Лепачи на плакати и лепачи на етикети се скарале околу партиските заслуги

09.05.2013 14:33
Лепачи на плакати и лепачи на етикети се скарале околу партиските заслуги

Скопје, 9 мај 2013

Меѓу неколку членови на подмладокот на владејачката партија избила жестока кавга во кафеаната „Лавја опашка“, затоа што не можеле да се согласат кој има поголеми заслуги за изборната победа, дознаваат Пара вести од извори блиски на ДПМНЕ.

Неколку членови на партијата кои лепеле плакати насекаде низ државата сметале дека се најзаслужни за одличниот изборен резултат, но на тоа жестоко се спротивставиле нивните партиски колеги, меѓу кои имало и новинари, тврдејќи дека заслугата им припаѓа ним, затоа што им лепеле етикети и ги жигосувале сите политички противници.

„Јас успеав да залепам плакати на куќите на сите неопределени кај мене во маало, на влезните врати, на вратите во гаражите, во полските вецеа, а оставав програми и во фрижидерите на граѓаните. Кој е сега главен?“ - вели 19-годишниот Н.Р., кој смета дека е еден од најзаслужните за победата на ДПМНЕ на локалните избори.

Неговиот постар колега, новинарот З.З. вели дека етикетите кои тој им ги залепил на политичките противници се од неспоредливо поголемо значење за победата.

„На еден му пуштив муабет дека препишувал на тест во средно, на друг дека баба му не знаела да плете чорапи, на трет дека добил две корпи во една вечер, на четврт дека вујна му се дружи со сатанисти...“, гордо нагласува З.З.

Расправијата помеѓу двете групи, во која учествувале и нашите соговорници, била на работ на тепачка, но ја спречил висок функционер на партијата, кој веднаш дотрчал и им поделил нови маички и капчиња со партиските симболи, по што страстите се смириле.