Мапа на хомофобичната Европа

20.05.2013 13:46
Мапа на хомофобичната Европа

Македонија дефинитивно не е помеѓу првите 25 европски држави кога се работи за почитувањето на човековите права на ЛГБТ популацијата. Резултатите од најновиот извештај на белгиската невладина организација ИЛГА покажуваат дека толераницијата кон припадниците на оваа група во Македонија изнесува само 13%.

Според последниот извештај на оваа организација наречен „Мапа на виножитото во Европа“, Македонија се наоѓа на дното во Европа, а помали резултати од неа имаат само Украина (12%), Монако (10%), Молдавија (10%), Азербејџан (8%), Ерменија (8%) и Русија (7%).

Пред Македонија на листата се наоѓаат сите балкански земји, а правата на ЛГБТ заедницата се најпочитувани во Хрватска (48%), а и во Албанија (38%), Словенија (35%), потоа следуваат Грција (28%), Црна Гора (27%), Србија (25%), Босна и Херцеговина (20%), Бугарија (18%) и Косово (14%).

На врвот на листата се наоѓа Велика Британија, каде што толеранцијата кон оваа група изнесува 77%. Потоа следуваат Белгија, Норвешка, Шведска, Франција, Шпанија и Португалија (со околу 60%), а зад нив се и Данска, Ирска, Унгарија и Германија (околу 55%).

Наспроти мислењето дека правата на ЛГБТ лицата во ЕУ се максимално заштитени, ова истражување сепак покажува дека дискриминацијата на сексуалните малцинства е во пораст.

„Насилството против ЛГБТ лицата е вистински паневропски феномен, мотивиран од национализмот, традиционализмот и верскиот фундаментализам“, се наведува во истражувањето.

Во извештајот се констатира дека во некои подрачја е постигнат напредок, но и дека трендовите укажуваат на општото зголемување на стапката на дискриминација, а и на вербалните и физичките напади врз припадниците на овие групи.

Помеѓу водечките негативни примери посебно се истакнува Унгарија, каде што парламентот неодамна ги избриша сексуалните малцинства од законот за спречување на дискриминацијата, и каде што е забележано зголемување на бројот на случаи на насилство и закани кон ЛГБТ лицата од страна на десничарските екстремисти.

На остри критики беше изложена и Грција, каде што припадниците на неонацистичката „Златна зора“ им предизвикуваат проблеми не само на имигрантите и на лицата од потемните раси, туку и на сексуалните малцинства. Ситуацијата не е многу подобра ниту во Бугарија, каде што „говорот на омраза кон ЛГБТ лицата е сосема вообичаен, дури и во однос на носителите на јавните функции“.

Во извештајот се наведени и проблемите кои се забележуваат и кај членките на ЕУ кои не се толку склони кон традиционализмот. Па така, во Холандија секое второ ЛГБТ лице се плаши јавно да ја покаже својата сексуална ориентација поради стравот од општествена осуда.

Во Франција, каде што неодамна беа легализирани истополовите бракови постои зголемување на бројот на случаи на закани и дискриминација, а СОС линијата за ЛГБТ лицата добива рекорден број повици.

Во извештајот се констатира и дека ниедна европска институција (со исклучок на Парламентот) не ја промовира активно антидискриминационата политика во однос на ЛГБТ лицата, ниту пак нуди стратегии за решавање на овој проблем.

Извор: blic.rs