Одмори се малку Филипе

20.05.2013 10:06
Одмори се малку Филипе

Има доволно простор,
можеш да седнеш до мене.
Клупава не е Кинески ѕид но не е
                                   ни триножец.
Има два краја и средина на која седам јас.
Да сум на твое место не би ризикувал.
Клупата не е навалена врз провалија
но што е сигурно, сигурно е (тежок си).
Седни до мене, ако треба ќе се
                                 поместам малку.
Погледни околу себе, нема ниту една
слободна клупа. Седачите се начичкани
како во четиринаеска во шеснаесет часот.
Го паметам овој простор од времето,
беше отворен ко за некоја твоја
                                голема битка,
сега е сведоштво за поразот на еден
                          исплашен народец.
Седни малку, веќе цела година стоиш
                       на тој смешен постамент.
Лесно му е на твојот син, седи на неговиот
Букефал кој може да понесе уште дузина воини.
Спушти ја раката, одложи го мечот,
ако треба и ќе станам да прилегнеш.
Одмори се малку Филипе,
и тебе не ти е лесно.

17.05.2013.

ОкоБоли главаВицФото