
Бодлер низ париските улици на сиџимџе шеташе алигатор. За потребите на една мала историска лекција ние денес низ мрачните македонски сокаци ќе го прошетаме овдешниот новоразбуден и распалавен Кербер на деснилото. Кога ќе се здружат (како што кај нас во моментов се здружуваат околу ВМРО-ДПМНЕ) социјализмот и национализмот, или национализмот и клерикализмот, или фолклорот, археологијата и гените - тогаш е јасно дека Керберот на деснилото е пуштен од синџир.
Во оваа пригода на Керберот на деснилото ќе се обидеме само да му ставиме опитно штиче (како на алигатор), за мерење на зјапнатоста, на острината на забот, киселоста на плунката и слично. Оти, нашиов Кербер на деснилото е сè - само не нов. Oпишан е илјада пати. Во поново време го гледавме во акција во југословенските војни, 1991-1995 (а и пред тоа, додека се спремаше за скок низ пламениот обрач). Неговото име е: паланка. Неговото име е: затвореност и омраза, фрустрираност и лудило. Неговото име е: наци-фашизам.
Можеби, велите, зборот е прегруб, а аналогијата оди премногу далеку? Вака вели Умберто Еко, како одговор: „Ур-фашизмот сè уште е покрај нас, понекогаш и во цивилка. Би ни било полесно кога на светската сцена би се појавил некој кој би рекол: „Сакам одново да го отвориме Аушвиц, сакам црнокошулашите одново да парадираат низ италијанските плоштади“. Но животот не е толку едноставен. Ур-фашизмот може да се врати под најневини маски. Наша должност е да го разобличуваме и да го вперуваме прстот во секое од неговите нови отелотворенија - секој ден, во секој дел од светот.“
Еден друг познавач на тоталитарните матрици, Вук Перишиќ, вели: „Тоталитаризмот не е само говорот на Хитлер, статијата на Сталин или излив во мозокот на нацијата туку, пред сè, неспособноста на поединецот да се доживее себе си како посебен и самодоволен идентитет.“
Нашиот денешен водич низ македонските кругови на пеколот ќе биде Клаус Тевелајт кој во својата студија за фашизмот, „Машките фантазии“, констатира: „Фашистичкото собирање се одвива во две насоки: во едната се собираат најжилавите сили во патријархалната хиерархија; во другата насока се случува „отфрлањето, што значи убивањето, на она што не може да се вклопи“. Токму таа метастазирана биологизација на општествениот живот е второто име за фашистичките некрофилии. Биологизацијата која ги исклучува компетенциите на разумот, е најефикасното средство за самоубиство на едно општество.
Патријархалецот-фашист не копнее по никаква среќа на нацијата, туку по спојување на сопствената расцепена свест во насилното единство на националната свест - што по правило е најлошата форма на општествено угнетување, угнетувење со помош на лажната национална целина. Таа желба за целината на нацијата е само желба за моќ, пишува Тевелајт.
Фрајкор-борецот Тор Готе оставил сведоштво токму за тоа: „борбата на Хитлер се однесува на свеста дека секој поединец е дел од целината и за него нема ништо повозвишено отколку да ја исполнува должноста спрема таа целина“. Тевелајт заклучува: „Таквото единство означува состојба на доминација; тоа не е состојба на, да речеме, еднаквост“.
За таквата патријархално-парохијална заедница која копнее по единство неопходен е водач. Затоа македонските граѓани две години од сите можни орудија се изложени на медиумски терор: една нација, еден водач. Во таквото одвратно македонско „единство“ водачот стои на врвот, истовремено како политичко, морално и културно водство. Неговата должност спрема нацијата, спрема целината на „народното тело“ е во тоа тој со целината да владее. Со помош на владеењето тој се бори против шизофрената состојба на својот ум - го спојува неспоивото, ги укинува судирите на природните интереси внатре во општествената целина, произведувајќи една манична национална „целина“. На тој начин, според Тевелајт, наместо шизофреник тој станува параноик; прогонетиот станува прогонител. За самиот да не се расцепи - ги расцепува другите.
Народот е суровина која ја обликува националниот водач. „Што е народот? Заедница на крвното сродство која заеднички трпи и страда. Нацијата е таа која обликува и владее“, вели фашистот Хајнц Спренгстоф. Еден друг попознат фашист, Ернс фон Саломон, вака вели: „Не се бориме за народот да стане среќен, туку за да го натераме кон неговата судбинска линија!“ Трет фашист, Бронен, вака вели: „Нацијата воскреснала од прасмислата на херојскиот човек. Таа е во заедништвото, во мобилизацијата, во неумоливата и неизбежна борба“.
Во својот есеј „Давење во толпата“ Вук Перишиќ како да ја опишува ситуацијата во груевистичка Македонија: „Успехот на тоталитаризмот се мери со квалитетот и количината емоции кои ја замениле рационалната демократска процедура. Тогаш, баналната работа како што е управувањето со една јавна установа – државата – станува ’историска мисија’, флоскулите стануваат свети работи кои не смеат да се доведат во прашање, понижувањето станува достоинство, презирот кон себе се преобразува во гордост поради подготвеноста на жртва, додека случаите на тешка интелектуална и морална несвестица се слават и поттикнуваат како ’национална освестеност’ или ’класна свест’.“
Македонските наци-фашисти, инаку, ги гледам барем петнаесетина години, и тоа баш по најмрачните дувла на овој ионака помрачен град (кој полека се лизга кон онаа позната состојба што Крлежа ја опиша: крчма со изгаснати светла). Различно е само тоа што до вчера македонските наци-фашисти (дел од нив дури и мои пријатели!) беа ноторно општествено дно и дотолку шармантни во својот губитнички филм на лудилото. Денес заводливите лудаци од чајџилниците се власт во Република Македонија и ги користат сите дозволиви (а и многу недозволиви) средства да го фашизираат современиот Македонец.
Верзија на текстов првично беше објавена во „Утрински весник“ на 03.02.2009. година
Слики: Свирачиња
Слични текстови