Две странски компании за производство на кочии заинтересирани за влез на македонскиот пазар

16.05.2013 09:09
Две странски компании за производство на кочии заинтересирани за влез на македонскиот пазар

Две странски компании за производство на кочии пројавиле интерес за отворање фабрики во Македонија. Нивните имиња сè уште се држат во тајност, но од Министерството за економија велат дека шансите за нивен влез во земјава се големи.

„Една од заложбите на Владата на Република Македонија е да го врати сообраќајот на ниво од античко време, што подразбира постепена замена на автомобилите и останатите возила со мали и големи кочии“, се вели во соопштението испратено од Министерството за економија до редакцијата на Пара вести. „За таа цел, Владата не одвојува средства за редовно одржување на автопатиштата и регионалните патишта бидејќи со воведувањето на новиот вид сообраќај истите ќе станат излишни.“

Како што дознаваат Пара вести, компаниите, кои доаѓаат од земји-членки на Европската унија, пројавиле интерес за преселување на своето производство откако на интернет виделе снимки од новиот пајтон за туристичка прошетка низ Скопје. Воодушевени од амбиентот и архитектурата на македонскиот главен град, тие едногласно донеле одлука дека Македонија е идна кочијашка велесила и пазар на кој пајтоните, кочиите и двоколките најмногу ќе се продаваат.

Засега не сакаат да ги објават своите имиња бидејќи сè уште се водат преговори со владата за добивање бесплатна локација за градење на фабриките, како и за вработување евтина работна сила.

Неофицијално, веќе паднале и првите нарачки. Стотина граѓани од Скопје, Штип, Охрид и уште неколку други градови веќе пријавиле заинтересираност за купување на новите модели кои – како што дознаваат Пара вести – ќе се продаваат во две комбинации на бои: црвено-жолта и црвено-црна.