Во потрага по Европа

16.05.2013 10:39
Во потрага по Европа

За прв пат откако Бугарија влезе во Европската унија во 2007, во бугарската јавност не се расправа за Европа. Секоја приказна на крајот станува заморна, а изгледа дека овде причината е подлабока: Европа се впишува на долгиот список на илузии изгубени во текот на транзицијата после падот на комунизмот во 1989.

Ниедна партија деновиве не им се препорачува на гласачите мавтајќи со европската идеја. Дури и политичките формации кои си ја залепија придавката „европски“ го заборавија тоа. Европа е сведена на значка која бугарските политичари ја чуваат под јаката за да им ја покажат понекогаш на странците. Кога сметаат дека е потребно, трчаат во Брисел да ги убедат дека сè уште постојат, и покрај сите докази во земјата дека не е така. Нормално, таму се среќаваат исклучиво со претставници од сродните партии, кои гласно ги поддржуваат, особено пред избори.

Најјасен пример за пропаста на европскиот сон ни дава токму партијата која владееше со државата и која наскоро ќе го заврши својот втор мандат, ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија). На грандиозната партиска приредба на 7 мај во Софија, партиските активисти делеа луксузна брошура со наслов „Вистинската насока за Бугарија: точки на политичката програма на ГЕРБ“.

Во првиот пасус тие ги потсетуваат читателите дека се „партија од десниот центар и членка на семејството на Европски народни партии (ЕНП)“. Како доказ за тоа, истакнати членови од „семејството“ се повикани и поставени во првите редови, меѓу другите и генералниот секретар на ЕНП Антонио Лопеза (Шпанија) и претседателот на парламентарната група на ЕНП во Стразбур, Жозеф Дул (Франција).

Тие веројатно немале поим дека нивното присуство треба да ја легитимира комодификацијата на европската идеја онака како што ја замислува бугарската десница. Ако разбираа бугарски, ќе сфатеа дека европското прашање се спомнува исклучиво во контекст на „европските фондови“. За да го отстрани секој сомнеж во фактот дека Европа е сведена на вреќа пари, поранешниот премиер Бојко Борисов искрено им се обрати на своите гости од ЕНП: „Благодарение на нашите уважени гости, ние гарантираме дека во следните неколку години во бугарската економија ќе се слеат околу 32 милијарди лева (16 милиони евра). Кога говориме за ГЕРБ, секогаш мора да имаме предвид дека ние сме партијата која донесе пари во Бугарија“.

Мало потсетување: пред да дојде на власт во 2009, ГЕРБ имаше многу поголеми европски амбиции: да ја воведе Бугарија во шенгенската зона и да ја спаси државата од понижувачкиот „механизам за соработка и верификација“ (МСВ) на кој државата беше подложена од приклучувањето. Накусо, да направи од Бугарија полноправна членка на европското семејство. Но се случи токму спротивното: Софија изгуби секаква надеж (и интерес) за воведување на еврото и влегување во шенгенската зона, по цена на вечниот опстанок на МСВ кој нè потсетува дека нашата земја не заслужува да седи на европската маса.

Секое партиско надмудрување во врска со Европа исто така престана: ниту една партија не очекува дека ќе ги добие изборите така што ќе биде „поевропска“ од другите.

Доказ е главната опозициска партија, Бугарската социјалистичка партија (БСП). Неверојатен е фактот дека со својата нова функција како претседател на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), лидерот на БСП Сергеј Станичев на своите бугарски гласачи им зборува за Европа повеќе отколку порано. Во програмата на неговата партија за мајските избори само еден пасус е посветен на „Бугарија во ЕУ и НАТО“ - и тоа само толку што се одбива идејата за „Европа на две ленти“. Што се однесува до тоа, се наведува во програмата, економскиот јаз помеѓу богатите и сиромашните региони на Унијата мора да се намали.

Ако европската програма е сведена на ова во програмите на најголемите партии, што е со помалите? За нив Европа стана микроскопска, ако не и непостоечка. Партијата на поранешната европска комесарка Меглена Коунева „Бугарија за граѓаните“ ни ветува „31 работа што ќе ни го промени животот“. Изразот „европски“ не се појавува до 28-та ставка, која промовира програма за обновување на старата изградба на субвенционирани станови, со помош - читателот ќе го разбере ова - на европските фондови.

Да бидеме чесни, мора да се признае дека европското прашање јасно се појавува во предлозите на лидерот на националистичката и ксенофобична партија Атака, Волен Сидеров. Оваа партија излегува на избори на 12 мај со план наречен „Нов пат за Бугарија“, кој тешко дека е нов, но дури сега стигна во партиската програма.

Цело поглавје е посветено на останувањето на Бугарија во ЕУ. Одговорот е во првата реченица: „Овој блок во денешниот облик претставува закана за демократијата и националниот суверенитет на државите членки“. После наведувањето на сите пороци на ЕУ, Волен Сидеров предлага „општо пренасочување на бугарската економија кон Кина, Индија, Бразил, Јапонија и Русија“.

И така, во недостиг на што било друго, бугарските партии ни нудат виртуелно талкање по атласот, додека очекуваат гласачите да им ги стават в раце влезниците за парламентот - кој и понатаму е главна туристичка дестинација на бугарските политичари.

Извор: SEGA/PressEurop, 10.05.2013.

ОкоБоли главаВицФото