1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Хомофобија: недостиг на чувство на љубов за припадниците на сопствениот пол и последична омраза на таквите чувства кај другите... верување во неодвоивата супериорност на еден облик на љубов која поради тоа треба да доминира.
(Одри Лорд)
Хомофобија (од грч. homós што значи ист и phóbos што значи страв) е ирационален страв, омраза, предрасуда или дискриминација кон лицата со хомосексуална ориентација, вклучувајќи ги и лицата кои се така перцепирани.
Сите сме хомофобични. Без оглед на нашата сексуална ориентација, без оглед на начинот на кој сме воспитувани, без оглед на нашите животни искуства или нивото на толеранција кое го поседуваме. Моќта на хомофобијата е доволно голема за да држи 10% од популацијата во позиција да живее во страв и/или опасност, а преостанатите 90% заробени во сопствените стравови. Аналогна на тоа е моќта на сексизмот која во позиција на страв држи значително поголем процент од жените.
Хомофобијата се однесува на сите нас и е тесно поврзана со постоечкиот општествен систем. Таа се генерира преку патријархалниот поредок и не е независна од другите опресии во општеството. Хомофобијата е оружје на сексизмот.
Еве како.
Хетеросексизмот создава поволно опкружување за хомофобијата преку претпоставката дека светот е хетеросексуален. Хетеросексуалците/хетеросексуалките генерираат хомофобија преку прикажување и легитимирање на хетеросексуалноста како норма.
Хетеросексизмот вклучува и систематски исказ на хомофобија во општествените институции. Хетеросексизмот и хомофобијата здружено ја изнудуваат присилната хетеросексуалност и тврдината на патријархалниот систем - нуклеарното семејство.
Главниот отпор на женското движење е искажан преку патријархалната идеја дека рамноправноста на жените, самостојноста на жените, контролата на жените над сопствените тела и животи е закана за „темелната“ општествената институција - нуклеарното семејство. Поимот нуклеарно семејство може да се објасни преку: хетеросексуалноста, делењето на родовите улоги на „женски“ и „машки“ и насочување на една од двете можни насоки кои ги задава бинарноста на родот и полот.
Хомофобијата е оружје на сексизмот во склад со кое лезбејките се главно невидливи, а геј мажите јавно брутално казнети со зачестени физички и психички напади.
Лезбејките се невидливи затоа што се жени, затоа што не ги доживуваат сериозно, бидејќи не се доживуваат како закана и затоа што насилството над нив се спроведува секојдневно во светот кој не ни е претставен како јавен.
Да се биде лезбејка значи да се биде означена како некоја која ја преминала границата, се изместила од сексуалната/економската зависност од мажот, некоја која е „женски-идентификувана“. Лезбејките се доживуваат како некои кои можат да живеат без мажи и кои поради тоа (колку и да е нелогично) се против мажите. Значи, лезбејките се доживуваат како суштества надвор од прифатливиот рутински ред. Лезбејката е онаа која нема општествени институции да ја заштитат и која ја нема привилегијата на заштита од страна на машките поединци. Многу хетеросексуални жени ја гледаат како некаква спротивност на жртвата која тие ја поднеле со цел прилагодување на присилната хетеросексуалност. Лезбејката се доживува како закана за нуклеарното семејство, машката доминација и контрола, самата срж на сексизмот.
Геј мажите исто така се доживуваат како закана за машката доминација и контрола, а хомофибијата која се изразува кон нив исто така има корен во сексизмот како и хомофобијата насочена кон лезбејките. Видливите геј мажи се мета на екстремна омраза и страв на хетеросексуалните мажи бидејќи кинењето на синџирот на машката хетеросексуална солидарност се доживува како закана на механизмот на сексизмот. Геј мажите се сметаат за предавници кои треба да се казнат и елиминираат. Кога ја гледаме силата на хомофобијата која е насочена кон геј мажите, почнуваме да ги сфаќаме начините на кои сексизмот влијае на мажите преку наметнување на ригидни нехумани родови улоги.
Најчесто се користи следната поделба на четири различни, но поврзани облици на хомофобија: персонална, интерперсонална, институционална и културална.
Персоналната хомофобија е предрасуда втемелена на личното уверување дека лезбејките, геј и бисексуалните лица се грешни, неморални, болни, инфериорни во однос на хетеросексуалците или непотполни мажи и жени. Персоналната хомофобија се манифестира со чувство на страв, нелагода, недопаѓање, омраза или гадење кон истополовата сексуалност. Секој, без оглед на сексуалната ориентација, може да почувствува персонална хомофобија. Кога ја чувствуваат лезбејките, геј и бисексуалните лица, се нарекува интернализирана хомофобија/бифобија.
Како и хетеросексуалците, лезбејките, геј и бисексуалните лица се учени дека истополовата сексуалност е инфериорна во однос на хетеросексуалноста и многумина ова го интернализираат, го преживуваат во себе, до таа мерка што само-прифаќањето е многу тежок процес. Тие ја прифаќаат стигмата која е насочена кон лезбејките, геј и бисексуалните лица без да размислуваат дека нивното искуство е резултат на таа сеприсутна стигма. Еден резултат на ваквото размислување е дека тие го кријат својот идентитет; други очајнички се обидуваат да го негираат или да ја променат својата сексуална ориентација; а некои се обидуваат или успеваат да извршат самоубиство.
Интерперсоналната хомофобија е индивидуално однесување втемелено на персоналната хомофобија, а се манифестира преку директно загрозување и/или напад на хомосексуалните и бисексуалните лица. Таа омраза или недопаѓање може да се изрази со смислување на различни имиња, кажување вицови, вербално и физичко злоупотребување и други индивидуални дискриминациски постапки.
Интерперсоналната хомофобија во својот екстремен облик доведува до тоа лезбејките, геј и бисексуалните лица да бидат физички напаѓани поради омраза т.е. во овој случај хомофобија. Повеќето луѓе ја манифестираат хомофобијата преку пасивно гледање и поддржување на постоечкиот хетеронормативен систем во кој живееме. Роднините често намерно ги избегнуваат своите хомосексуални и бисексуални членови на семејството; соработниците се дистанцирани и студени кон своите колеги кои се лезбејки, геј и бисексуалци; хетеросексуалните пријател(к)и не се заинтересирани за слушање за врските на своите пријатели лезбејки, геј или бисексуалци.
Институционалната хомофобија се однесува на бројните начини на кои владата, бизнис секторот, црквата и другите институции и организации вршат дискриминација врз основа на сексуалната ориентација. За институционалната хомофобија често се користи називот хетеросексизам.
Институционалната хомофобија се одразува во религиските организации кои имаат цврсти ставови или правила против тоа лезбејките, геј и бисексуалните лица да водат миса или служба; во агенциите кои одбиваат да им ги пружат водечките извори и услуги на лезбејките, геј и бисексуалните лица и владите кои не успеале да обезбедат еднакви права за сите граѓани, без оглед на нивната сексуална ориентација.
Културалната, колективната или општествената хомофобија се однесува на општествените норми и стандарди кои го диктираат уверувањето дека да се биде хетеросексуален е подобро или поморално отколку да се биде лезбејка, геј или бисексуален и дека секој е или би требало да биде хетеросексуален. И за културалната хомофобија се користи називот хетеросексизам.
Културалната, колективната или општествената хомофобија ја доживуваме секој ден на телевизија и во огласите каде што ликовите се хетеросексуални, секоја еротска врска вклучува жена и маж и за секое „нормално“ дете се претпоставува дека го привлекува или дека ќе се венча со некој од спротивниот пол. За тоа дете исто така се претпоставува дека има мајка и татко. Во малубројните случаи каде што се прикажуваат лезбејки, геј и бисексуални лица, главно се прикажани како несреќни, стереотипни, склони кон автодеструктивно однесување или амбивалентен поглед во својата сексуална ориентација.
Културалната, колективната или општествената хомофобија вклучува исто така заговор за премолчување и негирање на културата. Поради културната хомофобија, лезбејките, геј и бисексуалните лица не биле во состојба да создадат своја култура. Историјата се фалсификувала, премолчувала, се користеле полувистини за да се замолчат хомосексуалноста и бисексуалноста. Моќта на патријархалниот поредок се базира на настојувањето да се гетоизираат неподобните поединци и групи кога постои мала можност тие да се инфилтрираат во општеството.
Сите можеме да се осврнеме на понудената анализа на хомофобијата и да најдеме примери од сопствениот живот во кои и ние соучествуваме во хомофобичното дејствување и бидуваме изложени на хомофобијата која е вперена во нас за да се обиде да нè натера да бидеме мажи и жени во склад со општоприфатените значења на тие поими.
Извор: protest.ba