Национализмот уште еднаш го победи фудбалот

23.05.2013 12:05
Национализмот уште еднаш го победи фудбалот

Синоќешното финале на фудбалскиот куп на Македонија помина онака како што секој што барем малку ги познава приликите во македонскиот фудбал можеше да очекува: во преден план беше национализмот, а не фудбалот. Не се памти натпревар на кој навивачки групи од македонска и албанска националност не се навредувале на етничка и верска основа.

Таканаречените навивачи пред натпреварот беа предупредени од ФФМ дека нема да биде толерирано некоректно навивање. Па сепак, не издржаа и од трибините испраќаа пораки за смрт и етничко чистење на територии. Штом знаеја дека нема да бидат толерирани, а продолжија со националистичкото дивеење, нема потреба да се поставува прашањето колку им е важно да ги гледаат клубовите кои (така велат самите тие) многу им значат.

Судиите и делегатот донесоа исправна одлука за прекин на натпреварот и тоа е за поздрав, но мала е утехата за искрените љубители на фудбалот ако борбата против националистичките дивјаци на трибините остане само на ова.

Во Македонија национализмот со години го победува фудбалот со службен резултат од 3:0. Дури и спортските коментатори често замижуваат пред грдите наци пораки, велејќи дека се навива „фер и коректно“ сè додека не се случат физички пресметки помеѓу навивачките групи или додека не се направи обид за тоа.

Ако ни е јасно зошто фудбалската федерација преку своите органи и одговорни лица не дозволи беснеењето на хулиганите да продолжи во финалето на купот, тогаш останува прашањето зошто со години тоа беше толерирано на првенствените натпревари.

Прекинувањето на финалето помеѓу Тетекс и Шкендија има смисла само ако претставува почеток на доследна, системска и бескомпромисна борба за искоренување на национализмот од спортот. Ако намерите на надлежните не се такви, тогаш слободно можеа да дозволат екипите да го доиграат натпреварот „бодрени“ со пораките за масовни убиства и етнички чистења.

ОкоБоли главаВицФото