Леви-Брил во Вила Шашка

14.05.2013 09:55
Леви-Брил во Вила Шашка

„Не мисли, не промислува, не сака кога мора да расудува... впрочем, лесно се лишува од тоа. Слаба страна му се големите слики и покомплексните врзувања на нештата, но тој доста вешто ги избегнува или ги сведува на клишеа, притоа покажувајќи восхитувачка упорност во вербалното чукање празна слама... Тој, вистина, може да биде добронамерен, мил, верен, храбар, трпелив, може да има застрашувачка моќ на помнење-набројување-трупање... Но, способноста за воочување и расчленување на стварните појави чемрее некаде во длабочината на неговата дремлива свест. Љубител е на случајни слики и метафори и голем мајстор е на нивното спојување со општите, тврди стереотипи на коишто им робува. Неговата концептуална постапка, токму затоа, често потсетува на прокрустовско втерување на мошне хировити предрасуди во крути и тврди калапи... Впрочем, тој ионака е мистик, но емотивната метафизика во неговиот духовен живот е случајна, арбитрарна и без меморија, некаков тип на метафизика-за-на-лице-место...“

Зборуваме за интелектуалниот профил на просечниот македонски владател? Или за еден типичен балкански „народњачки интелектуалец“, член на МАНУ, да речеме?! Горните зборови (на ова место послободно собрани) се констатации на Лисјен Леви-Брил, еден необичен филозоф од првите децении на 20-иот век. Со горните зборови тој се обидувал да ги толкува особеностите на нешто што тој го нарекувал „примитивен менталитет“ или „примитивна душа“, сакајќи да го разбере функционирањето на „пониските општествени механизми“, на „етнолошките култури“ и егзотичните заедници.

Истата намера ја имам и јас, повикувајќи се на Леви-Брил. Кога едно општество ќе дојде во олку длабок културно-политички ќорсокак, тогаш барањето сличности со некои „анимистички“ и „примитивни“ култури не служи само за смешка или утеха; можеби во социолошка или дури и историска смисла оваа „Вила Шашка“ во која сме стуткани како прасе во плех може да се разбере ако општествово го споредиме со заедниците раководени од шамани и врачеви?

Зборовите на Леви-Брил, инаку, само делумно ги поврзувам со интелектуалниот профил на овдешниот „народен“ политички владател („важна фаца ко тројански коњ“, велевме како деца за вообразените а празни). Точно е дека речиси идеално отелотворување на тој ѓоамити народен водач (важната фаца на тројанскиот коњ) се двајцата титуларно најмоќни политичари во земјава, премиерот и претседателот; но за да добиеме послоевита слика за овдешнава „примитивна душа“, не е доволно да го вперуваме прстот исклучиво кон политичката елита.

Затоа можеби е попродуктивно да се зборува за општествените вредности (чии само симболи се политичките дрматори). Кои се тие вредности, кај нас? Освен забегувачките мантрања и клетви (што се нудат наместо мислење, како низ примерот на новиот претседател), освен бедните метафори и опасните стереотипи, ми се чини дека некои од поважните карактеристики на нашата паланечка култура се: опортунизмот, конформизмот, сеирот и колективизмот (низ кој треба да се анулира вознемирувачкиот индивидуализам).

Сите тие, според мене, деструктивни а преовладувачки и пожелни културни црти ја сочинуваат сликата на вредносниот систем на денешна Македонија: тоа е држава која во 21-иот век преку својата политичка власт не само што го отфрла модернизмот на 20-иот век, не само што регресира накај национализмот од 19-иот век, туку ги тера своите граѓани кон сплотување во некакви мистични празаедници во кои инстантно и на лице место се смислуваат „емотивни метафизики“ и идентитети за дневна политичка употреба и конјуктура на шаманистичката владеачка партија.

Сегашната состојба е толку загрижувачка што се заканува со своевидно затворање на македонската историска перспектива. Со вакви водачи и со вакви вредности Македонија се оддалечува од идејата за модерна држава и граѓанско општество. Нашите вредности остануваат анахроно колективистички и олицетворени во водачи-имбецили; нацијата се сфаќа како рингишпил кој ќе го собере целото племе (на истиот начин на кој сите Срби се збираат под една слива, нас нè собира на една вртелешка). Не само што ги отфрламе малкуте културни обрасци што реално нè обединуваат пред предизвиците на иднината, туку манијакално работиме на некакви инстант културни обрасци (кои доаѓаат од многу пиење ракија „Антика“, барем така нè тешат) кои ја ништат ионака недоволно развиената историска свест на заедницата.

Државата - како да е удрена со мокра чорапа во центарот за ориентација - го арчи скапоценото историско време водена од популистичко-пропагандистички движења од типот на ВМРО-ДПМНЕ и од „народњачките интелектуалци“ од типот на актуелниот претседател (а тој е, повторувам, само прототип на една малограѓанска и патријархална елита, само врвот на сантата мраз - да, да, има форма на рингишпил - која нè носи во пропаст). Ние не сме насочени кон длабински развој кој подразбира суштинска (не формална, не имитативна) правна, економска, културна и политичка модернизација. Кај нас таа модернизација во моментов се смета за однародување, речиси за предавство.

Со инсистирањето на „народњачките“ колективистички политики Македонија го избира најпогрешниот можен пат, историски проверениот ќорсокак во кој долго беше (и можеби сè уште е) заглавена Русија, каде што сè уште се отворени поделбите од 19-иот век меѓу „словенофилите“ и „западњаците“. Истиот проблем, неприфаќањето на суштинскиот модернизам, речиси двесте години ја уништува Србија чија елита и ден денес е распната меѓу патријархализмот и модернизмот.

Народната држава е спротивност на апсолутистичката, но и спротивност на либералната држава. Како што вели историчарката Латинка Перовиќ, народната демократија која се реализира низ народна партија, народна самоуправа и народна држава во суштина е тоталитарна. Тоталитарна е зашто слободата на народот како целина секогаш се става над слободата на поединецот.

Политичкиот ментор на Ѓорге Иванов, Никола Груевски, досега во многу наврати ги покажа своите тоталитарни склоности, но, интересно, во многу наврати покажа голем политички кукавичлук (кукавичлук кој, откако ќе направи пичвајс, постојано се обидува да се сокрие зад големиот заштитнички шинел на „народот“). Страшно е што Иванов произлегува од истата политичка матрица: наместо да ги предводи граѓаните тој избира, како што вели самиот, да го „следи народот“. Таа политика, се разбира, ниту ќе му донесе нешто добро на „народот“, ниту, во подолгорочна перспектива, на нејзините протагонисти.

Под наслов „Во шинелот на ’народот’“ текстов беше објавена во „Утрински весник“ на 15.06.2009.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото