Приказна за Марина Абрамовиќ

25.05.2013 14:06
Приказна за Марина Абрамовиќ

Пред сè, лице. Лице на жена која одлучи да биде трајно и длабоко ранета од уметноста, да не му дозволи на светот ниту за миг да помисли дека занимавањето со оваа божествена, демонска и ангелска работа - е удобно и лесно. Повеќе од четири децении таа го збунува, излудува, заведува светот. Никој не ми верува кога кажувам дека на 30 ноември ќе наполни 65 години. Таа влезе во реката на Херодот која постојано тече и тој тек е нејзината сила. Таа не се повторува.

Сè почнало во Белград, кога мајка ѝ Даница на 30 ноември 1948 родила девојче, од таткото Војо. Двајцата биле народни херои. Се запознале за време на Втората светска војна, а легендата вели дека еднаш таа ги лекувала неговите рани, а друг пат, на Сутјеска, тој ја спасил од смрт. Во животот на Марина има многу такви приказни. Таа понекогаш потврдува, понекогаш негира, понекогаш свесно мистифицира. Си игра. Името Марина ѝ го дал татко ѝ, по една Русинка, партизанка која загинала пред да ја запознае Даница. И Марина цел живот мисли дека мајка ѝ поради тоа ја сакала помалку. Но, комунистичкиот рај во кој расте (лете престојува во вилите на Тито во кои самиот Тито не стигнува да престојува и кои ги населуваат полнети животни убиени во лов) не ѝ дарува ни мир ни среќа. Родителите спијат со пиштоли под креветите. Таа првите години расте кај баба ѝ, бидејќи мајка ѝ нема време, земјата треба да се обновува.

Фројд тврдел дека целата наша личност се формира до петтата година. Емпиријата ја докажува теоријата. Кај баба ѝ, Марина ја запознава ослободувачката благост на ритуалот. Баба ѝ негува два: молитва и редовна подготовка на оброците. Кога еднаш ја остава сама дома да ја почека, на масата со полна чаша вода и се враќа дури по два часа, бабата затекнува дете кое не се помрднало два часа - првиот перформанс. Петгодишната Марина два часа седела не помрднувајќи се и гледајќи во полната чаша вода.

Подоцна, прабабата на Марина решава свесно да умре и во веќе длабоката старост го повикува целото семејство да изеде вкусен оброк, додека таа, свесно, издивнува на креветот, подготвена со силата на волјата да ја повика смртта. Ја водат Марина да ја гледа Крсмана Пејатовиќ-Росиќ како умира и ова остава трајна дамка од црвено мастило на нејзината поетска меморија. Кога за време на еден перформанс од седумдесеттите години на минатиот век, пред СКЦ, Марина се онесвестила поради недостиг од кислород, додека лежи во запалената петокрака, а нејзините колеги уметници ја извлекуваат и со тоа го прекинуваат перформансот, таа се лути. Доаѓањето до самиот раб на просторот е нејзиниот уметнички танц.

Хранење со дијамантски прав

Таа буквално ја храни публиката со дијамантски прав од соништата, но еден нејзин потомок е убиен на истиот начин. Тоа бил патријархот Варнава, кој бил во немилост бидејќи не сакал да ѝ се дадат повеќе права на Католичката црква отколку што веќе имала и убиен е од страна на црковните власти така што во храната му е ставен невидлив дијамантски прав кој предизвикува внатрешно крварење. Марина Абрамовиќ постојано предизвикува надворешно крварење. Одговор на родителите, партизански херои, е фрлањето на нејзината партиска книшка во оган во 1968 година, врежување петокрака со нож на стомакот во вид на пентаграм во еден перформанс, одбивање да остане како асистентка на Ликовната академија во Нови САД и наместо тоа да го одбере несигурниот, но сопствен пат. (Ако патот не е несигурен, не е пат - и Марина го знаела тоа). Црвеното многу често се појавува како боја во нејзините перформанси, но тубата од која таа го цеди циноберот и кармин-црвената е нејзиното сопствено тело.

Исто така, сета нејзина сензуалност која, со енергијата, е храна за секое создавање, е нагласена во младите години. И децата сурово ја нарекуваат „жирафа“. Кога родителите се разидуваат, бидејќи мајка ѝ е уметнички настроен народен херој кој обожава театар и ја води Марина на Биеналето во Венеција на дванаесет години, додека таткото со старите другари пече прасе на терасата, на девојчето таа разделба тешко му паѓа. Кога го гледа татко ѝ на улица како се бакнува со новата жена, сака да скокне низ прозорецот. Со часови ја држат за рака додека таа плаче. Бидејќи, во животот на девојчето, мајките се за воспитување, а татковците за љубов.

Татко ѝ е единствениот маж кој и кога ќе си замине од семејството, нема да ја напушти ќерката и ќе ја сака до крајот на животот. Сите останати мажи се помала или поголема измама. Обично поголема. И Марина го знае тоа. Го посетува таткото. Оди во амфитеатарот каде тој предава и повторно доживува шок. Кога влегува, целата предавална прснува во смеа. Таа излетува надвор, бега дома плачејќи. Не знае дека татко ѝ токму пред да влезе ја изговорил реченицата: „Во војната куршум ми го разнесе левиот тестис, а да знаете каква ќерка направив.“

Целиот живот секогаш со неа ќе биде некој маж, затоа што татко ѝ, сепак, заминал. Иако правела перформанси каде сурово ја четкала косата и до бесвест повторувала дека уметноста мора да биде убава, а уметникот убав, сакајќи да нè префрли трајно во спротивното уверување, мажите кои таа ги бира се прекрасно заводливи. Улај, нејзината најголема љубов и професионален соработник, е чувствителен и нежно убав Германец пораснат без семејство. Кога го запознава, веќе е омажена за колегата од класата, Неша Париповиќ. Неша за Улај ќе дознае дури кога ќе се обиде да ја отклучи вратата од нивната куќа во Истра. Дотогаш, Марина ќе го крие Улај, иако кога го запознала рекла: „Не можам да дишам од љубов.“

Како Дора Маар

Воопшто не знаејќи, можеби Пикасо се заљубил во Дора Маар додека ја гледал како во еден париски ресторан игра стара словенска игра - забодува нож меѓу прстите сè додека не прсне крв, а кога крвта ќе прсне, не се обѕира многу; ист ваков перформанс со повеќе варијации Марина извела повеќе пати.

Зошто перформанс, а не скулптура или слика? Затоа што сметала дека зборот мора да стане тело. Во младоста, таа веќе си игра руски рулет. Имено, татко ѝ на Марина ѝ подарува пиштол бидејќи смета дека сега е зрела. Таа и еден нејзин пријател седнале да играат руски рилет, кога Марина е сама дома. Марина прва го зграбува пиштолот кој не пука. Потоа нејзиниот пријател го става пиштолот до челото. Пак ништо. Марина смета дека пиштолот не работи и пука во библиотеката. Куршумот се заглавил во „Идиот“ на Достоевски. На почетокот таа слика облаци, а потоа сака да прави облаци на небото, авионот да пушти бел вертикален чад, а огромниот параброд долга, водена хоризонтална бразда и така да настане крст. ( О, да, Варнава се буди во неа.) Ова е перформанс кој никогаш не успеала да го изведе.

Кога со Улај Марина го прави перформансот „Љубовници“, познатата прошетка по Кинескиот ѕид и тие после долготрајното одење стигнуваат еден до друг и се прегрнуваат, прегратката го означува крајот на нивната љубовна и професионална врска. Кога го прашале Улај: „Како можевте да ја прекинете врската со најсовршената жена на светот?“, тој одговорил: „Мислев дека заслужувам помалку.“

Марина во тој миг им тврди на пријателите дека ќе ѝ бидат потребни барем дванаесет години да го заборави, а всушност веќе тргнала во нова фаза од творештвото. „Работата е облик на љубов“, напишала Мерлин Монро во дневнците.

Еросот на невозможното

Кога се сеќава на пубертетот, Марина вели дека ја памети траумата на менструацијата, како и постојаната осаменост. Нормално, многу рани болки преболува и благодарение на огромната библиотека, бега во хибернација, со денови не излегува од дома и ги чита Кафка, Пруст, Достоевски...

Сепак, нејзиниот мир секогаш е краток. Ако го смири својот надворешен свет, во животот ѝ влетува оностраното. Еднаш во детството ѝ се причинило дека на нејзиниот кревет гледа прекрасни, раскошни корици од отворени книги. После десет минути, кога се вратила во собата, немало никакви книги со барокно заводливи корици.

Друг пат, нејзината колешка уметница извршила самоубиство. Марина на погребот ѝ била речиси лута. После погребот дошла дома и заспала. Се разбудила и пријателката седела во нејзината соба. Впечатокот на присуството бил толку силен, што Марина повеќе не смеела да преноќи во таа соба.

Обидувајќи се да се ослободи од товарот на невиноста, оди кај тогаш познатиот заводник во недела наутро (така мајка ѝ нема да се посомнева во ништо) „да слушаат плочи“. Таа вари кафе и си става малку албански коњак. Тој сфаќа дека Марина не дошла од страст туку поради желба да се ослободи од баластот на „девственоста“. Се откажува од односот со неа. Но, Марина не страда. Таа е во еротски однос со целиот свет. Но одбива да раѓа. Против нејзиниот прв брак со колегата Неша Париповиќ се и нејзините и неговите родители и, изгледа неверојатно, но тие ретко навечер спијат заедно, бидејќи родителите им го забрануваат тоа. Но, кога Марина сепак понекогаш преспива кај сопругот, се случува бременост. Веднаш абортира. „Ништо нема да застане помеѓу мене и уметноста, па ни детето“, вели кратко.

Светот од почетокот е шокиран од перформансите на Марина. Таа спаѓа во стоте највлијателни уметници на планетата во дваесеттиот век. Како што нејзиниот татко во Втората светска војна со нож под кожата вадел куршуми, така Марина со нож ја засекувала сопствената кожа. Како што нејзината мајка ги лечела тифусарите (иако после војната запишала историја на уметност), така Марина во перформансите одлучувала и да легне меѓу глувци и да ползи заедно со нив, потоа гола да јаде неизлупен кромид и да зборува за својата посакувана „слика на среќа“: домашна глетка, во која таа седи бремена покрај оган и плете, а нејзиниот маж стигнува од рудникот за јаглен и го чека чаша млеко.

Но бог ѝ се насмевнува. На почетокот на 2000 година, Марина се сели во Њујорк каде ѝ се чини дека почнува од самиот почеток. Уште еднаш. Ѝ успева и овој пат. Нејзините перформанси ја маѓепсуваат Америка, за педесет и петтиот роденден добива торта во облик на нејзиното тело, а во 2006 се мажи за Паоло Каневари. „Да бев помлада, би имала деца со него. Толку бавно созревам“.

Нејзини хероини и понатаму се Марија Калас и Софија Лорен. Малку потсетува на нив во документарниот филм снимен за неа.

Во детството на Марина, нејзиниот помлад брат напишал стихови кои ги објави Нолит: „Градењето амбис под мостот е работа за најголемите ѕидари“. Не ни насетувал дека опишал со што ќе се занимава неговата постара, славна сестра во текот на целиот живот.

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото