Боливуд сака да снима филмови во Скопје

13.05.2013 08:31
Боливуд сака да снима филмови во Скопје

Индиската компанија „Олд њу имиџ“, која пред две години ја сними една од најпопуларните ТВ серии во Индија – „Крави“ – се интересира за снимање филмови и кај нас, а можеби ќе отвори и филмско студио.

Најголемата филмска индустрија во светот ја „пикираше“ нашата земја, односно нашиот главен град како можна дестинација за снимање високобуџетни филмови. Претставници од „Олд њу имиџ“ минатата недела беа во Скопје за да ги испитаат условите на пазарот, но пред сè архитектонските поволности што ги нудиме.

Премиерот на република Македонија, Никола Труевски, вели дека компанијата „Олд њу имиџ“ е заинтересирана за снимање неколку филмови во Скопје, но под услов да го доизградиме проектот „Скопје 2014“.

„За некој да влезе да снима и да продуцира кај нас важно е Владата да направи чекори за довршување на проектот ’Скопје 2014’, бидејќи филмската компанија сака да сними филм во кој ќе ги искористи кадрите со новите згради како замена за Виена, каде што во филмот ќе се случува дејствието, а која е скапа како локација за снимање. А бидејќи после Виена во Европа најубавиот град во моментов е Скопје, компанијата донесе одлука токму овде да сними неколку филмови, што ќе претставува огромна придобивка за туристичката промоција на земјата и на градот во светот“, изјави премиерот и додаде дека компанијата на ниеден начин не е поврзана со индискиот милијардер Субрата Рој.

Во „Олд њу имиџ“ не го кријат задоволството од претстојната соработка.

„Воодушевени сме од изгледот на новото Скопје, и едвај чекаме да заврши проектот за да почнеме да снимаме филмови кои веродостојно ќе ги прикажат убавините на вашиот град пред индиската и светската публика“, изјави Рубрата Сој, директор на филмската компанија.

„Веќе најдовме неколку локации кои сигурно ќе влезат во потесниот избор за места на кои ќе се снима, ама бидејќи сè уште се во процес на преговарање, не можам да ви соопштам дополнителни детали“, додава тој.

Граѓаните на Скопје се презадоволни од најновата вест. Голем дел од нив сметат дека крајно време е да почнат да се снимаат филмови во гравниот град.

„Сè уште го паметам ветувањето на еден наш режисер кој рече дека по изградбата на ’Скопје 2014’ ќе ја донел Мерил Стрип да снима филмови во Скопје“, вели Денко М., 39-годишен невработен магистер по висока технологија. „Кој и да снима филмови, тоа е добар знак за градот, зашто ќе помогне во развојот на локалната економија“, додава тој.

„Пресреќна сум што ќе се снимаат филмови во Скопје“, вели Трајанка Р., 67-годишна пензионерка. „Се надевам дека ќе ги даваат на МТВ во некое пристојно време.“

„Одлична вест!“, вели Станко Петровски, страстен риболовец на брегот на Вардар. „Се надевам дека и јас ќе добијам некоја мала улога во филмот!“

Од Владата не прецизираа кога точно ќе заврши проектот „Скопје 2014“ и кога ќе започне снимањето на филмовите.