Бразилското срце на темнината

25.05.2013 11:06
Бразилското срце на темнината

Птицата Курио се одомаќини овде, каде амазонските прашуми се отвораат губејќи малку од својата непроѕирност. Со црн грб, пердуви со боја на лешник, неговото пеење понекогаш е јасно и ѕвонливо, а понекогаш мрачно и пригушено. Домородното население често го лови зашто кога Курио е затворен во ист кафез со уште некој примерок од својот вид, станува многу агресивен. Ќе се бори до изнемоштеност, на тоа можете да се обложите. Неговото име на јазикот на домородците значи „непријател на луѓето“. Чудна птица, Господ знае.

Човекот кој носи прекар според оваа птица е исто така вешт борец. Сите кои го познаваат се едногласни во оценката дека е безобѕирен и брутален. Полковникот Себастијао Родригес де Моура, наречен мајор Курио, пријател на луѓето? Пријателите и непријателите одречно ги вртат главите: „Тој не знае за чувства“, вели неговиот колега Лисио Масиел. Курио можеме да го споредиме само со измислен лик. Полковникот Курц од филмот Appocalypse Now на Копола е добар пример, лудак на убиствен поход низ делтата на шумата Меконг, создаде сопствено царство, прататко на ужасот, застрашувачки лик од романот „Срце на темнината“ на Конрад.

Меѓутоа, настаните и личностите за кои овде станува збор не се измислени. Оваа приказна зборува за убиство и одмазда, за политика и лична освета, за вината која никогаш не застарува и за која мајорот Курио наскоро ќе излезе пред лицето на правдата.

Приказната почнува во времето на воената диктатура. Кон крајот на шеесеттите упориштата на комунистичките борци се наоѓаа околу Рио Арагуаиа. Нивните планови беа да бидат „риби во реката на народот“ - како нивните примери во маоистичка Кина - и со градење мостобрани во џунглата да разгорат голема револуција. Тие се идеалистичка група, лесно вооружена, под постојана закана да заболат од маларија или од змиско каснување. Долго не можеше да им се влезе во трагата зашто живееја помеѓу домашното население, внимателно планирајќи ги инфилтрациите.

Во 1969 година војската почна да ги апси и да ги измачува противниците на режимот кои имаат некакви информации за герилата. Власта бараше некого кој ќе ја исчисти амазонската област. Вистинскиот човек го најдоа во сопствените редови, човекот кој штотуку ја заврши војничката обука во џунглата.

Себастиао Родригес де Моура потекнува од скромно семејство. Син на фризер и домаќинка, роден во гратче на југоистокот од бразилската држава Минас Гераис. Немал спектакуларно детство. Неговата амбиција ја разбудила триумфалната парада приредена од неговиот роднина по враќањето од Втората светска војна, каде што се борел на италијанската страна како член на бразилскиот извидувачки корпус. Себастиао тогаш сфатил дека и тој еден ден ќе биде херој. Ги положил испитите на воената академија, се истакнувал со трудољубивост и послушност. Во слободно време влегувал во ринг и заработувал како боксер. Иако не бил особено крупен или силен, го добивал секој меч. Неговиот прекар потекнува од тоа време.

Курио за режимот се покажа како полн погодок. Под лажно име и со одврзани раце, кружел со хеликоптер над наводните бунтовнички скривалишта, ги прогонувал со џипови по шумските патишта и со чамци по реките. Набрзо станал познат по тоа што не зема заробеници. Кружеа морничави приказни, Курио сече глави, лично ги надгледува најбруталните мачења. Факти: герилата беше разбиена, трагите отстранети. Се зборува за 60 мртви и исчезнати и голема колатерална штета, а меѓу домашното население, кое ги симпатизираше бунтовниците, исто така имаше мртви. За време на воената диктатура Курио продолжи да напредува во кариерата. Од 1980 година управуваше со најголемиот рудник за злато во земјата, го исчисти од „вознемирувачките фактори“ и основа цел нов град. Откако во 1985 година војската беше протерана од власта, никој не го вознемируваше. Влезе во парламентот како пратеник и стана градоначалник на градот што го носи неговото име – Курионополис.

Долго време никој не се занимаваше со злосторствата на војската во Бразил. Законот за амнестија, донесен од страна на војската уште во 1979 година, пропишуваше дека злосторствата сторени за време на диктатурата не смеат да се процесираат. Меѓутоа, пред две години претседателка на Бразил стана Дилма Русеф, поранешен борец на герилата, измачувана и понижувана во затворите во Сао Паоло. Ја основа комисијата за вистина која до 2014 година треба да ги расветли политички мотивираните убиства. Исто така, не се откажаа ни членовите на семејствата. Покренаа процес против Бразил пред интраамериканскиот суд за човекови права, кој на 24 ноември 2010 година донесе историска пресуда, прогласувајќи ја постоечката амнестија за неважечка, истовремено барајќи судска ревизија. Група млади јавни обвинители се обидува да ги изведе одговорните пред лицето на правдата. Прв против кого е покрената постапка е Курио. Обвинетиот сега е 78-годишен, одамна е во пензија. И молчи.

Може ли навистина да се докажат делата што му се припишуваат, а кои се сторени пред 40 години? Постојат ли сведоци? Кој има интерес да копа по минатото во блескаво осветлените ходници на владата во Бразилија или таму, во срцето на амазонската темнина, каде се случи сè?

Тие сепак копаат. Заканувачки темни облаци надвиснуваат над широката, бавна река. Наскоро ќе започне тропска бура, но сонцето сè уште пече. Комарците се раздвижија. Луѓето копаат и понатаму. Метар длабочина, уште подлабоко. Марко Гимараеш клекна покрај гробот, неговата црна кошула е натопена со пот. Триумфално подигнува нешто. „Човечки череп“, извикува судскиот истражител од Бразилија, внимателно дувајќи ги остатоците од прашина од коските. „Доколку обрнеме внимание на величината на вилицата, ќе забележиме дека веројатно станува збор за возрасен маж“.

„Човекот е погребан без ковчег. Телото не е завртено кон запад, каков што е овде обичајот. Околу вратот се гледаат остатоци од јаже“, диктира експертот. „Сè укажува на тоа дека станува збор за герилец“. Попрецизни податоци ќе стигнат по споредувањето на ДНК со роднините кои го ставиле својот генетски материјал на располагање. Истражителите се потполно сигурни дека на две ексхумирани тела, пронајдени со помош на локалното население, се наоѓаат траги од ликвидација.

Потрагата продолжува на другиот брег на реката. ’Рѓосаниот траект се влече преку сивкастата водена маса. Ксамбиоа е едно од оние типични речни села со избледнети камени куќи, продавници со мештовита стока, скромни рибни ресторани. На периферијата, во близина на католичката црква, се наоѓаат гробиштата. И таму се вршат ексхумации, темелно. И мртвите можат да кажуваат приказни, само мора да знаете да ги разберете.

Мануел Кахуеиро е сведок во кого истражителите вложуваат голема надеж. Тој сака да помогне. Сè уште го мачи совеста заради тоа што се случуваше тогаш. „Но, што можев да направам. Да се бунтувам против семоќниот?“, шепоти тој, како да очекува простување на гревовите. Кахуеиро го принудиле да го предводи ловот на одбегнати бунтовници. „Курио беше законот. Не. Беше Бог. Сечеше глави кои потоа ги носеше како доказ во воената база. Покрај работата имаше само неколку страсти. Во една прилика, со хеликоптер наиде еден генерал и извика од кокпитот: Собери ги труповите на куп, ќе ги земеме кога ќе се враќаме, сега одиме на риболов!“

Според изјавите на Кахуеиро, полковникот лично ги измачувал затворениците, без емоции, со камен израз на лицето. Беше систематски мачител, некој кој сакаше да види „резултати“. Кахуеиро присуствувал на едно убиство: „Во џунглата фативме и разоружавме неколку герилци. Курио праша една млада жена како се вика. Таа го погледна со презир и рече: „Герилата нема име“. Тој се заврте кон неа, го извади пиштолот и Ѝ пукаше во главата. Токму така, во главата.“

Целиот ѕид во канцеларијата на Викторија Грабоис е прекриен со фотографии. На прв поглед може да ви се причини дека станува збор за обични фотографии за пасош, но се работи за нешто многу потрагично. „Овој овде, од лево, е мојот сопруг. Исчезна во 1973 година заедно со мојот татко во регионот Арагуаиа, неговата слика е веднаш до онаа на мојот сопруг. А овде долу е мојот брат, исто така герилец и desparacido“. Таа ги смета членовите на нејзиното семејство за „исчезнати“, но ја изгубила сета надеж дека тие се живи. Сака само да дознае што се случило, да ги погреба посмртните остатоци на своите најмили и да се казнат сторителите. Тоа ја одржува во живот, само тоа Ѝ дава сила. Таа е еден од основачите на организацијата „Tortura Nunca Mais“ (Мачење – никогаш повеќе). Пред канцеларијата, заводливиот Рио де Жанеиро мами со своите атракции, плажи, ресторани, галерии. Меѓутоа, тоа повеќе не ја интересира госпоѓата Грабоис.

Во доцните деведесетти таа се бунтувала против воената диктатура. Како и остатокот од семејството, била симпатизер на забранетите комунисти. Разбира зошто нејзиното семејство одлучило да се придружи на герилата, иако таа не го направила тоа зашто имала мал син. Насетувала дека можеби никогаш повеќе нема да ги види. „Во секој случај, никогаш не се сомневав во оправданоста на борбата“, објаснува првин со послаб, но со секој нов изговорен збор со сè посигурен глас.

Зошто не сфатила дека нивната борба во џунглите е безнадежна? Ова прашање ја разлути. „Мораме да ја ставиме борбата во историски контекст. Па ниту револуцијата на Кастро не се одигра под поволни околности. Оние што имаа свест мораа да преземат нешто против бруталната воена диктатура“.

Затоа што долго време никој не се занимаваше со исчезнатите, таа ја презеде задачата. Веќе во 1980 година, со лични средства го организираше првото заминување во Арагуаиа, а подоцна следеа и нови посети. Најде и идентификуваше две тела. Нема доверба во иницијативата на демократската влада, иако и претседателката Русеф беше член на герилата. „Тука има многу политика и компромиси. Многумина од војската сакааат само едно, да ја заборават непријатната историја. Иако беше бескрупулозен, Курио сепак само ги извршуваше наредбите на бившиот режим. Во една прилика рече дека неговите луѓе добиле наредби да не ја напуштат џунглата сè додека не биде мртов и последниот бунтовник“.

Грабоис верува дека Курио ја сочувал евиденцијата за сите убиства, грижливо бележејќи сè, како што тоа го правеа нацистите или Црвените кмери. „Тој се гордее со тоа“. Таа сака да ги добие овие документи. Меѓутоа, не верува дека ќе има судење, зашто тој има влијателни пријатели, а не треба да се занемарат и правните замки. Меѓутоа, прелиминарното сослушување е веќе одржано. И Грабоис присуствуваше на него, заедно со својот син кој денес е професор на универзитет. Курио се заврте кон нив, а таа го издржа неговиот поглед. Не изговори ниту еден единствен збор, дури кога се врати дома сфати дека целото време треперел.

Веројатно никој не се приближил поблиску до полковникот Курио како Хозе Геноино. Во џунглата, а подоцна и во политиката, имаше болно телесна близина. Геноино беше дете од работничко семејство и на 15 години се воодушеви од списите на Мао, а како студент одржуваше контакти со герилата. Кога имаше 23 години отиде во џунглата со помош на комунистичките ќелии. Стана курир, зашто се очекуваа револуционерни упатства од Кина. Кога почна да се навикнува на новиот живот, авантурата одеднаш дојде кон својот крај. Упадна во замка, го фатија припадниците на војската меѓу кои беше и Курио. Заробениците ги водеа во главниот град. Тој признава дека по мачењето во затворот, издал некои тајни, но тврди дека не издал ниту еден соборец.

Помина пет години во затвор посакувајќи крај на диктатурата. Во 1982 година повторно станува политички активен, но прекинува со комунистите. Влегува во парламентот како пратеник на работничката партија и таму го среќава својот некогашен мачител. Курио се кандидираше преку една конзервативна фракција. Се избегнуваа еден со друг додека кариерата на Геноино напредуваше. Во 2002 година тој станува претседател на работничката партија, затоа што Лула да Силва стана претседател државата. Во својата скромна куќа во делот од Сао Паоло каде живее средната класа, Геноино собра сè што се пишувало за востанието во Амазонија. Понекогаш тука седи до доцна во ноќта, пушејќи цигари и размислувајќи за деновите во џунглата. „Курио ја посакуваше моќта, а Бразилија му го овозможи тоа. Сè уште постои град што го носи името на овој злосторник“.

Таму прво беше рудникот за злато Sierra Pelada во кој владееше целосен хаос. А потоа дојде Курио. Повеќе од 100.000 авантуристи во почетокот на осумдесеттите се упатија таму за да копаат како мравки по легендарната „ќелава планина“, каде можеа да се најдат огромни грутки злато, најголемата беше тешка преку 6 килограми. Златната грозница со себе однесе сè што потсетуваше на цивилизиран живот, работниците се бореа за најизгледните места, физички пресметки секоја вечер, макроа и проститутки. Во овој метеж незаконската војска го испрати својот човек. Курио го направи тоа во што беше најдобар, ги исчисти сите без милост. Рудникот беше неговиот втор животен сон, место каде ќе се насели.

На одбегнатите престапници им се закануваше со ликвидација, прогласуваше полициски час, го уреди трувањето со злато. Проститутките ги истера во борделите, оддалечени 30 километри од рудникот, околу кои набрзо почна да расте цел еден град. Тоа место го нарече Курионополис, а по завршувањето на пратеничкиот мандат, беше избран за градоначалник на овој град. Успешно ја заврши транзицијата во демократија, стана човек за сите системи. Дури и денес многумина жалат заради неговото пензионирање. „Беше најефикасниот човек што Курионополис некогаш го имал“, вели Фернандо Лопес, синдикалист, додека поминуваме покрај старата вила на Курио, во која веќе со месеци живеат невработени копачи на злато. „Неговите методи беа сомнителни, но владееше редот“.

Во Бразилија, неговото сегашно живеалиште, Курио го застапува адвокатската супер ѕвезда Аделино Тукундува. Металик црна визит картичка и помпезен настап. Тукундува вели дека Курио е неговиот „најдобар пријател“. „Јавното обвинителство ќе се посрамоти“, верува тој, „случајот Курио не постои“. По негово мислење, Курио бил многу коректен за време на извршувањето на наредбите. „Не постои ништо за кое тој треба да се покае, за мене тој е херој кој нè спаси од големо зло. Секоја влада има своја филозофија, на секоја влада Ѝ е потребно жртвено јагне, сега тоа е Курио“.

Обвинетиот сега живее во богато предградие. Не покажува слабости, досега даде само неколку скудни изјави. За својата задача вели: „Моравме да го зачуваме интегритетот на нацијата и тоа по секоја цена“. За обвинувањата за измачувања вели: “Водев испитувања за да извлечам важни информации од непријателот. Испитувањата не беа меки, туку условени од околностите“. За злосторствата на воената диктатура: “Ако имаше инциденти, тие се ништо во споредба со делата на комунистичките влади ширум светот“.

Секој ден го гледаат како оди да пазарува или да ги посети своите синови. По редовната попладневна дремка, пиејќи пиво гледа сапуници, кои ги има во изобилство на бразилската телевизија. Ако може да му се верува на неговиот адвокат, сепак е љубител на нешто пожестоко, како што се воените филмови. Со пензијата, која за полковник во Бразил изнесува 2500 евра, ужива во староста. Им простил на своите жртви. Прифатил дека младите востаници од Арагуаиа „веројатно биле идеалисти, обземени со сличен дух како и ние. Но, нивниот пат водеше во еден, а мојот во друг правец“.

Извор: http://www.spiegel.de

 

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Свет
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото