Македонија со висока стапка на пребирливост при вработувањето

21.05.2013 10:51
Македонија со висока стапка на пребирливост при вработувањето

Скопје, 21 мај 2013

Според најновото истражување на Министерството за труд и социјална политика, Македонија се соочува со рекордно висока стапка на пребирливост на младите при вработувањето.

Иако економската состојба е најдобра во изминатите неколку милениуми од македонската историја, проблемот со невработеноста тешко се решава поради пребирливите млади луѓе кои имаат превисоки очекувања од работното место и задачите што треба да ги извршуваат.

„Нека ме земат мене за пример. Видов-не видов, се вработив како министер. Мислите дека не сакав подобра, поугледна, подобро платена работа или работно место со повеќе привилегии“, изјави министерот Ристовски, додавајќи дека младите исто така не се трудат доволно да најдат работа.

„Испратено CV до 115 компании, фаќање врски преку сите роднини и земање членска книшка од три партии не значи дека некој се труди да најде работа. Треба да не се биде толку пасивен“, заклучува Ристовски.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, смета дека проблемот е што младите бараат работа исклучиво според својот образовен профил.

„Не треба да ви пречи тоа што имате завршено машински факултет, а треба да работите како хирург, семкар или пилот“, изјави Поповски.

За незаинтересираноста на младите да се вработат, зборуваат и многу средношколски професори: да даде господ да работиш, твоите работа да ти најдат, министер да се сториш, ден во завод да не чекаш, платата редовна да ти биде... се само дел од клетвите кои средношколците си ги упатуваат кога ќе се скараат, сведочи професор во средно училиште кој сакаше да остане анонимен.

Слика: @m1ssy_