Анкета за СК014 (20)

08.05.2013 11:41
Анкета за СК014 (20)

Дали некогаш сте размислувале, мој стар добар пријателе, колку имбецилите се спокојни? Глупоста е нешто непоколебливо: ништо не ја нападнало, а притоа од неа да не се скршило. Има гранитна природа, тврда е и отпорна. Во Александрија, некојси Томпсон од Сандерленд врз Помпејскиот столб го напишал своето име со букви високи шест стапки. Можат да се прочитаат на оддалеченост од четврт милја. Нема начин да се види столбот, а да не се види името на Томпсон, и, со самото тоа, да не се помисли на Томпсон. Тој кретен себеси се вградил во споменикот и се овековечил со него. Што зборувам? Тој го спружил споменикот со сјајот на своите џиновски букви. Зарем тоа не е моќно, да ги принудиш сите идни патници да мислат и да се сеќаваат на тебе? Сите имбецили повеќе-помалку се Томпсони од Сандерленд. Колкумина среќаваме низ животот, разбашкарени како на свое, во полн блесок? Впрочем, секогаш нè насанкуваат; толку ги има, така се упорни и со толку добро здравје! На патувањата среќаваме многумина такви и веќе во спомените имаме убава збирка од нив; но, бидејќи брзо минуваат, забавни се. Не е тоа како во секојдневниот живот, кога поради нив на крајот стануваме крволочни.
Гистав Флобер во писмо до Л. Буе, 1871

Глупакот на свој начин е уметник; сопствената егзистенција тој сака да ја претвори во есенција, ефемерното во вечно, а бидејќи е авангарден творец, не му е гајле да ги разурне и самите темели кога вели дека тука ќе го вреже своето траење. Не му е важно што себе си противречи доколку, правејќи го тоа, истрајува во своето битие и ги надминува малите патемни незгоди кои ги сопираат обичните смртници, вас или мене, то ест посрамежливите кретени. Тој, со ентузијазам кој ја придвижува секоја голема мисла, оди до своите крајни граници, но никогаш не ги преминува, и спремно го забодува своето знаме врз урнатините од светот, со звуците на гордата нихилистичка девиза: „Подобро е да се сака ништо отколку ништо да не се сака“ (Ниче).
Андре Гликсман, 1985

 

BONUS TRACK
О, Франција! Иако е тоа моја земја, тажна е таа земја, мораме да признаеме. Чувствувам дека ме преплавил бранот на глупоста којшто и нејзе ја прекрива и поплавата од кретенизам под којашто таа исчезнува. Го чувствувам истиот ужас кој ги обземал современиците на Ное додека го гледале морето како само расте.
Гистав Флобер

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото