Заводливата економија на нацизмот

22.05.2013 12:51
Заводливата економија на нацизмот

Во книгата „Социјалната држава на Хитлер“ Гец Али го анализира поимот „консензуална диктатура“, кој го одредува како лојалност на граѓаните кон власта, која не произлегува од никакви иделошки уверувања, па затоа и мора постојано да се купува со системски подмитувања со помош на социјалните добра. Во рамки на воените успеси кои ги овозможувале кражбите, овој товар најпрво го искусувале т.н. туѓинци (Евреите и населението од окупираните земји), а подоцна и самите подмитени. Ова е познато и денес и во него можеме да се увериме и со сопствените очи. Во секој случај оваа книга не го прикажува само минатото, туку во многу аспекти покажува и дека овие елементи се сè уште присутни и многу удобно сместени во системите во кои живееме и денес.

Германскиот историчар Гец Али на едно место вели дека при работата на неговата книга „Социјалната држава на Хитлер“ се впуштал во историски, но и во криминалистички истражувања. И навистина, при читањето на неговата книга чиј целосен наслов е „Социјалната држава на Хитлер: Кражбите, расната војна и националсоцијализмот“, а е објавена во Германија во 2005 година, понекогаш се добива впечаток дека всушност се читаат судски записи. Но тоа никако не значи дека се работи за досадна книга (имајќи го предвид фактот дека судските записи асоцијативно се врзуваат со досадата). Сосема напротив. На петстотини страници, авторот педантно ги изложува доказите за „германскиот Рајх кој од странски извори повлекол 170 милијарди рајхмарки за тековните воени приходи. Тоа е десет пати повеќе од износот на приходот кој Рајхот го имал во 1938 година и денес би изнесувал околу 1.7 милијарди евра. Оваа кражба била темелот на германската добросостојба и политичката лојалност, која очигледно почивала на материјалните интереси. Единството на народот и водството не ја црпело својата кобна стабилност од рафинираната идеолошка пропаганда, туку било воспоставено со помош на украдените средства и социјалните политики кои „праведно“ го делеле пленот помеѓу германските „Volksgenossen“. Инсистирајќи на својот „принципиелен став дека вкупните трошоци на германските воени сили на одредено подрачје, мора да ги сноси истото тоа подрачје“, и следејќи го тој став „Германија во текот на Втората светска војна ѝ наметнала на Европа огромни трошоци за окупација и контрибуција, присилни кредити и т.н. матрикуларни придонеси“. Авторот го покажува и исцрпно го документира одвивањето на овој процес од земја до земја, со сите негови специфичности и единствената матрица. Тука првенствено станува збор за експропријација на имотите на Евреите која била спороведувана во рамки на расистичката идеологија, системската „аријанизација“ на германското општество или во склоп на она што било познато како десемитизација. Експропријацијата и продажбата на имотите на Евреите биле фискално-политички цели, и тоа не само за Германија и во 1938 година. Оваа постапка се претворила во модел кој преку окупацијата на другите земји и со воспоствувањето на сателитските држави се извезувал и систематски се користел и во тие земји.

Помеѓу сателитските земји се нашла и „Независната држава Хрватска“ на која Гец Али исто така ѝ посветува внимание. Таа е основана на 10 април, а номинално ја воспоставиле усташите, на кои им помогнале и Италијаните, а потоа германските воени сили ја окупирале и управувале со неа. На тој начин владата на НДХ четири дена по нејзиното воспоставување, односно по пристигнувањето на германските воени сили, ги блокирала банкарските сметки на околу триесет илјади Евреи, и покрај тоа што за оваа постапка сè уште не постоела ни законска основа. Таа била создадена по шеснаесет дена, кога бил донесен посебен закон кој го принудувал еврејското малцинство да го пријави личниот имот, во рамки на прецизен имотен попис. Овие пари веднаш се префрлале од државната каса во онаа на германските воени сили и биле употребувани за финансирање на окупационите трупи. Преку овој модел, односно на истиот тој начин, се одвивале ограбувањата на Евреите и на сите други граѓани во сите останати окупирани и сателитски земји.

По ваквото присилно финансирање на германските окупациони трупи, рушењето на локалнте монети и предизвикувањето инфлација, преку воведувањето на посебни пари за војниците на германските воени сили (кои во освоените земји купувале сè што можеле да најдат за да ги откупат овие пари) централните банки на окупираните земји морале да ги откупуваат парите. Меѓутоа централните банки не можеле да им ги наплатат овие пари на германските окупациони власти, туку со налог од овие окупациони власти парите без надомест морале да им бидат вратени на германските воени сили кои потоа повторно им ги давале на војниците како плати, на тој начин што се формирал circulus vitiosus, односно една легализирана и добро организирана кражба. Пјер Арнолд го опишува тоа на овој начин: „Германците ништо не ни одземаа со сила, тие коректно купуваа сè, само што тоа го плаќаа со парите кои претходно ни ги одземаа“. Тие остварувале добивка дури и преку принудните работници кои биле доведувани во Германија и на кои фабриките во кои работеле сепак им давале некаква плата – се разбира, значително пониска од онаа на германските работници, но власта и од таа сума одземала од 60 до 70%. Тешко е накратко да се претстави сето она што авторот документирано го прикажува, особено во однос на посебната суровост и цинизмот кон источните земји, Советскиот Сојуз и Украина. Па така одлуката на државниот секретар на Рајхот донесена на 21 мај 1941 година гласи: „Војната може да се продложи само ако за време на третата година сите трупи на германските воени сили се издржуваат на сметка на Русија. Ако од земјата го изнесеме она што ни е непоходно, сигурно ќе умрат од глас десетина милиони луѓе.“ Една година подоцна, Гаулајтерот на Украина, Кох изјавил: „Ако тој народ (украинскиот) работи по десет часа на ден, тогаш осум часа мора да работи за нас. И притоа сите сентиметалности мора да се остават настрана.“ Потоа сите овие нешта ја доживуваат и својата ужасна реализација.

Она кое од крајот на Втората светска војна постојано ја измачува свеста на човештво е прашањето за тоа како е возможно Германците да го допуштиле сето тоа, бидејќи никој не верува дека не знаеле што се случува. Ако и може да се замисли дека не знаеле ништо за ужасите на Исток и во Полска, Русија, Украина, малку веројатно е дека не го гледале теророт и физичкото уништување на своите сограѓани. Како и дали е воопшто возможно антисемитската пропаганда да била толку успешна што довела до речиси целосно умртвување на критичката свест и на свеста на поголемиот број од граѓаните во Германија?

Сакајќи да даде одговор за тоа што придонело за идеолошкото слепило на Германците во однос на ужасите на Холокаустот, Али укажува на поткупувањето на граѓаните со ограбените средства од окупираните земји. Собирајќи ги сите приходи „само“ од „аријанизацијата“, авторот утврдува дека се работи за износ од 15-20 милијарди Рајхмарки, кои ги поседувале европските Евреи, а потоа биле уплатени во германскиот воен буџет. Оттука со право се тврди дека „Холокаустот ќе остане несфатен ако не се анализира и како најдоследно изведената кражба во модерната историја.“ Ниту циничната изјава на Геринг која воените власти со задоволство ја пренесувале и која вели дека „златните плочки се тарифата за преживување“, не се покажала ефикасна. Луѓето биле убивани и покрај доброволно предадените златни плочки, извадените заби, украдените ланчиња... На пример, во 1942 година, многумина заслужни германски војници како знак на внимание за Божиќ под елката пронашле златни рачни часовници, кои всушност биле одземени од Евреите.

Целта била одржување висок животен стандард за сите германски граѓани и граѓанки, деца, селани, работници и пензионери, односно за најшироките германски маси. Па така во воените години селаните плаќале даноци во висина од седумстотини до осумстотини милиони Рајхмарки, но субвенциите за производните цени во селата се мереле во милијарди. Во 1941 година пензиите биле зголемени, а била спроведена и една пензиска реформа која вовела задолжително здравствено осигурување. Сопругите на војниците на фронтовите добивале додатоци кои биле толку високи што понекогаш ги напуштале своите работни места, бидејќи веќе не им биле потребни. На пример, средствата кои за време на војната биле одвојувани за издржување на семејството достигнале до огромни 27,5 милијарди Рајхмарки. Кога војната започнала и на германско тло, на семејствата кои ги загубиле своите станови веднаш им биле доделувани целосно уредени станови, кои се разбира дека им припаѓале на депортираните еврејски семејства.

Извор: Идентитет, бр.177/април 2013

ОкоБоли главаВицФото