Со уметнички иницијативи до ЛГБТ права

18.05.2013 16:49
Со уметнички иницијативи до ЛГБТ права

Со цел да се се започне конструктивен дијалог за креативната сила која општeството ја поседува и која треба да ја употреби во борбата против хомофобијата и трансфобијата, во Културниот Центар во Белград во петокот, по повод Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, беше организирана панел дискусија на оваа тема и изложба под името Сигнал, во чии рамки група локални визуелни уметници го дадоа својот придонес за развојот на нови стратегии за подобрување на статусот на ЛГБТ заедницата во Србија, една од најзагрозените групи во српското општество.

По тој повод, авторката Билјана Србљановиќ говори за одговорноста на уметниците, но и на сите други граѓани кои ја препознаваат својата улога во однос на сопственото опкружување, ставајќи ги во фокусот сите околности кои го загрозуваат секојдневниот живот на припадниците на ЛГБТ заедницата, но и позитивните примери од уметничката практика кои доведуваат до подобрување на нивната состојба.

Во голем дел од светот, 17 мај се одбележува како Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата и трансфобијата. Како вие ја доживувате положбата на ЛГБТ популацијата во Србија?

За жал, сметам дека ЛГБТ популацијата е меѓу најзагрозените малцинства во Србија. Таа е изложена на секојдневна дискриминација и чести напади на насилство. Не се работи само за тоа дека парадата на гордоста беше откажана многу пати досега. Пред сè станува збор за нормализацијата на дискриминацијата која се одвива насекаде, на секое место и во секојдневниот живот. Хомофобичните вицеви кои се базирани на предрасудите, псевдо-научниот дисурс базиран на застарените и никогаш докажаните хипотези, дерогативниот однос и отсуството на толеранција, пред сè кон транс лицата – сите овие нешта говорат дека положбата на ЛГБТ заедницата е многу, многу лоша. Да ви набројам неколку примери: вицевите кои се засновани на моронските стереотипи коишто ги претставуваат геј мажите како предатори кои само чекаат некого сексуално да нападнат, разните сексолози и пара-психијатри кои докажуваат што е „нормалност“, а особено физичкото насилство и заканите упатени на транс личностите – сите ги знаеме овие нешта кои многу добро го илустрираат она за што говорам.

По изборите во Србија дојде до промена на политичката сцена во земјата, па во текот на изминативе неколку месеци направени се значајни позитивни чекори во однос на прашањето за односите со соседите и за решавањето на статусот на Косово. Дали очекувате слични напредоци и на полето на заштитата на човековите права?

Како и за прашањето за односите со соседната држава Косово, мислам дека е многу важно промените кои ќе се воспостават да бидат придружени со промената на културниот модел во кој живееме и во чии рамки се воспитува младата генерација. Не можете да ја наметнете вистината за Косово, ниту пак за човековите права, ако во истото време во медиумите кои и се обраќаат на најмладата и најнеобразованата категорија од населението, во училишните програми и во книгите од кои се предава и учи, и понатаму застапувате еден поинаков наратив, кој е сосема спротивен на реалноста и на актуелната политичка ситуација. Значи сè додека на децата во училиштата им се сервираат приказните за небесната правда на Косово или за нормалните и „ненормалните“ емотивни односи, нема да има сериозни промени.

Дали постои и колкава е одговорноста на луѓето кои ги претставуваат ЛГБТ лицата и на организациите кои се борат за нивните права, во однос на начинот на кој јавноста ја перцепира оваа заедница?

Сите ја делат одговорноста, секој поеднинечен граѓанин кој на кој било начин учествува во јавниот живот. Често слушам забелешки кои велат дека промените во културите како што е нашата мораат да се присвојуваат полека, со цел да не се провоцира јавноста. Јас не го делам ова мислење. Сметам дека ЛГБТ лицата и здруженијата не се принудени на кој било начин да се однесуваат исто или да наликуваат едни на други, како да се работи за некоја секта или армија. Токму тој вид покорност му припаѓа на културниот модел којшто овие организации настојуваат да го променат и јас лично мислам дека тие треба да се држат до својата интелектуална одговорност која ја поставуваат пред себе.

Во Франција неодамна беше одобрен предлог-законот кој им овозможува на истополовите парови да склучуваат брак. Дали би можеле да очекуваме нешто такво и во Србија?

Мислам дека да, бидејќи тоа е една цивилизациска неминовност. Иако веќе со години сум среќно мажена, сметам дека бракот е една целосно застарена конзервативна институција и мислам дека овој модел ќе биде подложен на големи преиспитувања во блиска иднина. Сепак, додека постои бракот мора да биде достапен за секого, па затоа и ме радува францускиот закон кој се вика токму така – Брак за сите. Она што е најважно во таа инситуција, а тоа е љубовта која ги поврзува партнерите, не смее да биде предмет на каква било дискриминација. Во однос на правниот аспект на ова прашање, неодамна ја слушав дебатата на американскиот Врховен суд за предлог-законот за истополиви баркови во Америка, на кој конзервативците му се противат со аргументот дека примарната функција на бракот е репродукцијата. Дали тоа значи дека треба да им се укине правото на брак и на повозрасните парови, на паровите кои не можат или едноставно не сакаат да имаат деца? Светот се менува, веќе не живееме во истата епоха од пред само десетина години, сè е поинакво и ние сме поинакви. И тоа неизбежно ќе дојде на ред.



Дали денес помеѓу задачите на културата и уметноста се наоѓа и онаа која ја поддржува борбата против хомофобијата и трансфобијата?

Јас помалку се наежувам кога ме прашуваат за задачата на уметноста, бидејќи уметноста не би требало да има никаква задача. Уметникот едноставно го работи она што во што верува, тој не шири пропаганди, туку создава, па ако борбата за ЛГБТ правата е дел од неговите интереси, тоа е супер. Но од друга страна сметам дека задачата на публиката е да укажува на сето она коешто го чувствува како навреда на човечкото достоинство и на елементарните права на различност, да одбие да ги гледа, слуша и чита оние дела кои поттикнуваат каква било дискриминација.

Постојат ли во Србија такви уметнички иницијативи кои вреди да се проследат?

Во последно време вниманието ми го привлече претставата „Изопачени“ на Хартефакт и Битеф Тетарот, која е заснована на еден постар но многу добар текст на Мартин Шерман, но во рамки на одличната современа сценска адаптација на Андреј Носов. Оваа претсвата е многу важна токму затоа што, независно од темата, има високо уметничко значење и на еден уметнички релевантен начин говори за една важна тема, а не е само обична „борба за права“. Посебно се издвојува извонредно одиграната улога на Бранко Цвејиќ, кој глуми остарен геј во плакарот, кој е принуден, но и подготвен на секаков вид предавство, бруталност и подлост за да си го спаси животот. Цвејиќ игра една од најдобрите улоги во својот живот, без ни малку претерување, на артикулиран и соодветен начин, надвор од стереотипите и евтините шаблони. Ми се чини дека оваа претстава и оваа улога придонесуваат многу повеќе за борбата за ЛГБТ правата од некои други наменски, политички коректни, а суштински неуспешни обиди.

Што би им препорачале на своите колеги од перспектива на една јавна личност и уметник кој често се ангажира во однос на борбата за човековите права?

Би им порачала дека им се восхитувам и дека ги ценам сите нив, дека ме импресионира чесниот ангажман на, за жал, секогаш истата група луѓе. Инаку јас верувам дека уметникот и интелктуалецот секогаш треба да ги поддржува послабите. Но секој дејствува и мисли во однос на сопствената совест, и таа е единствената која ни суди.

Извор: b92.net