Господ мора да се раздели на повеќе мали божества

10.05.2013 06:29
Господ мора да се раздели на повеќе мали божества

Вашингтон, ДЦ

Американскиот окружен судија во понеделникот пресуди дека Господ го прекршил законот против монопол и му нареди да се раздели на повеќе мали божества. Притоа положбата на теолошкиот гигант во верската индустрија ја опиша како дрско антиконкурентска.

„Доказите изнесени во текот на судењето ме уверија дека божеството познато како Господ свесно и намерно ја отстранило конкуренцијата од други божества и полубогови, па ја протуркало Својата религија со нечесни застрашувачки тактики какви што се, на пример, заканата упатена кон неверниците за вечно проклетство. При споменатиот процес си обезбедил противзаконски монотеопол“, запиша окружниот судија Чарлс Елиот Скофилд во образложението на пресудата.

Во тужбата што ја поднесе министерството за правда во име на коалицијата од „помали божества“ и многубожните смртници е изнесено тврдењето дека Господ го прекршил законот за антитруст со тоа што во Библијата тврди дека Тој е единствениот творец на универзумот, притоа остро забранувајќи го почитувањето на нештата што тој ги нарекува лажни идоли.

„Господ јасно заповеда дека нема други богови освен Него, а можните дезертери во повеќе наврати ги опоменува со зборовите: ’јас сум Господарот твој’. Господ се служи и со други насилнички средства за да си ја обезбеди и одржи предаденоста на човештвото кон себе, па затоа, меѓу другото, од луѓето бара да Му ги посветат своите првородени синови и да ги обрежат со цел да ја докажат својата вера. Постојат и бројни докази што потврдуваат дека ги затепувал со гром луѓето што ќе ги фател додека оддавале почит на идоли“, рече тужителот Џефри Алберт.

Адвокатите на Господ не ги порекнаа таквите обвинувања. Меѓутоа, напомнаа дека Господ на своите следбеници како замена за предаденоста им нуди неспоредливи погодности, како што се вечниот спас, заштитата од зло и плодноста.

„Господ прв му пристапил на еврејскиот народ и му понудил ’заветен’ договор со кој е загарантирано дека тој народ во Неговите очи секогаш ќе го има водечкото место, па така се поставени и стандардите на моралноста, чистотијата и личното однесување кои по своите обележја биле далеку понапредни од сè што се практикувало во тоа време“, рече главниот адвокат на одбраната Патрик Чајдерс.

„Тој отворено признава дека е ’љубоморен’ не затоа што се чувствува загрозен од конкурентските богови туку затоа што е сосема уверен дека Тој е најдобриот избор за смртниците. Многу од таканаречените богови воопшто не се ни грижат дали некој ќе сведочи лажно или ќе ја љуби жената на својот ближен. Нашиот клиент, од друга страна, е вистински ’Богочовек’“, додава Чајдерс.

Сепак, на крајот Господ не успеа да го увери Скофилд дека не ги создал намерно неповолните услови за конкурентските божества. Адвокатите на Господ се обидоа да го уверат судијата во Неговата отвореност кон ривалите, притоа укажувајќи на Неговото вечно учество во „Светото тројство“, но тој обид им пропадна кога Скофилд излезе со тврдењето дека Исус Христос и Светиот Дух се попрво слуги на Господ отколку негови конкуренти.

Следствено на државната одредба за антитруст, на Господ му е наредено да се раздели Себеси на пантеон од специјализирани богови, секој со свое претставништво за одредена животна сила, одредени човекови обичаи, занимања или состојби на духот.

„Може да очекуваме да се појават бог на сонцето, бог на месечината и бог на дождот. Потоа веројатно ќе се појават и некои помошни божества како што се богот на виното, богот на жетвата, а можеби и некое што ќе ја симболизира човековата љубов и/или ковачкиот занает“, рече аналитичарката на верската индустрија Кетрин Бејли.

Водечките теолози со одобрување го дочекаа разединувањето на Господ, истакнувајќи дека со тоа почнува нова епоха која нуди повеќе можности за почитување божества, ја подобрува ефикасноста и овозможува пружање лични услуги.

„Господовиот систем за одговарање на молитвите е оптоварен со големи, хронични доцнења, а во текот на споменатиот процес многу молитви не се услишени. Во политеизмот корисникот се моли само на едно божество кое се занимава исклучиво со грижата што го мачи. Сакате деца? - Молете ѝ се на божицата на плодноста. Сакате да положите некој тежок испит? - Молете му се на богот на мудроста итн. Ваквата децентрализација ќе донесе индивидуализација на услугите и ќе го скуси времето што е потребно за одговор на барањето“, изјави Џин Сузи, теолог од Феникс.

Други стручњаци за верски прашања се уверени дека таквото разединување нема да даде добри резултати, при што укажуваат на хаотичната природа својствена за политеистичките религии и истакнуваат дека повеќекратните божества бараат сложен систем на почитување што на голем број верници може да им се чини одбивен и непрактичен.

„Ако луѓето сакаат да живеат во свет каде што на боговите можат да им принесуваат жртви на куќното огниште за да им запали колата во некое зимско утро, тогаш така нека им биде. Притоа, пониските божества се познати по својата немирна и користољубива природа. Почесто се мешаат директно во дипломатските односи, грабнуваат жени за да ги направат свои љубовници и не се притеснуваат да побараат жртвување на по некое дете во нивно име. Монотеизмот, и покрај сите свои недостатоци, е еден практичен, стабилен и доследен морален поглед на светот“, рече отецот Томас Рајнхолд, професор по теологија на чикашкиот универзитет Лојола.

Едно од божествата кое ја поздрави пресудата е богот Зевс, кој изјави дека е восхитен и дека целосно ја поддржува одлуката.

„Минатите неколку илјади години непрекинато се дерев дека тој третокласен небесник неправедно ме исфрли од играта. Сите добри идеи ги украде од мене: Кој прв го создаде човекот според својот изглед? Кој прв го казни човекот поради неговите гревови? Кој прв живееше вечно на небото? Од каде ви е претставата за застрашувачкиот, патријархален, белобрад, разорен створ? Па дури и финтата со громовите! Јас ги правев сите тие работи две-три светлосни години пред него, пред тој мрсулко да се вплетка во играта“, рече Зевс јавувајќи се од својата вила на Олимп.

Адвокатите на Господ тврдат дека ќе поднесат жалба и дека се подготвени да одат и до врховен суд, ако треба.

„Оваа одлука е силен удар за сите почитувачи на Господ низ целиот свет. Нема да ја примениме одлуката за разединување сè додека не ги исцрпиме сите правни средства. Цврсто сум уверен дека на крајот Господ ќе победи, имајќи предвид дека Тој и неговите адвокати се семоќни“, рече Чајдлерс.

Текстот е преземен од книгата „The Onion“ во издание на Темплум, која претставува избор сатирични вести/приказни од истоимената интернет страница.

Слики: Вил Балас