Министерот Ристо Спировски силно вознемирен поради тоа што граѓаните се подбиваат со неговата изјава за невработените

22.05.2013 07:37
Министерот Ристо Спировски силно вознемирен поради тоа што граѓаните се подбиваат со неговата изјава за невработените

Од извори блиски до владејачката хунта, Пара вести дознаваат дека министерот за труд и антисоцијални политики, Ристо Спировски, бил силно вознемирен поради тоа што веќе неколку дена граѓаните на Македонија – преку социјалните мрежи и во меѓусебните разговори – се подбиваат со неговата изјава дека „работа има, ама невработените лица немаат желба за работа“.

Нашите новинари дознаваат дека вечерта, по дадената изјава за медиумите, министерот Спировски почувствувал силна главоболка, по што порано си заминал дома и си легнал без да вечера кавијар со шампањско и без да ја изгледа најновата епизода од ТВ серијата „Сулејман величествениот“, која се прикажува на една од нашите телевизии. Следното утро тој одбил да стане од кревет и се жалел на температура и болки во стомакот и во главата, поради што морал да биде повикан семејниот лекар кој утврдил дека министерот пројавува симптоми на „силна вознемиреност која е последица на непромислена изјава“.

Сепак, како што дознаваат Пара вести, и покрај препораките од семејниот лекар министерот Спировски да земе неколку слободни денови и да паузира од давањето изјави за медиумите, министерот следното утро се појавил на работа со мало задоцнување и веднаш се затворил во својата канцеларија, од каде што не излегол цел ден, сè до завршетокот на работното време.

Пара вести се обидоа да добијат изјава од него, но од неговиот кабинет ни испратија соопштение во кое се вели дека „министерот Ристо Спировски не се чувствува добро и нема да дава изјави за медиумите во догледно време“. Иако во соопштението не е прецизирано за колку време станува збор, нашите новинари, од извори блиски до владејачката хунта, дознаваат дека се работи за само три дена.

Со соопштение се огласи и портпаролот на ВМРО-ДуПНиМЕ, во кое вели дека министерот Спировски „претерал со изјавата“ и дека „вакви работи се недозволиви дури и за во една недемократска земја како што е Македонија“.

Што се однесува до граѓаните кои се подбиваат со неговата изјава, портпаролот на ВМРО-ДуПНиМЕ во соопштението вели дека „внимателно се следат сите активности на социјалните мрежи“ и дека „секое прекумерно подбивање со министерот ќе се казни според законот на хунтата“.