колонии, до американските искуства во Виетнам. Неоконзервативниот, во одредена смисла многу идеалистичкиот проект за окупација и трансформација на Ирак во потполност се надоврзува на оваа илјадагодишна традиција. Неговиот биланс е шокантен, посебно за Ирачаните. Но, од глупоста на претседателот Буш помладиот и неколку луѓе околу него, кои ја искористија атмосферата после нападите од 11 септември 2001 за реализација на своите визии, американската економија, надворешна политика и престиж ќе закрепнуваат со години.

Извор: ihned.cz

ОкоБоли главаВицФото