Што ни кажуваат зборовите

25.05.2013 12:04
Што ни кажуваат зборовите

Пред речиси две години, луѓето од компанијата Гугл објавија база на податоци од 5,2 милиони книги издадени помеѓу 1500 и 2008 година. Во базата на податоци можете да побарате одреден термин и да дознаете колку некој збор се користел во различни епохи.

Базата на податоци не ви кажува во кој контекст бил употребен тој збор, туку само колку често бил употребуван. Меѓутоа резултатите откриваат интересни културни промени. На пример, некој го бара зборот „кокаин“ преку пребарувачот и дознава дека овој збор бил изненадувачки вообичаен во викторијанската епоха. Потоа, во текот на XX век употребата постепено се намалувала, сè до 1970 година, кога ненадејно се зголемила.

Сакам да раскажам една приказна која се однесува на изминативе педесетина години, а е заснована на истражувањата правени со помош на овој пребарувач. Првиот елемент во ова приказна е сè поголемиот индивидуализам. Истражувањето кое го спровеле Џин М. Твенги, Кит Кемпбел и Британи Џентајл, покажува дека помеѓу 1960 и 2008 година индивидуалистичките зборови и изрази сè повеќе ги потиснувале колективните зборови и изрази.

Односно, во овие 48 години, зборовите и изразите како „персонализирано“, „себе“, „истакнува“, „единствен“, „најпрво јас“, „можам и самиот“ се употребуваат сè почесто. Колективните зборови и изрази како „заедница“, „колектив“, „племе“, „споделување“, „обединување“, „заеднички живот“ и „општо добро“ се употребуваат многу поретко.

Вториот елемент на приказната е деморализацијата. Студијата на Пелин Кесебир и Селин Кесебир открива дека општите морални изрази како „чесност“, „пристојност“ и „совест“ се употребувани многу поретко во текот на XX век. Зборовите кои се поврзуваат со моралот како „почит“, „трпеливост“ и „сочувство“ се употребувани драстично поретко.

Сестрите Кесебир идентификувале 50 зборови кои се поврзуваат со моралот и откриле дека 74% од овие зборови се користеле сè поретко во текот на XX век. Некои доблести се наоѓаат во посебно лоша положба. Употребата на изразите „храброст“ и „морална цврстина“ опаднала за 66%. Употребата на зборовите „благодарност“ и „признание“ се намалила за 49%.

Употребата на зборовите „скромност“ и „умереност“ опаднала за 52%, а на „љубезност“ и „услужливост“ за 56%. Истовремено, употребата на зборовите кои се поврзуваат со способноста за извршување на задачите, како „дисциплина“ и „сигурност“ растела во текот на векот, а истото се однесува и на употребата на зборовите кои се поврзуваат со заслугите. Сестрите Кесебир истакнуваат дека овие одлики се најрелевантни за економското производство и размена.

Даниел Клејн од Универзитетот Џорџ Мејсон спровел едно навистина опсежно истражување со помош на пребарувачот на Гугл. Тој пронашол дополнителни докази за овие два елементи. Во однос на темата за индивидуализацијата, открил дека зборот „преференција“ бил едвај користен сè до 1930 година, а оттогаш неговата употреба нагло се зголемува. Во однос на прашањето за деморализацијата, тој открива долготрајно опаѓање на употребата на тремините „вера“, „мудрост“, „мора“, „зло“, „внимателност“ и остар пораст на оние изрази кои кожат да се наречат општествено-научни, и меѓу кои спаѓаат „субјективност“, „нормативно“, „психологија“ и „информација“.

Клајн додава и трет елемент во рамки на приказната и кој се однесува на власта. Зборовите кои се поврзуваат со експертите покажуваат упорен пораст. Истото важи и за изразите како што се „управување со државата“, „економска правда“, „национализам“, „приоритети“, „десница“ и „левица“. Ова укажува дека политиката и државата станале многу распространети.

Значи, приказната која сакам да ја раскажам е следнава: во изминатиот половина век општеството станувало сè поиндивидуалистичко. Како што станувало сè повеќе индивидуалистичко, така станувало и помалку морално, бидејќи социјалното и моралното ткиво се нараскинливо поврзани. Атомизацијата и деморализацијата на општеството доведоа до одредени социјални проблеми, кои државата се обидува да ги реши, што понекогаш успева, но многу почесто е безнадежно.

Оваа приказна, доколку е вистинита, би требало да предизвика непријатност и кај десницата и кај левицата. Конзервативците понекогаш тврдат дека доколку само успееме да ја намалиме Америка на обемот кој го имала пред педесеттина години, тогаш таа повторно ќе стане витална и слободна. Но темелите на социјалната и моралната култура повеќе не постојат. Државата би можела да биде помала кога социјалното ткиво би било поцврсто поврзано, но денес, кога веќе не важи тоа, малата држава ќе има поинакви, а можеби и катаклизмички ефекти.

Либералите понекогаш тврдат дека нашите главни проблеми доаѓаат одозгора: од елитата која е обземена со себеси, од банкарската олигархија. Но податоците ни говорат дека индивидуализмот и деморалноста се присутни и во горните и во долните слоеви на општеството, а можеби и се поприсутни во долните. Либералите понекогаш велат и дека нашите проблеми во суштина се економски и дека можат да се решат на политички начин низ прераспределба. Но можеби суштината на проблемот е воедно и културна. Општествените и моралните тенденции ги надминуваат предложените редистрибутивни решенија.

Доказите од ваквите нецелосни податоци исто така треба да се потврдат. Луѓето ги препознаваат обрасците во кои веруваат. Можеби и јас го правам тоа. Но постепените промени во јазикот ги одразуваат тектонските поместувања во културата. Ние сè поретко пишуваме за заедничките врски и обврски затоа што тие имаат сè помала улога во нашите животи.

Извор: nytimes.com
Слики: Деби ДеВит

ОкоБоли главаВицФото