Немирите во Стокхолм

24.05.2013 08:22
Немирите во Стокхолм

Во десет предградија на главниот град на Шведска, ноќта помеѓу средата и четвртокот повторно гореа контејнери и автомобили, излозите беа кршени, а полицајците опсипувани со камења. Во Хусби се запалени културниот центар и училиштето, а полициската станица во Јакобсберг е потполно девастирана. Приведени се осуммина осомничени, повеќето малолетници. Министерката за правда Беатрис Аск говори за „многу сериозна ситуација“.

Нередите избија во неделата навечер, токму во Хусби. Директен повод беше акцијата на полицијата шест дена претходо. Еден човек излезе на балконот на својот стан со нож извикувајќи закани. Во станот влезе член на специјалната единица на полицијата и со огнено оружје го уби овој 69-годишник. Наводно во самоодбрана. Организација за самопомош Megafonen ја обвини полицијата за расизам: да се работи за некој „Карл-Ерик“ од богатото предградие би повикале обичен полицаец, но затоа што станува збор за „Ахмед“ од Хусби испратија специјална единица која превентивно го ликвидираше.

Ни медуимите ни политичарите не реагираа кога Megafonen бараше официјална истрага за овој настан. Реакцијата уследи дури кога во неделата во Хусби беа запалени автомобили. Ситуацијата дополнително ја влошуваат расизмот и бруталноста на полицијата. Кога за време на мирните демонстрации избија неколку помали инциденти, дојдоа полициски единици кои го блокираа центарот на градот. На повиците на родителите и членовите на една локална хуманитарна организација ситуацијата да се смири со разговор со младите, полицијата наводно одговорила со навредите „глувци“ и „црнчуги“. На случајните минувачи им се заканувале со пендреци. По повод овие инциденти покрената е истрага.

„Фрустрацијата е потполно разбирлива“, коментира стокхолмскиот весник Aftonbladet, „ Хусби во последните неколку години е препуштен сам на себе“. 83% од 12.000 жители на ова предградие се со емигрантско потекло. Невработеноста е два пати поголема од градскиот просек, 40% од младите помеѓу 19 и 24 годни се без работа или не одат во училиште. Просечната заработка е 40% пониска отколку во остатокот на Стокхолм, а бројот на оние кои примаат социјална помош е на рекордно ниво.

Седум години политиките на владата на десниот центар, со четири намалувања на даноците за добростоечките и резовите во јавниот сектор, најмногу се чувствуваат во Хусби. Здравствениот центар и центарот за млади се затворени, училиштата запуштени. „Гори изгубената надеж“, го наслови својот текст левичарското списание International. OECD минатата недела објави свој извештај, според кој Шведска е земја со најголем пораст на разликите во доходот во последните дваесет години меѓу сите индустриски земји од запад.

Крај на идилата

Дали Шведска сè уште е земја на идилични мали куќи, срдечни луѓе, мебел и безвременска поп музика? Да, но сè повеќе е и земја како (речиси) секоја друга во Европа. Земја со голема невработеност на младите, исклучување и гетоизација. Нималку пријатни факти.

Нередите во предградието Хусби ја имаат токму оваа позадина. Избија на 19 мај и како шумски пожар се проширија и во другите предградија на главниот град.

И додека туристите и понатаму ги обиколуваат познатите островчиња, еден дел од шведското општество просто се урна. Бројките кои ги следат немирите оставаат без здив: невработеноста меѓу младите е 24%, секој петти млад човек помеѓу 16 и 19 години не оди во училиште и не работи. Овие таканаречени NEET-ови (not in education or training - без образование и пракса) се темпирана бомба, која сега ја активираа изолацијата и бесперспективноста.

Општата ситуација е позната: Хусби е социјално жариште со голема имигрантска популација, оддалечено дваесет минути со метро од центарот на градот. Во богатите предградија Лидинго и Дјурсхолм работите стојат сосема поинаку: тука невработеноста на младите е непознат поим.

Значи, не мора да гледаме кон Грција или Лондон за да сфатиме дека ваквите поделби во општеството се експлозивни. Шведската влада конечно би требало да го чуе повикот за тревога. Крајно време е да се направи нешто по тој повод и на овие млади луѓе да им се овозможи да го заработуваат својот леб.

Извор: TAZ

ОкоБоли главаВицФото