Скопјани во паника од песнилото

20.05.2013 09:36
Скопјани во паника од песнилото

Граѓаните деновиве го пријавуваат речиси секое сомнително однесување на уличните поети

Скопјани го вжештија дежурниот телефон на Подрачната единица за заштита на ушите на Агенцијата за борба против уметноста во Скопје со пријави за сомнителни улични поети. Потврдата дека меѓу скопските граѓани се појавило песнило, очигледно, ги загрижи граѓаните, кои деновиве се јавуваат за да го пријават речиси секое невообичаено однесување на скопјаните на улица. Во Подрачната биле регистрирани по десетина повици од сите делови од Скопје, а не само од околината на Бутел, каде што беше откриен првиот обид за читање поезија на јавно место. Повици до надлежните служби дошле и од Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров и други општини. Симптомите на песнило, според лекарите, се обемно исфрлање зборови и рими од устата, раширени зеници и вкочанет поглед, како и забележливо занесено однесување, но граѓаните пријавувале речиси сè што им изгледало како невообичаено однесување на сограѓаните.

Засега, освен паниката која се создаде меѓу граѓаните поради заразната болест која од поетите може да се пренесе и на луѓето, нема потврда за нови случаи на улични поети со песнило. Во Агенцијата за борба против уметноста велат дека во лабораторијата на Филолошкиот факултет ќе ги испитаат сите лица за кои ќе се посомневаат дека може да се заболени од песнило, а во меѓувреме ги продолжуваат редовните активности за ловење и умсртување на поетите. Засега се следат сите алармирања од граѓаните, но нема нов случај на песнило.