Измислени игри

27.05.2013 12:56
Измислени игри

Луѓе, о тие луѓе! Тешко е без нив но не е лесно и со нив. Во сите векови непроменливо доследни на својата непостојаност, измислуваа и измислуваа нови вери и богови, мали и големи, само за да се откажат подоцна од нив.

По којзнае кој пат тоа се повтори. Еднаш, временски не предалеку, луѓето со голи раце копаа руда. Сакаа да се побрзи од денот и без почин, дел по дел, го креваа својот идол.

Во далечина, над која до пред еден час сонцето му бегаше на наоблаченото попладне, висеа неподвижни шурки дожд. Изгледаа како предвесници на ноќта, за која можеше да се каже дека ќе дојде порано отколку ден порано. Со упорност на мрави и пресметано, луѓето продолжија да работат. Кога металниот бог ја достаса канонски предвидената големина, се обидоа да се молат дождот да се доближи до нивните ниви. Не умееја да клечат и се откажаа од покорноста. Идолот од метал им се стори незаслужено висок. Му ја откорнаа главата и потоа му ги урнаа рамениците. Пак металниот идол им изгледаше превисок. Го поткастрија до појас, а и подолу - до колената. Веќе немаше пред чиј лик да се молат. Самите се чувствуваа како богови. Такви, со возвишени чувства, му појдоа во пресрет на дождот. Не сите. Останаа најтврдокорните да создаваат нови вери и богови за измислени игри.

Слика: Рајан Демари

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото