Шпиономанија (2)

11.05.2013 12:53
Шпиономанија (2)

Зарем не постои некој начин на кој USAID би можеле и понатаму да продолжат да ве финансираат?

Како? Да ги носат парите во куфери, а и ние, исто така во куфери да ги дистрибуираме по регионите? Така се финансираат само криминалците. Јас немам намера да разнесувам куфери со пари по регионите и на тој начин да ја финансирам мрежата на набљудувачи. Тоа не само што е смешно, туку е и опасно, и се разбира морално недозволиво.

Дали ФСБ (Федералната служба за безбедност) ја проверува вашата агитациона работа?

Да. И тоа регуларно. ФСБ редовно ги повикува на разговори сите наши кординатори во регионите. На почетокот тоа беше прилично меко. Ги повикуваа, ги распрашуваа за нивната дејност и благо ги советуваа велејќи им: „Зошто ви е сето тоа? Вие и самите знаете дека таа организација се издржува од американски пари.“ Сега се многу погруби.

Погруби? Во која мера?

Во Глас веќе цела една година се спроведува даночна контрола. Ние им ги дадовме на увид сите договори коишто ги потпишавме со сите наши набљудувачи и сега тие ги повикуваат сите посебно на разговор со образложението дека направиле даночен прекршок.

Во што се состои прекршокот?

На денот на изборите на сите наши набљудувачи обично им исплаќавме по 1100 рубљи. Сто рубљи за повиците и илјада за извршената работа. Поконкретно кажано, тоа всушност беше надокнада за нивните трошоци. Секој набљудувач мора да пристигне до изборното место, таму да го помине целиот ден, во текот на денот да јаде нешто и доцна вечерта, обично со такси, да се врати, носејќи ги со себе материјалите. А тие сега ги викаат луѓето на даночна инспекција и вршат притисок на нив, бараат да им потврдат дека не примиле никакви пари и дека потписот на документот е фалсификуван. И ова е типична провокација, а верувам нив ќе ги има многу. Ним не им е важно тоа што на суд лесно ќе докажеме спротивното. Ним им е важно само да дојдеме до суд и во јавноста да се прошири приказната за обвинението според кое Глас е уште една од многуте организации кои крадат пари.

Мислите дека можат и вас да ве затворат?

Многу лесно. Цело време се чудам зошто толку го одолговлекуваат тоа.

Можеби сметаат на тоа дека вие самите едноставно ќе пропаднете? Бидејќи, како што сите знаеме, нема руски пари.

Да, се чини дека е така. Бидејќи USAID беше нашиот главен финансиер мислеа дека во истиот момент кога ќе го затворат и ние ќе исчезнеме. Но наместо тоа, ние продолживме да работиме со полна пареа. Во Русија практично секоја недела се одржуваат некакви локални избори и на сите овие извори присуствуваат и набљудувачите од Глас. Воопшто не го очекуваа тоа. Тие никако не можат да разберат како го создадовме овој модуларен облик на граѓанска контрола кој е заснован исклучиво на волонтери. Дојдовме дотаму што од секое село ни се јавуваат и нè прашуваат: „А ќе учествува ли Глас и на нашите избори?“

И го сакаат Глас таму?

Сите го сакаат Глас. И затоа мислам е дека е нужно да смислиме како да дојдеме до пари. Помисливме и да им се обратиме на учесниците во изборите, да им понудиме официјални договори за обука на кандидатите и партиските кадри. Но мене таа опција најмалку ми се допаѓа. Ние сме навикнати да бидеме независни, а така испаѓа дека мора да бараме пари од изборните кандидати. А во тој случај се појавува и психолошката бариера. Самиот чин на барање пари е нешто што воопшто не ми се допаѓа.

Но не ви сметаше да барате пари од странците?

Јас ништо никогаш не барав од нив. Тие објавија конкурс, јас ја напишав пријавата, го поднесов својот проект и со него победив на конкурсот. Ова е сосема различно од тоа да се бараат пари со испружена рака …

Но испаѓа дека ќе морате да барате пари или …

Или ќе ја затворат Глас.

Или на челата да си напишете дека сте „шпиони“?

Тоа за нас е нешто сосема нереално. Тоа а апсолутно неприфатливо. Да ги лажеме нашите граѓани дека ние всушност не ги штитиме нивните права на отворени и фер избори, туку дека ги извршуваме наредбите на странските служби за известување е најлошото нешто што може да ни се случи, не само на нас, туку и на која било друга организација.

Министерството за правда ја спомна наградата Андреј Сахаров која Глас ја доби од страна на Хелсиншкиот комитет, но не ја прифати.

Тоа не е вистина. Ние ја примивме наградата, но не ги прифативме парите (7728 евра). Јас присуствував на доделувањето на наградата, и со благодарност ја примив дипломата. Уште тогаш беше јасно зошто тој закон е напишан на тој начин. Во истиот момент кога парите ќе пристигнат на сметката на Глас, тие ќе дојдат по нас.

Но тужбата е подигната. Дали постојат шанси да го добиете тој судски процес?

Бидејќи ние не ги примивме парите, не би смееле да го изгубиме тој процес. Парите од наградата пристигнаа на сметката во банката и ние веднаш ги вративме назад. Ние не ги употребивме тие пари. Но политичкиот притисок е толку силен, што дури и министреството за правда потклекна. А таму каде што потклекнува министерството за правда, ќе потклекне и судот. И бидејќи Глас е одбран за првата жртва, ќе добиеме максимална казна. Мислам дека ќе стигнеме до Уставниот, а можеби и до Европскиот суд.

А ако судот ве принуди да им се обраќате како агенти …

Ние тоа можеме да го прифатиме само ако сметаме дека се занимаваме со политичка активност.



А учеството на граѓаните во контролата на изборите не е политичка активност?

Од моја гледна точка не е. Тоа е граѓанска контрола.

Но од таа граѓанска контрола може да зависи која парија ќе добие повеќе гласови на изборите. Од тоа може да зависи целата иднина на земјата.

Не. Тоа зависи исклучиво од тоа дали изборите биле фер и од начинот на кои се броени гласовите на избирачите. Тоа не зависи од нас.

Јас мислам дека тоа е прилично парадоксално: една руска невладина организација добива меѓународна награда и наместо да се радуваат, да се горедат со тоа што Русите добиле награда, тие ги нарекуваат агенти и ги носат на суд.

Нема тука никаков парадокс. Тоа е болеста на нашата власт. Според мене, и самиот Путин страда од таа болест. Кај него шпиономанијата очигледно е длабоко всадена, толку длабоко што веќе преминала и на законодавната и извршната власт. Ова болест прерасна во епидемија. И тоа е најстрашно од сè. Одговарајќи на прашањето за оваа масовна окупација на невладините организации од страна на власта Путин одговори дека тоа е редовната контрола спроведена од страна на обвинителството. Но проблемот е во тоа што обвинителството може да врши редовни проверки само врз работата на државните органи.

А министерството за правда?

И министерството за правда го има тоа право. А обвинителството може да реагира само врз основа на конкретна пријава. Основната задача на обвинителството е да го штити законот, а тоа самото го гази тој закон, додека Путин е правник и наглас ја изговара реченицата за тоа дека органот кој нема право на такви редовни контроли сепак ги врши – ќе признаете дека тоа е многу загрижувачки. Затоа јас мислам дека тој боледува од шпиономанија, при што тој веќе воопшто не владее со настанатата ситуација. Таа започна самата себеси да се управува, бидејќи вертикалата која тој ја создаде доживеа колапс. Репресивната машина започна да работи, таа има свој сопствен живот и тој веќе не може да ја сопре. Тој веќе нема реални информации за тоа што навистина се случува зад ѕидовите на Кремљ. Тоа многу јасно се воочува за време на неговите јавни настапи. Кога предложи на сите изборни места да се постават видео камери, ние навистина се запрепастивме. Човекот кој на своите сопствени избори сака на сите места да постави камери е човек кој сериозно верува дека дека изборите се навистина фер. Тоа е граѓанска постапка од висока категорија! Јас тогаш предложив да го номинираме Путин за наградата Борец за фер избори, која ја доделува Глас, но од некоја причина комисијата го одби мојот предлог.

Што мислите, дали е возможно Путин да се излечи од „шпиономанијата“?

Мислам дека нашиот совет би морал да се обиде да помогне (Лилија Шибанова е член на Советот за развој на граѓанското општество и човековите права при администрацијата на претседателот на Руската Федерација). Би требало да го повикаме Путин да присуствува на седницата на нашиот совет (и тоа токму тој да дојде, а не да прати некој од своите луѓе), и да започнеме отворен разговор со него. „Драги претседателе, ние сме вашите советници и додека не сте не избркале сите, ние би сакале да ви поставиме неколку прашања. Од каде ги добивате сите тие информации со кои потоа нè засипувате?“ (Според зборовите на Путин, во последните четири месеци, невладините организации во Русија добиле 28,3 милијарди рубљи од странство). Би го прашала и во што се состои неговиот личен проблем во однос на невладините организации. Зошто токму тие предизвикуваат толкав ужас кај него?

Мислите дека се работи за негов личен страв?

Мислам дека неговиот страв е заснован на информациите коишто неговиот административен апарат редовно му ги доставува. А имајќи го предвид неговото минато со КГБ и фактот дека длабоко во него сè уште е присутен вирусот на шпиономанијата, тој многу лесно се плаши од информациите дека Западот ги храни сите опозиции. Да не постоеше Западот и нивните пари не би постоеле ниту „портокаловите револуции“ и сите би го сакале Путин најмногу на светот. А вака Западот им дава пари, а тие го вознемируваат народот. Од една страна стои неговата лична фиксација со антизападната доктрина, а од друга информациите со кои постојано го хранат. Мислам дека е време за разговор со психолог.




Дали вие лично, гледајќи го во очи, би можеле да му кажете: „Владимир Владимирович, вие боледувате од шпиономанија?“

Со болните обично не се разговара на тој начин. Ним мора да им се пристапи помеко, поделикатно. Треба да се пронајдат зборови кои не би го принудиле веднаш да заземе одбранбен став. На пример, јас со големо задоволство би му го покажала видео материјалот кој е снимен со неговите камери поставени на изборните места. Само нека го погледне, без никакви коментари. Уверена сум дека никој досега и не му ги покажал овие снимки.

За промена на неговиот поглед на свет не е доволен само еден разговор, една реченица. Еве, да претпоставиме дека ќе ми се укаже прилика навистина да му кажам такво нешто. И што? Па нему секојдневно му говорат дека јас сум шпион кој добива милијарди за да организира секакви подлости против него.

Не се плашите дека ќе завршите во затвор?

Јас сум во онаа возраст кога многу малку работи можат да ме исплашат. Мислам дека сето ова може да заврши и многу полошо. Бидејќи за нив судскиот процес е многу тешка, многу помалку примамлива варијанта. Тие повеќе би сакале да нè протераат од земјата, или уште полошо – да нè дискредитираат. Да нè прогласат за крадци кои земаат пари од набљудувачите. Јас не знам до која граница може да стигне желбата за одмазда, но ми се чини дека ќе појде по патот на дискредитацијата. А за мене тоа е многу пострашно од затвор.

Извор: pescanik.net

Кон првиот дел

Слични содржини

Општество / Активизам
Општество
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Gif
Балкан / Став

ОкоБоли главаВицФото