Во пламен

10.05.2013 05:48
Во пламен

Градското собрание во Варна е изградено во доцен комунистички стил, а над влезот има настрешница од бетон. Кога влегувате, сакале или не, морате да ја наведнете главата. На плоштадот пред него се запали Пламен Горанов.

На 20 февруари со канистер и транспарент се појавил пред канцеларијата на градоначалникот и го повикал градското собрание да поднесе оставка. Потоа се полеал со бензин, а веќе следниот миг бил во пламен. Она што се случувало потоа до денес не е расветлено. Дали градските службеници навистина брзо реагирале и донеле апарат за гасење пожар? Дали имало кошкање со обезбедувањето?

Во возилото на брзата помош Горанов наводно рекол дека протестирал, но не сакал да се убие. Единаесет дена подоцна им подлегнал на тешките изгореници. Неговите пријатели оттогаш бараат сведоци. Потегот на Пламен го виделе барем дваесет луѓе, но никој не сака отворено да зборува за тоа. Постојат и видео снимки, бидејќи дури четири камери го снимаат овој градски плоштад, но властите ги држат материјалите под клуч.

Пламен Горанов не е прв, а ниту последен, кој во последно време се запали во Бугарија. Уште пет луѓе во очај се решиле на истиот чекор. Меѓутоа, овој 36-годишник е најпознатиот. Сакал да протестира против државната моќ, а веќе подолго време се борел против корупцијата и злоупотребата на државниот апарат. „Пламен беше нашата совест“, вели неговиот пријател Ник Тодоров. Ја сакал природата, бил алпинист и повремено работел на високи згради. Се обидел да го живее својот живот така што нема да им создава проблеми на другите, нема да ја оптоварува заедницата и нема да ја уништува природата. Тоа се и причините зошто Горанов бил во првите редови кога во февруари започнаа протестите против владата.

По неговата смрт пред собранието се закачени транспаренти на кои пишува: „Ја распаливте нашата храброст и љубов кон слободата“. Горанов стана херој за демонстрантите кои веќе два месеци протестираат против владата. Ширум земјата стотици илјди луѓе излегуваа на улица, а само во Варна имаше околу 30.000. Повод за протестите беа високите цени на електричната енергија, иако вистинската причина е незадоволството со трулата политичка класа. Под притисок на улицата оставка даде и премиерот Борисов. Предминатата недела откриен е нов скандал кој особено тешко го товари поранешниот премиер. Станува збор за прислушкуван разговор во кој тој наводно се обидува да заташка една корупциска афера. Овој викенд Бугарија бира нов парламент, а веќе 41% од населението според анкетата на „Новините“ е убедено дека изборите ќе бидат наместени. Надеж за нова промена едвај постои. Борисов повторно се кандидира, иако ниту опозицијата нема помалку валкани раце.

Кликата од комунистичко време ја подели земјата меѓу себе. Тие доминираат во парламентот и државната управа, победуваат на најдобрите државни конкурси и тендери, им се закануваат на новинарите и поврзани се со организиран криминал. Бугарија е најсиромашна земја во ЕУ, економијата стагнира, околу половина милион Бугари емигрирале. Од еуфоријата во 2007, кога Бугарија неочекувано рано беше примена во ЕУ, денес не остана ништо. ЕУ деновиве донесе одлука да не ја прими Бугарија во шенгенскиот простор.

Но, Пламен Горанов ја потресе земјата. Секоја сабота на плоштадот пред градското собрание во Варна се собираат граѓани и држат верска служба. Во спомен на Пламен донесоа камења кои ги собраа на куп. Пример им се жителите на селото од песната „Грамада“ на Иван Вазов, кои го направиле тоа пред куќата на својот градоначалник бидејќи се здружил со злите сили. Злите сили тогаш биле османлиските окупатори.

И Пламен Горанов верувл дека политичарите во Варна се во служба на злите сили. ТИМ е името на компанијата која управува со овој град, а мислењето на Пламен го делат сè повеќе Бугари. ТИМ е кратенка составена од почетните букви на презимињата на нејзините основачи, тројца поранешни елитни војници, кои на почетокот на 90-те основале фирма за обезбедување. На грбот на оваа компанија се наоѓа тројански коњ. Почетниот капитал наводно дошол од шверц, игри на среќа, кражба на автомобили, проституција и трговија со дрога. Потоа приходите се инвестирани во легални работи. Набрзо ТИМ се издигнува до статус на империја. „Нова сила во организираниот криминал во Бугарија“, како што ги нарече американскиот амбасадор во 2005.

Денес се проценува дека ТИМ вработува 30.000 луѓе. Компанијата има удел во Bulgarian Air, поседува шест телевизиски канали, најголемиот весник во Варна и хемиската компанија Chimimport. „Варна е слика на цела Бугарија“, објаснува Спас Спасов. Тој е најдобар познавач на групацијата ТИМ и еден од неколкуте независни новинари. Неговиот магазин Капитал не може да му обезбеди ниту канцеларија, па тој работи од дома. „Повеќето политичари во градското собрание се потполно рамнодушни кон судбината на Варна. Целта им е само личното богатење.“ На речиси секој градски тендер победуваат фирмите од групацијата ТИМ и тоа под најповолни услови.

Спасов е хроничар на овие скандали. ТИМ до сега не го чепкале, само еднаш му стигнала завиена закана. Еден од шефовите му ја испратил „Вештината на војувањето“ од Сун Цу со лична посвета: „Човек не треба да води војна со оној кого не може да го победи или со кого не може да се спријатели“. И покрај тоа, Спасов продолжува да пишува, а најмногу за Алеја број 1, класичен случај на корупција во Бугарија. Станува збор за парк во центарот на Варна, кој се протега долж брегот на Црно Море. Паркот опфаќа плажи со ситен песок, објекти од културно значење кои датираат уште од 20-те години на минатиот век. Градот всушност не смее да ја продаде оваа локација, но на градоначалникот и сопствениците на ТИМ им паднало на памет нешто друго. Правниот статус на земјиштето е променет, а продажната цена е утврдена на смешни 50 евра од метар квадратен. ТИМ планира тука да изгради луксузни станови и ресторани.

„Бугарите не се ништо покорумпирани од другите народи, само проблемот е што во 1989 немавме вистинска револуција. Диктаторот Тодор Живков е срушен со ’дворски удар’. За разлика од Полска или DDR, овде старите елити останаа на власт. Земаа нови имиња и најпрофитабилните државни компании“, смета Спасов.

Пламен Горанов веројатно го разочарал начинот на кој ТИМ го преземал градот. Минатото лето со група пријатели организирал перформанс во Варна - три црви, означени со Т, И и М, се настрвуваат на златно јаболко. „Јаболкото го симболизира градот“, вели Радостина Петрова, која учествувала во проектот. Стариот фрижидер ги претставувал граѓаните, студени и парализирани. „Луѓето беа одушевени.“

„Потресена сум, но не сум изненадена што се реши на такво нешто“, додава Петрова која до скоро во САД студирала графички дизајн. Горанов бил сè повеќе фрустриран. За време на протестите пред електродстрибуцијата рекол: „Нема ништо од ова. Овде нема никој. Никој нема да го види ова. Можеби би требало да се запалам“.

Песната „Грамада“ нема среќен крај за моќниците, на крајот градоначалникот морал да си оди. Купот од камења и понатаму расте.

Извор: Spiegel