Тротоар

13.05.2013 10:51
Тротоар

Еве еден, не толку интересен, колку симптоматичен настан. Кога на 9 мај таканаречениот Фронт за слобода на изразувањето реши да организира протести против најавените цензорски мерки во новиот закон за медиуми, пред зградата на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, првите учесници на протестот што се појавија со транспаренти во рацете (Уранија Пирковска и Жарко Трајаноски) беа предупредени од униформираните лица дека не смеат да стојат на тоа место. По извесно вербално убедување, полицајците попуштија, меѓу другото, и пред аргументот дека станува збор за тротоар и дека белким е сè уште дозволено задржување на пешаците на тротоарот. Во исто време, во зградата на претставништвото на ЕУ се одржуваше прием по повод Денот на Европа, на коj беа поканети и присуствуваа повеќе претставници на државната и на локалните власти, а нивните службени автомобили, заедно со возачите, беа паркирани на истиот тој тротоар, веднаш зад аголот. Значи, не само што за полицајците што ја осигуруваа зградата беше нормално автомобилите да бидат паркирани тука, а не да стојат учесниците на не премногу бројниот протест, туку се доби впечаток дека меѓу другото се задолжени и за осигурување на превозните средства на овдешните моќници. Од друга страна, изгледаше дека и за самите протестанти е вообичаено на тротоарот да има автомобили, особено ако се во службена употреба на народната власт.

Со други зборови, ако некогаш сте помислиле која е дефиницијата за тротоар, објаснувањето не било никогаш полесно: тротоарот е сето она што тој не е во Скопје. Слободно гледајте некој скопски тротоар и обидете се да опишете негов антином, тогаш нема да згрешите во прецизниот опис на тротоарот. Имено, таа пешачка патека крај коловозот (ете ја наједноставната дефиниција) е неприкосновена слободна зона токму за пешаците. На неа, освен дрвја, евентуално зеленило и клупи кои се со сосема одредена функција во корист на пешаците, не би смеело ништо да има – ни билборди, ни кафеански маси, ни столпчиња што глумат ограда, ни црквички, ни водоскоци, а најмалку превозни средства, вклучувајќи ги тука, се разбира, пред сè автомобилите, но и мотоциклите, а и велосипедите, чија агресија по скопските тротоари е очигледна и токму поддржана од градските власти. Имено, велосипедската патека воопшто не подразбира одземање на тротоарскиот простор (како што е тоа направено на преминот меѓу општините Центар и Аеродром со просто фарбање на половина тротоар со црвена боја), а особено не како во скопскиот (аеродромскиот) случај каде што бојосаните велосипедски патеки се ставени во внатрешниот дел од тротоарот, оној што е подалеку од коловозот, односно делот каде што пешаците, при сообраќајна гужва (каква што е секогаш во Скопје), инстинктивно се движат.

Ако сообраќајот го земеме како култура за себе, тогаш, без оглед на развиеноста на средината, пешакот е неприкосновен, или што би се рекло во сообраќајниот жаргон, секогаш има предност. Освен кај нас, и тоа на територијата која би требало безусловно да ја поседува. Најчесто се сите делови од улицата поважни од она што му припаѓа на пешакот. Кафеаната, на пример, има приоритет да ги нареди своите маси, се разбира, на штета на тротоарот. Исто така, зградата има приоритет да се прошири на иста сметка. Конечно, и државата, општината и кој и да е, има приоритет да загради половина улица за сопствените градежни егзибиции. Пешачките острови, ете, безмилосно исчезнуваат, а на нивно место растат споменици и цркви. И така натаму... Тротоарот, едноставно, е дискриминирана категорија. Простор во исчезнување. Сè ќе се реновира, а тротоарот (ако опстане) ќе биде последен на списокот за разубавување. Дури и пешачките зони не вредат ништо, ако не постојат тротоари (а не паркинзи и катни гаражи) што водат до нив.

Тротоарот, ете, сам по себе, е урбан топоним од првенствено значење. Дефинитивен знак на урбаната култура. Тој ја симболизира слободата на градскиот човек. Колку си слободен на тротоарот, толку ти е слободно движењето, а движењето е основата на секоја слобода. Тротоарот, значи, не влегува во урбаната опрема – тој постои сам за себе и по себе. Тој е основата за слободна размена на идеи, главниот полигон за демонстрација на трендовите. Конечно, не е случајно што името на списанието што своевремено во Македонија беше едно од ретките што ја промовира урбаната култура, го носеше името „Тротоар“. Ако сакаме да бидеме злобни, тогаш ќе кажеме дека и гаснењето на ова периодично издание, што го покренаа и работеа група тогаш млади ентузијасти, или, како што денес би рекле, „градски деца“, секако не е случајно! Тука урбаната култура најтешко вирее.

Додуша, и една телевизиска емисија (ако не се лажеме, во продукција на „Томато“) го носи истото име, инаку емитувана на Канал 5 и МТВ, но, сепак, нејзиниот забавен и до некаде инфантилен (по малку жолт) карактер ја дисквалификува од важниот општествен пропагаторски дел на овој културен сегмент.

Токму во смисла на вообичаеноста на тротоарот, и неговото реферирање во уметничките дела е речиси занемарливо. Иако, се разбира, постојат некои битни уметнички дострели што се потпираат токму на – тротоарот. Во таа смисла вреди да се спомене фамозната книга за деца „Каде што завршува тротоарот“ (Where the Sidewalk Ends, 1974) на американскиот поет, музичар и сликар Шел Силверстеин (1930-1999), кој инаку ќе каже дека крајот на тротоарот е она што за некогашните деца беше крајот на хоризонтот – место каде што се кријат разни чуда, и страшни и убави, и каде што фантазијата го има главниот збор. Кога сме кај децата, тротоарот е оној што претставува значаен дел од нивното формирање. Тротоарот е најдоброто место за играње „плочка“, онаа игра со исцртани квадрати, каде што долниот дел е земјата, а горниот небото. Јасно, тротоарот е поприште и за „ластици“, „џамии“, „кули“ и останати важни периоди од нашите животи.

Во крајна линија, не е случајно што и еден од најдобрите претставници на американскиот „филм ноар“, маестралното дело на австро-унгарскиот Евреин Ото Премингер од 1950 година, го носи истото име како и книгата на Силверстеин. Оние што го гледале филмот знаат дека крајот на тротоарот е крај на урбаното размислување, а крајот на урбаното однесување е – катастрофа.

Конечно, за некои малку повозрасни генерации треба да се спомене и двојниот албум на групата „Азра“, односно на скопјанецот Џони Штулиќ, „Филигрански плочници“ (1982), што на македонски најсоодветно би се превело како „Филигрански тротоари“. За многумина станува збор за најдоброто студиско остварување на Штулиќ и останатите, албум со низа политички пораки и до некаде херметички и визионерски стихови. Токму песната по која е наречен албумот и која го затвора ова ремек-дело, на пример, го содржи стихот „Уста полна со барут“, предвидувајќи го така крвавиот крај на филигранските тротоари на некогашната држава.

Добро, униформираните лица пред зградата на Делегацијата на ЕУ во Скопје (кои, патем речено, подоцна добија мало засилување), сепак, ја сфатија улогата на тротоарот како место на слободата. Иако, за волја на вистината, ако беа по некој случај американски полицајци ќе имаа целосно право да ги отстранат протестантите. САД (сепак, единствена земја каде што се практикува ова правило) забранува групно задржување на тротоарите, токму за да се задржи слободата на движење на останатите пешаци, па таму протестантите мораат цело време да се движат (најчесто во круг). Некои извори велат дека ова е рецидив од времето на линчувањето, односно кога толпата го презема законот во свои раце, а други дека станува збор за консеквентно сфаќање на слободата на индивидуата. Како и да е, далеку се Америка и нејзините тротоари.

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество
Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество

ОкоБоли главаВицФото