Речник на опскурни таги

20.05.2013 12:09
Речник на опскурни таги

Џон Кониг дење е графички дизајнер, а навечер ловец на, како што вели, дивите таги, пориви, вибрации, болки и демони од внатрешноста на неговиот психолошки пејзаж, кои секогаш се закануваат да останат незабележани, нејасни. Откако ќе ги улови во матно, во мрак, Џон истите ги означува - именува - создавајќи го така неговиот единствен Речник на опскурни таги, кој сега може да се чита на истоимениот блог, а наскоро, според најавите на авторот, и во книга.

За своите измислени, поточно, осмислени зборови, главно именки, понекогаш и придавки, составени од неколку јазици или од реновирани жаргони, Џон нуди, како што тоа го прави секој речник, објаснувања кои, како што сугерира авторот, би можеле да се читаат како обид за превод на некои делови од неговата внатрешност, неговите уловени искуства, помали или поголеми маки, за кои мисли дека во нив е сам, а кои одлучил да ги обележи, зачува, изнесе, пренесе на другите, за потоа да се увери дека не е баш сосема сам, дека она негово им е познато и на другите, утешно - барем во смисла на основата пуштена за другите на неа да ги додадат своите талози, како што тоа обично и бидува со зборовите, откако ќе бидат изречени/напишани.

За изговорот на опскурните таги на Џон - бидејќи „сите и онака размислуваме и зборуваме на некој чуден личен дијалект“ - нема правила, всушност, освен едно - изговарајте ги како што сакате (и преведувајте ги исто така); негови се, но и ваши - дадени за да се сакаат и користат и на крајот на краиштата, како што вели Кониг, така да станат стварни.

nodus tollens (им.)

Сфаќање дека текот на твојот живот повеќе нема смисла - дека, иако си мислел дека ја следиш приказната, запнуваш кај одломките што не ги разбираш, за кои всушност се чини дека и не припаѓаат на ист жанр - што те наведува да се враќаш назад и повторно да ги читаш поглавјата кои првично си ги прелетал за да дојдеш до оние добри делови, само за да сфатиш на крајот дека цело време си требал да ја избереш сопствената авантура.

adronitis (им.)

Фрустрираност од тоа колку време треба за да се запознае некој – да се поминат првите неколку недели разговарајќи во нечие психолошко предворје, при што секоја понатамошна конверзација е како влез во следното претсобје, секое поблиску до средиштето на куќата - сакајќи наместо тоа да може да се започне баш таму и од таму да се оди нанадвор, разменувајќи ги најпрво најдлабоките тајни, пред препуштањето на лежерноста и моментот кога, после годни собирање доволно мистерии, можеш да прашаш од каде си и со што се занимаваш.

silience (им.)

Извонредност која секојдневно е присутна, а поминува незабележана - скриените таленти на пријателите и колегите, брзинските соло изведби на уличните свирачи, исклучителната елоквентност на анонимните корисници, невидените портфолија на непознатите уметници - кои би можеле да се сметаат за ремек-дела само кога би ги потврдил картелот на популарниот вкус кој претпоставува дека брилијантноста е редок и драгоцен квалитет и на кој случајно му се провлекуваат закопаните скапоцености кои можеби не се беспрекорни, но кои сепак, на некој начин, се совршени.

gnossiene (им.)

Момент на свесност дека некој кој го знаете со години и понатаму има приватен и таинствен внатрешен живот и дека некаде во ходниците на неговата личност се наоѓаат врати заклучени одвнатре, скали кои водат до крило на куќата кое никогаш не сте го истражиле - до недовршеното поткровје кое ќе ве излудува со својата непознатост, бидејќи, на крајот на краиштата, никој од вас ја нема мапата ниту главниот клуч или начин да знае кој каде стои.

catoptric tristesse (им.)

Тага поради тоа што всушност никогаш нема да знаете што другите луѓе мислат за вас, без разлика дали е добро или лошо, бидејќи иако се одразуваме едни на други со острина на огледало, вистинската слика на тоа какви испаѓаме до нас доаѓа омекната и искривена, како секое огледало да е окупирано со испревртување, во очајнички обид самото себе да се погледне во очи.

monachopsis (им.)

Благо, но трајно чувство на дислоцираност, лоша вклопеност во сопственото опкружување, како фока на плажа - се нишаш, невешт, лесно сместен во купот други неприлагодени и неспособен да го препознаеш амбиенталното завивање на местото кое ти е изворно одредено и во кое лесно, сјајно и без нималку труд и мака би се нашол дома.

sonder (им.)

Сфаќање дека секој случаен минувач живее сложен и немирен живот како твојот - наполнет со неговите амбиции, пријатели, рутини, грижи и наследени лудости - епска приказна која невидливо се развива околу тебе како мравјалник кој оди длабоко под земјата, со премини до илјада други животи за кои никогаш нема да знаеш дека постојат, а во кои би можел да се појавиш само еднаш, како статист кој пие кафе во позадина или како дамка на патот на минувачот, како осветлен прозорец во самракот.

astrophe (им.)

Хипотетичен разговор кој компулзивно се одвива во твојата глава - остроумна анализа, катарзичен дијалог, убиствена досетка - која служи како некој вид психолошка вреќа за празнење поради која можеш да се поврзеш со луѓето подлабоко отколку што тоа ти го дозволува малиот секојдневен живот кој е фрустрирачка опасна игра на наизменични фрлања, жртвени удари и намерни штети.

heartworm (им.)

Однос кој не можеш да го исфрлиш од главата, за кој си мислел дека одамна избледел, но кој некако е сè уште жив и недовршен, како напуштениот камп чии жарчиња сè уште имаат моќ да предизвикаат шумски пожар.

anthrodynia (им.)

Состојба на исцрпеност од тоа како луѓето се одвратни едни кон други, што како компензација обично предизвикува чувство на наклонoст кон нештата кои се искрени, но кои немаат предрасуди, кои се дрско среќни или кои едноставно се.

xeno (им.)

Најмала мерна единица за човечката поврзаност, разменета обично меѓу странци на поминување - флертувачки брз поглед, емпатично кимање со главата, заедничка смеа поради некоја чудна случајност - мигови кои брзо поминуваат и кои се случајни, но кои без оглед на тоа, содржат моќни емотивни состојки кои можат да ги намалат симптомите на осаменост.

zielschmerz (им.)

Ведар страв од конечното следење на животниот сон, што бара ставање на твоите вистински способности таму, во отвореното пространство, да бидат тестирани, наместо безбедно сместени во терариумот на надежи и илузии создадени во градинка и држени запечатени што е можно подолго, да побегнат само во некој итен случај.

Извор: The Dictionary of Obscure Sorrows
Слики: Denise Deiloh

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото