Десничарскиот екстремизам ја загрозува економијата

09.05.2013 10:33
Десничарскиот екстремизам ја загрозува економијата

„За расизмот, антисемитизмот и десничарскиот екстремизам нема место во нашето претпријатие“, стои на плакатот во градежната фирма Бетон-сервис во Витенбург. Неонацистот сигурно нема да се промени поради еден плакат. Но пораката е јасна, ксенофобијата не се толерира во таа фирма.

Бетон-сервис се наоѓа во геманската покраина Мекленбург-Предна Померанија. Оваа покраина е позната по многубројните летувалишта, езера, шуми и плажи, но не само по тоа. Имено, во некои региони на оваа германска држава за екстремно десничарската партија NPD гласаат повеќе од 10% од гласачите. Освен тоа, во одредени села неонацистите имаат и свои канцеларии, па дури и клубови.

Имиџот е важен за бизнисот

Десничарските екстремисти имаат лошо влијание за сликата што јавноста ја има за таа сојузна држава. Истото важи и за другите предели во источна Германија. Непосредно пред последните покраински избори, Германскиот синдикат DGB и Сојузот на претприемачи од покраината Мекленбург-Предна Померанија издадоа брошура со која сакаат да им се спротивстават на десничарите и да се изборат за подобар углед на родниот крај. Овие организации предупредуваат дека имиџот на ксенофоби ќе ги избрка туристите и муштериите, како и дека деловните партнери ќе останат на дистанца.

Тешко е да се пресмета цената на лошата репутација, особено за целиот регион. Сепак, одредени стопански гранки имаат и конкретни бројки - со подобрување на имиџот, покраината би имала дополнителни 400.000 туристи во своите летувалишта секоја година. Така веи туристичкиот сојуз на оваа германска држава.

„Можно е да ги избркавме“

Дали инвеститорите навистина ќе вложуваат повеќе ако се распуштат нацистичите клубови? Тоа не е сигурно. Сепак, една студијата на истражувачи од универзитетот Хале-Витенберг од пред неколку години покажа дека деловните луѓе го земаат предвид нивото на ксенофобија и десничарско насилство кога го бираат местото во кое ќе работат. Тоа го потврдуваат отприлика една петина од претпријатијата во источна Германија и околу 10% од оние од западната страна.

Бригит Нојман е дел од тимот советници на Германскиот синдикат (DGB-Nord) и нејзина работа е да им помага на претпријатијата да излезат на крај со десничарскиот екстремизам. Таа тврди дека и пратениците на екстремната десница во покраинскиот парламент ја прават таа покраина помалку привлечна.

Портпаролот на регионот Предна Померанија-Грајфсвалд, Ахим Фроцхајм, ги гледа работите на сличен начин: „Кога се одржуваат избори, луѓето кои одат на одмор мораат да се возат покрај плакатите на NPD. Нормално, се создава многу негативна повратна информација. Сосема е јасно дека тоа е лоша препорака за место за работење. Ако странските компании ги истражуваат можните локации за својата фирма, можат да дознаат и колку на тоа место се активни десничарите. Можеби одредени компании се откажуваат токму поради тоа“, вели Фроцхајм.

Извор: Deutsche Welle