Одењето во рајот излегло од ќотекот

11.05.2013 14:21
Одењето во рајот излегло од ќотекот

Скопје, 11 мај 2013

Македонскиот научник Свето Петревски со своето најново истражување успеа да докаже дека ќотекот не излегол од рајот, туку дека работите всушност стојат обратно - одењето во рајот честопати доаѓа од ќотекот.

Истражувањето е спроведено врз 1.000 испитаници, од кои само триесетина мазохисти учествувале доброволно. Испитаниците биле подложени на удари со тупаници и клоци во главата, удари со дрвени и метални палки, боксирачи и други тврди предмети.

„На крајот од експериментот сите испитаници починаа, т.е. отидоа во рајот. Единствено се разликуваше времето потребно за да ги испратиме таму со помош на ќотекот. Од друга страна, нема никакви докази за излегувањето на ќотекот од рајот“, вели Свето Петревски.

Се очекува популаризацијата на неговото откритие да го намали бројот на случаи на семејно насилство во домовите на конзервативните родители. Но дека популаризацијата нема да оди лесно говори реакцијата на Здружението на насилни родители.

„Очигледно Свето Петревски не јадел доволно ќотек како мал, па сега се занесува и ги преиспитува еднаш засекогаш утврдените вистини. Ќотекот излегол од рајот и точка“, вели  претседателот на здружението Страхил Силеџиоски, кој воедно е и директор на градинката „Модро детство“.