Владеење на глупоста

07.05.2013 11:29
Владеење на глупоста

Кој е општиот дух што владее со Македонија периодов? Еве еден наизглед лесен и бесен одговор: глупоста.

Сепак, за сериозно да се образложи еден ваков одговор (баналан и фрустрантен?, свиснат и скиснат?) потребно е да се отворат неколку теми. Просторот за колумна не е доволен, но ќе се обидам барам да укажам на насоките. Предизвик е да се пишува за глупоста и зашто е голем ризикот копачот сам да упадне во дупката што ја копа за другиот, т.е. да испадне надмена будала. Свесен, значи, за опасноста од тоа дека носителот на глупоста често токму е самоповиканиот арбитар (а и дека „мудроста во лошо избрано време може да биде најголема лудост“, како што вели Еразмо во „Пофалбата на лудоста“), сепак решив да ги бранам позициите на разумот пред глупоста. Ми скисна луѓето околу мене - дури и оние што не го поднесуваат режимот - да го востоличуваат груевизмот како работлив, насочен, прагматичен, интелигентен, сеопфатен, итн. Јас, пак, мислам дека груевизмот е - глупав. И дека, како таков, во голема мера ја заглупаве целата нација, придонесувајќи да се востоличи општиот дух на глупоста. Непродуктивноста на режимот не е резултат на лоша пресметка, незнаење, мрза, заговор за уништување на Македонија - туку на имбецилност. Ликовите што го репрезентираат груевизмот (од политичкиот врв, Фамилијата, до извршителите во медиумските и „културните“ кругови) исто така ми потврдуваат дека станува збор за идиоти.

Зошто ги нарекувам идиоти? Еве три големи причини, а постојат илјадници помали, секојдневни примери за заразната малоумност на овдешните комесари на народните инстинкти:

1. Не го разбираат регионалниот и поширокиот културно-политички контекст и момент; политиката за нив е самовластие и бахатост, а не одговорност;

2. Не ја разбираат важноста на грчко-македонскиот спор (на пример, српските Вучиќ и Дачиќ за својот народ се волшебен грав кон небото во однос на локалнава стуткана боранија);

3. Најлудиот политички проект во повоена Европа: СК014 (плиток како локва и тврд како бетонот под трибината на стадионот на Слога во Чаир).

Поттикот за констатацијата дека глупоста е општиот дух кој владее со земјава ми дојде со читањето на еден заборавен советски дисидент, Александар Зиновјев. Тој заклучил дека тоталитаризмот ментално може да се преживее само ако човек ја развие вештината да се носи со туѓата глупост. Во едно такво општество кое дотуркало дотаму разговорот меѓу пијаници веќе воопшто да не може да се разликува од научните, техничките и филозофските излагања - глупоста треба да се третира како важен фактор. Во општество во кое идеите не се во сооднос, работите немаат контекст и след и во кое се тропа наголемо - глупоста е на тронот и за тој факт треба да се бара чаре. Се разбира, таквото општество - како Советскиот Сојуз или фашистичка Германија - е катастрофално за живеење, и покрај хроничната пропаганда и потребата на граѓаните да се анестезираат од стварноста. Во таквото општество огромна е загубата на витална енергија („подобро да седам отколку да работам, подобро да мижам отколку да гледам“), ама стабилноста е голема.

Тој феномен на владеењето на глупоста обично се случува во зрелото доба на тоталитаризмот, кога веќе постои стабилна рамнотежа и власта веќе не се труди толку да убедува, колку што е насочена општата ментална активност да ја одржи на жабјо ниво. Тоа е премин од идеократија кон идиотократија, како што вели Андре Гликсман, автор на сјајната политичко-филозофска студија под наслов „За глупоста“.

Како што исто така добро се гледа во македонскиот пример, во тоталитарниот режим (Гликсман користи веројатно попрецизен и посовремен израз: посттоталитаризам) глупоста е и форма на корупција; тоа можеби е поврзано со фактот што неспособноста веќе не е политички опасна; напротив, неспособноста се стимулира и шири. Опасна би била трката по знаење која би создавала неред и би ги пореметувала воспоставените хиерархии. Затоа глупоста е добредојдена и затоа во тоталитарните општества дрмаат имбецилите.

Една од главните задачи на поставените глупаци-владетели е да го спречат будењето на умноста. Глупоста, исто така, има задача да ги укинува љубопитноста и вџашеноста. Глупоста сè нивелира и нормализира. На пример, во режимот на глупоста секој пристоен човек што се спротиставува постојано треба дивјачки да биде малтретиран од некој режимски загар - и со тоа тие двајцата симболички се соединуваат (секој обид за нережимски јавен ангажман се судира со искривеното огледало во кое се клешти некоја режимска кловновска наказа која ти вели: „Врати се на првата програма“). На тој начин се создава ефектот „сите се исти“, а народот добива порака дека се бесмислени секој напор и потребата нешто да се промени.

Глупоста не сака прашања, туку налози; не сака системот да се преиспитува, туку се лепи за претходно поедноставената стварност. Интелигенцијата е ограничена, а глупоста неограничена, според Брехт. А тоа што не познава граница значи дека глупоста не знае за закон, за другост, за различност. Гликсман дури тврди дека заедницата воспоставена врз волјата лесно може да се скрши зашто едновремено е крута и кревка. Глупавата заедница, пак, е полеплива, помалку ограничува и неумолива е во целина - што значи подолго трае.

Зошто поединецот во (пост)тоталитарно општество прифаќа да биде будала? Чешкиот филолог Петр Фиделиус (Карел Палек) пред повеќе од триесет години правеше проникливи анализи за однесувањето на поединецот во тоталитарен систем. Неверојатно колку Чехословакот од седумдесеттите години личи на Македонецот од 2013 година: „Биолошкиот ритам и потребата да го остават на раат поставуваат стапица и го контролираат поединецот, а животот како таков му се наметнува како врвна вредност сè додека не дојде дотаму веќе ништо да не гледа освен денешниот ден.“ „Човек може да му се подреди на тоталитарното мислење, а притоа да го сочува своето скептично ’што се однесува до мене’ и да одбие врз себе да ги прими официјалните бамборења; дури и ако не мисли како власта, доволно е себе да си забрани да мисли поинаку, па да падне во околната празнотија и да потоне во интелектуална кома.“

Но, Фиделиус предупредува: „Човек којшто живее во лага прави нешто полошо отколку што е ’незборувањето на вистината’; тој всушност прави сè за да го обесмисли секој обид воопшто да се зборува за вистината.“

Што ни преостанува?! Дали постојат антиглупотици?! Еднаш веќе напишав и мене тоа ми изгледа како пристојна лична стратегија: можеби треба да се обидеме од политичката глупост претворена во новоговор да извлечеме говор што ќе ја објасни таа глупост, слично на Фројд кој бил изложен на лудилото на знаењето, за од тоа да го извлече знаењето за лудилото.

Втората варијанта е копнежот на Карл Краус: „Интимно тежнеам кон онаа душевна кондиција во која, слободен од сета одговорност, глупоста на светот ќе ја осетам како судбина.“

Слики: Свирачиња

Еве неколку други текстови на темата, на Окно:

Изворите на тоталитаризмот

Глупоста

За глупоста

Доба на незнаење

Говнарските цевки на јазикот

Магија и глупост

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото