Рецензија: Адолф Хитлер, „Mein Kampf“

08.05.2013 10:06
Рецензија: Адолф Хитлер, „Mein Kampf“

Кога Hurst and Blackett печaтат непрочистено издание на Mein Kampf уредено прохитлеровски, а објавено пред само една година, значи дека настаните се одвиваат со вратоломна брзина. Очигледна е намерата на предговорот на преведувачот и неговите забелешки да ја ублажи суровоста на делото и да го прикаже Хитлер во што е можно подобро светло. Зашто, во тоа време Хитлер сè уште е почитувана личност. Тој е оној кој го задуши германското работничко движење, па затоа поимотните класи радо му простуваа сè. И десничарите и левичарите се согласуваа во многу плиткото предочување дека национал-социјализмот е само еден нов облик на конзервативизам.

Тогаш, одеднаш се испостави дека Хитлер сепак не е вреден за почит. Како еден од доказите за тоа мислење, Hurst and Blackett ја издадоа неговата книга со нови корици, објаснувајќи дека целиот приход од продажбата на книгата ќе биде приложен во Црвениот Крст. Сепак, и покрај сè, тешко е едноставно врз основа на содржината на Mein Kampf да се поверува дека се смениле целите на Хитлер и неговото мислење. Ако ги споредиме неговите зборови изговорени пред една година со зборовите кои ги кажал пред петнаесет години, тогаш нè запрепастува крутоста на неговиот ум, непроменливоста на неговиот поглед на свет. Во него е скаменета мечтата на човек занесен со фиксна визија која останува речиси недопрена, без оглед на пригодните застранувања со кои се послужил за да ја оствари својата политика на сила. Веројатно, според сопственото мислење на Хитлер, руско-германската спогодба беше само промена на возниот ред. Според планот поставен во Mein Kampf, прво треба да се нападне Русија, а потоа, се претпоставува, Англија. А сега, испадна обратно. Прво треба да се пресмета со Англија, бидејќи Русија полесно може да се поткупи. Но, Русија е на ред штом Англија ќе ослабне - како што барем Хитлер, сигурно, се надева. Дали сè ќе испадне баш така, секако, е друго прашање.

Да претпоставиме дека замислата на Хитлер ќе се оствари. Тој замислува, во идните сто години, некаква постојана држава во која ќе живеат 250 милиони Германци на голем „животен простор“ (кој би се простирал до Авганистан или некаде таму), некакво ужасно безумно царство во кое, во суштина, никогаш нема да се случува ништо друго освен што младината во него ќе се обучува за војна и непрестано ќе се раѓа свежа храна за топовите. Како ли само му успеало да почне да ја спроведува на дело таа своја монструозна замисла? Лесно е да се тврди дека некое време парично го помагале големите индустријалци бидејќи во него гледале човек кој ќе ги сотре социјалистите и комунистите. Тие не би го потпомагале ако тој уште тогаш не зборувал за вистински широко движење. Освен тоа, ситуацијата во Германија, со седум милиони невработени, беше како создадена за демагози. Но Хитлер никогаш не би успеал да надвладее над своите противници ако лично не е привлечна личност, што може да се почувствува и покрај несмасниот начин на кој пишува, дури и во Mein Kampf, а особено додека ги слушаме неговите говори. Дури морам да признаам дека никогаш не можев да го замразам Хитлер. Оној ден кога дојде на власт - дотогаш, како многу други, живеев во заблуда и сметав дека тој е неважен - заклучив дека сигурно би го убил кога би можел да дојдам во негова близина, но дека не чувствувам никаква лична одбивност кон него. Напротив, од него зрачи нешто многу привлечно. Тоа се чувствува штом ќе ја видиме неговата слика - а јас особено ја препорачувам фотографијата на почетокот на неговата книга во издание на Hurst and Blackett, на која Хитлер го гледаме уште во кафеава кошула. На неа има патетично кучешко лице, лице на човек што страда поради неподнослива неправда. Тој израз потсетува на лицето на безброј слики на распнатот Христос, само што Хитлер делува помажествено, и несомнено, така Хитлер самиот и се замислувал. Можеме само да погодуваме која била главната причина за неговата поплака против целиот свет, но во секој случај, таа поплака е тука. Затоа, тој е маченик, жртва. Прометеј прикован со синџири за карпата, самопрегорно јуначиште кое само се бори против сите можни зла. Ако убил глушец, знаеше да го прикаже тоа како борба со змеј. Се чувствува, како кај Наполеон, дека тој се бори со судбината, дека не може да победи, но дека сепак поради тоа заслужува подобра судбина. Па, кој може да не сочувствува со таква судбина; половина филмови што ги гледаме имаат таква содржина.

Исто така, тој ја сфати лажноста на хедонистичкиот поглед на животот. Речиси цела западњачка мисла после минатата војна, целата „напредна“ мисла, премолчено прифати дека луѓето сакаат удобен, безбеден и безболен живот. Во таквиот поглед на живот нема место, на пример, за патриотизам и војнички доблести. Социјалистот кој ќе ги затекне своите деца како си играат војна обично се запрепастува, но не е способен да им смисли замена за оловните војници; оловните пацифисти некако не се за играње. Хитлер, бидејќи во својата невесела нарав го чувствувал тоа многу силно, знае дека луѓето не сакаат само удобност, безбедност, пократко работно време, хигиена, контрола на раѓањето и воопшто, сето она што почива само на здравиот разум; тие, исто така, барем одвреме-навреме посакуваат борба, пожртвување, а да не ги споменуваме и тапаните, знамињата и парадите на верноста. Колку и да се фашизмот и нацизмот, можеби, само економски теории, психолошки се многу поздрави од кој било хедонистички поглед на светот и животот. Веројатно истото важи и за Сталиновата милитаристичка верзија на социјализмот. Тројца големи диктатори ја зацврстија својата власт со наметнување на тешко подносливо бреме на својот народ. Додека социјализмот, па дури и капитализмот, до душа нерадо, му велат на народот „ви пружам подобар живот“, Хитлер вели: „ви нудам борба, опасност и смрт“; а последица е тоа дека цела нација му се фрла под нозе. Подоцна тие можеби ќе се предомислат кога сето тоа ќе им дојде преку глава, како што беше случај за време на минатата војна. После неколку години колење и гладување „Најголемата среќа за најмногу луѓе“ е добра крилатица, но во овој миг за нив е уште подобра „Подобро ужасен крај отколку ужас без крај“. И сега, додека се бориме против човекот кој ја скова, не смееме да ја потцениме нејзината емотивна сила.

Извор: New English Weekly, 21 март 1940
Слики: Juan Sly

ОкоБоли главаВицФото