Пувеж во гаќите на Гр Уевс Ки

18.05.2013 07:27
Пувеж во гаќите на Гр Уевс Ки

Книгата ќе се вика „Како бевме систематски уништувани од идиоти“. Насловот, можеби, не е толку убав колку што е адекватен. Една книга во која авторот се труди да го тргне велот на појавноста и да допре до суштината на политичките и општествени процеси, до нивните извори и екстраполации, не може да има посинтетизирачки наслов.

А не е дека немаше други идеи. Кога ги собирав колумните ми падна в очи насловот на текстот: Апашанатот и Редот на империјалните гомна. Веднаш си реков: Тричко, ова е вистинскот наслов за твојата книга.

Апашанат е зборче врз кое мојата маленкост полага авторски права. Апашанат е општествено уредување во кое државата е акционерско друштво за кретенизација и пљачка на народот. Бившата држава на Македонците е типичен апашанат. Не единствен, не најголем, далеку од тоа, но, повеќе школски отколку риплиевски, сигурно.

А Редот на империјалните гомна е Ордер на исероците во централното подрачје на Скопјанг. На празнењата од македонски лук, оцет и кромид, овчо сирење и лута ракија што во ликот на Самоила и Јустинијана, Кирила и Методија, Климента и Наума, Гоцета и Дамета, на Ацета ни Грејтот, ни ги приопштува говњарската екипа на Гру Евс Ки, како главен архитект на Братството.

А уште пред тоа бев посакал книгата да се вика „Иднината, сега, бега“. Сакав малку да се позаебавам со паролата на опозицијата со која на локалните избори победи власта.

„Иднината сега“ е најсмртоносната парола што еден сапиенс може да ја смисли. Нема никаква разлика меѓу „Смртта сега“ и „Иднината сега“. Опозицијата не успеа да забележи дека под името „Преродба“ таа формула сосема успешно го кретенизираше македонскиот човек. Дека таа кретенска формула веќе е искористена како анестезирачки препарат за одлепувањето на македонската душа од социјалистичкото тело што ја тераше да инвестира во иднината, дека апсолутното хедонизирање на кое таа парола повикува ќе ги испрати сите гласачи кај оној кај кој се ресурсите односно директно кај противниците на опозицијата.

Немаше, сакам да кажам, да згрешам и така да ја крстев книгата. Но, со сиот ризик дека сум згрешил, јас се решив за насловот „Како бевме систематски уништувани од идиоти“. Се разбира, веднаш паѓа в очи асоцијацијата на речиси истоимениот филм на Слободан Шијан, по сценарио на Мома Димиќ, со Бата Стојковиќ, во кој се расправа за еден разочаран револуционер.

Кога размислувам во формулите на теоријата на заговорот, јас знам дека идиотите се материјална сила на деструкцијата. Кога размислувам на едно дневнополитичко ниво, јас се возбудувам од тоталната несоодветност на луѓето на кои историската случајност им дала да водат една држава и еден народ. Тоа се совршени идиоти во однос на предизвиците што ги наметнуваше или ги наметнува историчноста на ситуацијата. И на крајот, нашето традиционално воспитување во кое е инкорпориран некритичниот респект кон власта, нè блокира во реалните проценки и активности во однос на сите властодржечки институции.

Општеството станува шизофрено кога во политичката активност на идиотите, со кои се идентифицирало во текот на изборниот процес, не може да најде ништо возбудливо за сопствената репродукција. Па се срамат од срамот што им го диктира изборот што го направиле. Понекогаш и самите тонат на дното на идиотизмот затоа што таму во секој момент се среќаваат со „иднината сега“, а на трето место е резигнацијата која на луѓето им вели дека „иднината сега“ е добра опција за заедниците кои не само што не можат или немаат време да ја чекаат иднината туку, просто, ја немаат.

Неспоредливо поубаво се чувствувам во минатото на мановите автобуси, стари и по триесет години, отколку во повеќекатниот проект на владата. Во двокатните автобуси на владата се возев како пувеж во гаќите на Гр Уевс Ки. Кога виде како му го милувам шупакот, човекот ми вети сто нови автобуси. Трикатни. Како трислојни памперси пред дифузното дејство на сопствените смрдежи.

Тоа е сликата и приликата на македонското минато и на нашата иднина. Сега? Не, фала!

Извор: Глобус
Слики: Денис Вунш

ОкоБоли главаВицФото