Магионичарот Џузепе Арчимболдо

27.05.2013 11:26
Магионичарот Џузепе Арчимболдо

Андре Бретон, францускиот поет, теоретичар на надреализмот и автор на првиот Надреалистички манифест, го сметал за зачетник на надреализмот. Салвадор Дали, шпанскиот надреалистички сликар, еден до најзначајните уметници на XX век, го нарекол татко на надреализмот. Необично е тоа што „зачетникот“ и „таткото“ на надреализмот Џузепе Арчимболдо, во времето на настанувањето на надреалистичкото движење, во 20-те години на ХХ век, не бил помеѓу живите повеќе од три века.

По стапките на Леонардо

Џузепе Арчимболдо е роден во 1526 или во 1527 година во Милано. Интересен е фактот дека податокот за времето на неговото раѓање останал зачуван благодарение на документот со кој на 11 јули 1593 година била прогласена неговата смрт „на возраст од шеесет и шест години, или приближно“.

Првите сонзнанија од областа на сликарството ги стекнал од неговиот татко. Учел и од Леонардо. Иако ренесансниот гениј го завршил својот живот речиси една деценија пред раѓањето на Арчимболдо, резултатите од неговите седумнаесет години работа на миланскиот двор и мноштвото цртежи кои за тоа време ги создал претставувале извонреден патоказ и драгоцена лекција за овој млад уметник. Цртежите на кои Леонардо ја претставувал природата, односно анатомските цртежи, цртежите од билките и животните, водата, карпите... во најголема мера влијаеле на Арчимболдо. Притоа, најмногу се издвојуваат гротескните глави, карикатуралните прикази на луѓето со необичен изглед, кои познатиот британски историчар на уметноста Кенет Кларк ги опишал како изрази на љубовта на Леонардо кон „феномените на ексцентричната природа“.

Најстариот сочуван запис за работата на Арчимболдо потекнува од 1549 година и известува за тоа дека му била исплатена сума пари за работата на скиците за витражи во Миланската катедрала. Седум години подоцна започнал со работа на фреските во базиликата Свети Јован Крстител во Монца. Во 1560 година ги изработил нацртите за таписериите кои и денес можат да се видат во катедралата во градот Комо.

Во служба на владетелот

А потоа, во 1562 година, Џузепе Арчимболдо се преселил во Виена, на дворот на Фердинанд I Хабзбуршки, царот на Светото Римско царство. Не се знае како точно се здобил со позицијата на дворски сликар. Сепак цртежите кои настанале во текот на животот кој овој уметник го поминал во Милано, а кои неодамна беа пронајдени во Виена, Дрезден и Болоња укажуваат на тоа дека Арчимболдо бил прочуен како талентиран и вешт уметник цела една деценија пред да го напушти родниот град.

Веќе во 1563 година, Арчимболдо насликал едно од своите најпознати дела, кое е составено од четири слики – тетраптихот „Годишни времиња“. Цртежите на растителниот свет ја нашле својата вистинска примена во неговото прво големо дело. Имено, годишните времиња се портрети на кои човечките лица се сочинети од најразлични делови од растителниот свет: Пролетта е украсена со безброј цветови, Летото и Есента со плодовите кои ги носат, а Зимата е насликана како глуждовито суво стебло. Потписот „Givseppe Arcimboldo F” е вткаен во жолтата јака на Летото. Буквата „М“ со која е украсена наметката на Зимата сведочи дека „Годишните времиња“ се насликани за Максимилијан II, синот на Фердинанд I.

Во текот на летото 1564 година, по смртта на царот Фердинанд I, титулата цар на Светото Римско царство ја понел Максимилијан II. Џузепе Арчимболдо преминал во негова служба. За време на дванаесетте години од владеењето на Максимилијан, Арчимболдо бил „дворскиот портретист“, и ги изработувал нацртите за балските костими, ги украсувал салите во кои биле одржувани раскошните свечености и бил главниот организатор на сите свечености кои се одигрувале на дворот.

Во чест на владетелот и на династијата на која ѝ служел, во 1566 година тој изработил уште една слика од четири дела, која се состоела од алегориски портети на Огнот, Водата, Воздухот и Земјата, и кои заеднички биле наречени „Елементи“. Воздухот е претставен преку птиците, Земјата преку животните кои одат по неа, Водата преку рибите и другите морски суштества, а Огнот преку самиот оган и преку сè што гори.

Со своите дела Џузепе Арчимболдо недвосмислено праќа порака која му годи на царот Максимилијан II, велејќи дека неговата лоза владее со годишните времиња и со елементите, дека нивната власт е во склад со сите сили на светот и дека на тој начин ги претставува волјата и природата на Бога. Иако значењето на „Годишните времиња“ и на „Елементите“ е јасно, овие слики се многу повеќе од едноставна пофалба, од она што со денешниот јазик би го нарекле пропаганда. Тие се производ на фантазијата и оригиналноста, на вдахновението и на генијот на овој творец. И како такви, тие го надживеале времето во кое нивната задача се состоела од пренесување на пораката. За успехот на сликите на Арчимболдо говори и фактот дека, по налогот на царот, во 1572 и во 1573 година, тој изработил уште три верзии на „Годишните времиња“, многу слични на првата.

Денес „Лето“ и „Зима“ од 1563 година се чуваат во Музејот на историја на уметноста во Виена. „Пролет“ се ноаѓа во Мадрид, а „Есен“ е изгубена. Сите четири дела од втората верзија се наоѓаат во Париз, во Лувр. Подоцнежните верзии се чуваат во Михнен, Денвер и Хјустон. „Оган“ и „Вода“ се во Виена. Не е сигурно дали „Земја“ и „Воздух“ од 1566 година се сочувани, но постојат подоцнежни верзии на „Елементите“ во приватни збирки во Австрија и Швајцарија, како и во Кралскиот музеј на уметноста во Брисел, во Белгија.

Превртените слики

Џузепе Арчимболдо знаел на многу начини да се пошегува со својата уметност, да биде духовит. Сликата „Готвач“ настанала околу 1570 година и денес се наоѓа во Стокхолм. „Градинарот“, богатството на музејот во Кремона, е насликана дваетсетина години подоцна. Во истиот период настанала и сликата „Корпа со овошје“. Денес таа се наоѓа во Њујорк. Се чини дека насловот на само последната од овие три слики е јасен. Но дали нешто друго се крие зад преостанатите два? Се разбира. Потребно е само сликите да се превртат наопаку.

Есента во 1576 година донела една нова промена – по смртта на Максимилијан II, престолот го наследил неговиот син, Рудолф II. Тој го наследил царството, но и многуте уметници и научници кои работеле на дворот во Виена. Меѓу нив бил и дворскиот сликар Џузепе Арчимболдо.

Во Прага на Рудолф II

Рудолф II бил необичен владетел. Во 1583 година ја напуштил Виена и се преселил во Прага. Околу себе ги собрал најголемите умови на своето време, меѓу кои се наоѓале разни уметници, астрономи, математичари, алхемичари, мистици... За време на неговото владеење, Прага станала центар на европската култура. Карел ван Мандер, фламански сликар и поет и современик на Рудолф, напишал: „Оној кој денес има страст за уметноста, треба само да се упати (ако може) во Прага, кај најголемиот заштитник на уметноста на светот во нашиов век, кај римскиот цар Рудолф II“.

Питер Маршал, англиски филозоф, историчар и поет верува дека „на ниедно друго место во Европа уметниците не биле толку високо ценети како на дворот на Рудолф“, а Арчимболдо го смета за „најкреативниот и најоригиналниот“ меѓу оние кои работеле на тој двор.

Останало забележено дека Џузепе Арчимболдо му подарил на Рудолф II една книга во црвена кожена подврска која содржела 148 цртежи на костими, шешири и украси коишто тој ги избработил за свеченостите и баловите. Уметникот му напишал и посвета на царот: „За непобедливиот цар на романскиот свет, во чест на вечниот и најблагонаклонетиот владетел и за неговото Величество Рудолф II“. Но уметникот морал да чека дури две години за да добие одобрение од својот патрон да се повлече од дворот и староста да ја помине во својот роден град. Во 1587 година се вратил во Милано.

Во овој последен период од својот живот, кога бил веќе длабоко навлезен во седмата деценија, поточно во 1590 година, Џузепе Арчимболдо го создал делото по кое и тој, но и царот за кој понатаму работел останале запаметени – „Потретот на Рудолф II како Вертумно“.

Вертумно, божеството со етрурско или римско потекло ги симболизира промените кои се одвиваат во природата. Легендата вели дека сакајќи да ја заведе нимфата Помона во која бил заљубен, се претворил во војник, па во жетвар, па во лозар и на крајот се соединил со божицата на градините во еден спој од цвеќиња и убавина во обликот на еден млад човек. Промените низ кои поминувал ги означувале годишните времиња.

Оддавајќи му почест на царот, Арчимболдо го претставил како божество, а изобилството преку кое бил прикажан, укажувало на развојот на царството за време на неговото владеење. Но не можел да побегне од комичното во својата уметност – портретот предизвикал воодушевување на дворот, но и бурни реакции на смеа.

По триесетгодишната војна која се водела од 1618 до 1648 година, „Потретот на Рудолф II како Вертумно“ бил запленет од шведската војска. Денес се наоѓа во дворецот Скоклостер, недалеку од Стокхолм.

Во 1592 година Рудолф II му ја доделил титулата палатински гроф на Џузепе Арчмболдо. Пред повеќе од два века со истата таа титула царот Карло IV, чие име го носат прашкиот универзитет и познатиот мост во Прага, го крунисал големиот италијански поет Франческо Петрарка.

Наредната година, Арчимболдо умрел. Набрзо по неговата смрт, тој паѓа во заборав. Во 1936 година неговото име повторно станува дел од центарот на уметничките настани, преку изложбата „Фантастична уметност, дада, надреализам“, одржана во Музејот за модерна уметност во Њујорк. Оттогаш, тој го зазема она место кое го уживал во текот на животот и кое несомнено му припаѓа и денес.

Животот на Џузепе Арчимболдо се одвивал во периодот обележан со настанувањето на „Автопортретот во конвексно огледало“ на Пармиџанино, кој бил завршен во 1524 година и сликите на Карваџо, кои биле создавани во текот на последната деценија на XVI век. Во овој период маниризмот преовладувал во уметноста. Умберто Еко, писател, научник и професор на универзитетот во Болоња во својата книга „Историја на убавината“ го вели следново за маниризмот и маниристите:

„Иако се чини дека ги подражаваат моделите на класичната убавина, маниристите всушност ги разбиваат нивните правила. Класичната убавина се доживува како празна, без душа“. Речиси никогаш не пропуштајќи ја приликата да проговори за уметноста на Арчимболдо, Еко смета дека „зачудувачките композиции, портетите на кои ликовите се составени од предмети, билки, овошје ги изненадуваат и забавуваат гледачите“ и заклучува дека „убавината кај Арчимболдо е целосно лишена од класичниот изглед и се манифестира како изненадување, како неочекуваност и духовитост“. И дека „Арчимболдо покажува дека и морковите можат да бидат убави“.

Во книгата „Маниризам: кризата на ренесансата и почетоците на модерната уметност“, Арнолд Хаузер, унгарски историчар на уметноста, пишува: „Маниристичкото уметничко дело секогаш е некоја бравура, магионичарски трик, огномет од светлина и бои“. „Магионичарските трикови“ на Арчимболдо се меѓу најдобрите, наизглед едноставни, а всушност неповторливи.

Извор: Политикин забавник