Гвантанамо: морален злостор против човештвото

20.05.2013 15:57
Гвантанамо: морален злостор против човештвото

Откако американската администрација со години го игнорираше, проблемот со американскиот затвор Гвантанамо на Куба повторно стана актуелен, по масовниот штрајк со глад на затворениците. Претседателот Барак Обама уште на почетокот на својот мандат во 2009 година вети дека ќе го укине затворот „во рок од една година“, но наместо тоа само го обвини Конгресот за спречување на неговите планови. Вистина е дека Конгресот ги блокираше одлуките на Обама кои можеа да доведат до намалување на бројот на затворениците, но во истото време и самиот тој не презеде ниту една од мерките кои му стојат на располагање, а не го бараат одобрувањето од страна на законодавните тела.

Кога Обама стана претседател во затворот Гвантанамо имаше 240 лица, додека неговиот претходник Џорџ Буш за време на својот мандат таму испрати 779 лица. Овој број во последните неколку години се намали на 166 осомничени. Меѓу нив има дури 86 осомничени кои веќе добиле одобрение за ослободување, а за 24 затвореници правосудните сили сметаат дека нема доволно докази за отпочнување судска постапка, додека за 46 од нив е проценето дека се премногу опасни за да бидат ослободени, иако не се пронајдени цврсти темели за нивно судско обвинение. Моментално им се суди на само шест затвореници, а тројца отслужуваат казна врз основа на пресудата на воената комисија, иако две од овие пресуди беа отфрлени од страна на апелациониот суд, поради ненадлежност на комсијата. Освен тоа, претставници од организацијата за заштита на човековите права тврдат дека и работата на самите комисии е многу несигурна, бидејќи тие не се независни и бидејќи ги признаваат доказите изнудени под присила, а не го почитуваат ни принципот за привилегираниот однос помеѓу адвокатот и клиентот.

Пред два месеца истече и едногодишниот рок за почетокот на работата на периодичниот одбор за ревизија, во чии рамки затворениците кои биле прогласени за преопасни за ослободување би можеле да ја оспорат таквата одлука. Причината за одолговлекувањето се расправиите на институциите околу третманот на „доказите“ изнудени со тортура и нехумано однесување, при што ЦИА – која ги предводи овие испитувања – се спротивставува на ваквите квалификации.

Од почетокот на јануари Гвантанамо остана и без својот висок цивилен функционер задолжен за затворот, кој во меѓувреме беше распореден на друго работно место, а неговата замена сè уште не е именувана. Покрај сето ова, управата на затворот побара 200 милиони долари за обнова на пропаднатиот комплекс, а се жали и на фактот дека нема услови за лекување на болните затвореници на кои им е потребна дијализа или радијација.

Целокупната незаинтересираност на администрацијата на крајот доведе до очајничкиот потег на затворениците кои пред два месеца го започнаа штрајкот со глад. Непосредниот повод беше рацијата на просторијата во која затворениците со години заеднички живееле, извршена на почетокот на февруари, и при која на голем дел од затворениците им биле одземени личните предмети. Наводно рацијата била спроведена бидејќи затворениците се обиделе да ги блокираат надзорните камери, а по неа сите се префрлени во поединечни ќелии.

Поради штрајкот со глас повеќе од 20 затвореници биле принудени на присилно хранење, поради што војската во Гвантанамо испратила дополнителни 40 здравствени работници. Од почетокот на април биле извршени најмалку два обида за самоубиство, но поголемиот дел од затворениците велат дека нивната цел не е да се убијат, бидејќи нивната вера им го забранува тоа, но и дека нема да престанат со протестот сè додека некој не биде ослободен.

Пред неколку недели и американската здравствена комора реагираше против мерките на присилно хранење – сурови и болни постапки при кои затвореникот се врзува за стол, а во носот му се поставува цевка низ која се администрира хранлива течност. Џереми А. Лазарус, претседателот на комората, му напиша писмо на министерот за одбрана Чак Хагел, потсетувајќи го на токиската декларација на здружението на лекарите според која, присилното хранење на затоворениците кои одбиваат да јадат, а кои се способни за донесување рационални одлуки не е дозволено.

Ескалацијата на проблемите допре и до незаинтересираниот Обама, кој по овој повод свика конференција за новинарите, на која сепак ја бранеше одлуката за присилното хранење, образложувајќи дека тој „не сака овие луѓе да умрат“. Изјави и дека „затворот Гвантанамо не е неопходен за безбедноста на Америка, тој е скап, неефикасен и влијае лошо на меѓународната репутација и на соработката со сојузниците“. Додаде и дека неговите советници „ќе ги испитаат сите опции“, но притоа не спомна ниедно конкретно решение.

Невладината организација „Центар за уставни права“ реагираше на изјавите на Обама, напоменувајќи дека Обама има на располагање неколлу опции кои за жал никогаш не ги искористил. Тука пред сè спаѓа можноста за подигнување на т.н. процес на префрлување, кој му овозможува да го одобри процесот за трансфер на затвореникот, и покрај одлуката на Конгресот за забрана на трансферот на затвореникот во некоја друга земја доколку тој не ги исполнува условите кои гарантираат дека ослободените затвореници нема да се занимваат со терористички активности. Центарот го повика Обама да го укине мораториумот на репатријацијата на затворениците од Јемен, со оглед на тоа дека третина од преостанатите затвореници доаѓаат токму од оваа земја. Мораториумот е воведен во 2009 година, а Центарот смета дека тој е „колективна казна заснована на нечие државјанство“.

Лаура Питер, советничка за противтероризам при организацијата за заштита на човековите права, се наврати на проценките на агенциите за известување според кои за 16% од ослободените затвореници од Гвантанамо „со сигурност се знае“, а за уште 11% се „претпоставува“ дека по ослободувањето ќе учествуваат во теористички активности, што се користи како аргумент против нивното ослободување, Освен тоа што се игнорира фактот дека 73% од нив ќе „живеат мирен живот“, Питер тврди и дека „од морален аспект, стравот дека некој ќе се занимава со тероризам во иднината не е легитимна основа за неограничен притвор“. Освен тоа „одлуката за ослободување треба да се носи на поедничена база, а на врз основа на однесувањето на другите затвореници“, пишува таа.

За разлика од цивилните организации, американските власти се обидуваат да не го воздигнат проблемот со затворот Гвантанамо до морално рамниште. Вилијам Лејтзау, висок службеник од Пентагон кој е задолжен за политиките за притвор вели дека прашањето за Гвантанамо „треба да се разгледува настрана од принципиелните, кредибилните и одржливите политики на притвор“. „Кога сето ова ќе се соедини, доаѓаме до имплицитната теза дека пртитворувањето на затворениците во Гвантанамо е инхерентно незаконско и неморално. Ние сакаме да го затвориме Гвантанамо, но не поради тоа што неговото постоење е неморално“, порачува Лејтзау.

Извор: novossti.com