Предавање-дијалог на Памук и Еко

15.05.2013 10:28
Предавање-дијалог на Памук и Еко

На прекрасниот кампус на Босфорскиот Универзитет (Боазичи) во Истанбул, Умберто Еко и Орхан Памук, водечките имиња на современата светска книжевност одржаа предавање-дијалог на тема „За фактите, книжевната фикција и историјата“. Ова предавање им даде добар повод на овие двајца автори да ги изнесат своите ставови за книжевноста и за улогата на романот во современиот свет, па и за сопствениот уметнички и интелектуален ангажман. Во продолжение можете да прочитате фрагменти од дијалогот помеѓу Орхам Памук и Умбето Еко, приредени од страна на една универзитетска професорка на Факултетот Фатих во Истанбул.

Во текот на разговорот кој траеше малку повеќе од еден час, Еко и Памук можеа само (длабоко) да прочепкаат по површината на темите кои си ги зададоа. Тие пред сè беа заинтересирани да дознаат повеќе еден за друг бидејќи тоа беше нивната прва средба.

Орхан Памук:
Желбата која ме натера да станам писател се појави поради тоа што сфатив дека не сакам да бидам инженер како поголемиот дел од членовите на моето семејство, ниту пак да работам на место каде што ќе примам и давам наредби, но најмногу поради тоа што сакав да работам нешто при кое ќе бидам оставен насамо, при кое нема да бидам вознемируван.

Умберто Еко: До мојата педесетта година бев професор по семиотика во Болоња, но потоа отидов чекор понапред во однос на она што го работев, а тоа беше пишувањето дела за јазикот и историјата на комуникацијата, но сега преку структурата на детективскиот роман. Кога бев млад пишував раскази, но заклучив дека немам талент за романи. Многу години подоцна, кога му ја предадов докторската теза на мојот ментор, тој ми рече дека единствениот проблем на тезата е нејзиниот јазик, односно нејзината блискост со детективскиот жанр. Јас тогаш си помислив дека тоа никако не е лоша работа.

Памук: Прво започнав да пишувам, а потоа започнав да размислувам за прашањата во однос на кои верував дека имам што да кажам.

Еко: Јас пишувам, некои се качуваат на Монблан, други ограбуваат банки. Не можеме да се расправаме за причините при изборот на професијата.|

Памук: Постојат писатели кои ги нареков „наивни“, кои се самоуверени во своето спонтано пренесување на текстот и „наивни“ читатели кои често пати се уверени во неговото автобиографско потекло. „Сентименталниот“ (или деконструктивистички кажано – самосвесниот) писател зазема сосема различна позиција во текстот: тој е понесен од сомнежот и е континуирано свесен за моќта и проблемите на својот занает. „Сентименталните“ читатели се цинични, сосредоточени на размислувањето за структурата на текстот, што за нив е „бонус“ при уживањето во книжевноста.

Еко: Постојат две нивоа на раскажување кои се добро илустрирани во детективскиот роман на Агата Кристи – „Убиството на Роџер Акројд“. Раскажувачот на крајот открива дека убиецот е – самиот тој, терајќи го (запрепастениот) читател да започне нова потрага по текстот. Тоа е првото ниво на текстот, кое ја содржи загатката, а на читателот му носи изненадување. На второто ниво се јавуваат естетската анализа и проценката на текстот, кој ја претставува вештината на авторот. И јас и Памук сме фасцинирани од фактот дека луѓето плачат поради судбината на Ана Каренина, а при тоа со сигурност знаат дека се работи за лик кој не постоел во реалноста. Аристотеловиот принцип на катарза (од „Поетиката“) помага при разбирањето на односот на авторот кон чувствата кои се наоѓаат во текстот: доживувањето на болката заедно со ликовите води кон процесот на „хомеопатско“ прочистување од нејзините негативни последици. Трагедијата води кон катарза, на тој начин што болката се намалува по нејзиното доживување.

Памук: Може да се рече дека станува збор за два вида читатели: едните плачат кога ја читаат „Ана Каренина“, а другите „вршат инспекција“ врз текстот, ги анализираат контекстот и формата, па така и му се „потсмеваат“ на делото. Меѓутоа, мојот аргумент е дека романот во 19. век успеал да ги потисне сите останати книжевни форми токму поради тоа што ни помогнал да ги откриеме можностите на нашиот ум кој може да доживува и контрадикторни чувства: па во еден момент ние можеме да сме плачливите наивни читатели (и писатели), а во другиот (или дури и симултано) да го деконструираме текстот и да ѝ се восхитуваме или да ја критикуваме вештината на писателот.

Еко: Се согласувам со тоа дека повеќето луѓе се глупави, а нивниот процент се зголемува како што стареат. Кога на крајот на животот барем би знаел дека сите луѓе се глупави, би ми ми било полесно да умрам. Инаку, не знам што реално значи заклучокот дека јас и Памук пишуваме постмодерни романи.

На почетокот на современиот роман секако се наоѓа „Улис“ на Џојс, во кој осумнаесет начини на размислување кореспондираат со осумнаесет поглавја, а писателот нарцисистички го преувеличува фактот дека има што да раскаже во романот. Повеќезначните начини на размислување можат да се јават на нивото на јазикот и на стилот. Во мојот роман „Островот од претходниот ден“ дејството се одвива во 17. век, па ликовите би морале да го употребуваат барокниот јазик. Но мене тоа не ми беше прифатливо, бидејќи барокноста на романот се одржува преку структурата на раскажување и неговите идеи, а не со подражавањето на директниот говор.

Памук: Токму со таквите постапки започнуваат да се надминуваат проблемите на реалистичните романи од 19. век, како оние на Зола, па тие сега се пишуваат и за вкусовите на софистицираните општествени слоеви.

Еко: Моите романи „Името на розата“, „Баудолино“ и „Прашките гробишта“ се историски романи и можеби ми „одговараат“ и затоа што не сакам да бидам емоцинално ангажиран во она за кое пишувам. Никогаш не би можел да пишувам за Фусун (љубовта на главниот јунак од „Музеј на невиноста“ на Памук) на начинот на кој тоа го прави Памук.

Памук: Писателите пишуваат романи и за да ги раскажат своите лични приказни, за да ги камуфлираат своите лични чувства. Сепак, во текстот мора да постои „потписот“ на писателот, како на пример, описот на сончевото утро кај Хемингвеј.

Еко: Па добро, не можам да одречам дека моите чувства не се содржат во романите! Ме прашаа – кој е најавтобиографскиот аспект во вашите романи? Им одговорив: глаголските прилози!

Памук: Им се заблагодарувам на организаторите, а посебно на Еко за оваа прилика да научам многу нешта.

Еко: Не можам да го повторувам она што Памук веќе го кажа, тоа би било плагијат.

Извор: danas.rs