Премиерот ќе бара инвеститори на Марс

28.05.2013 08:51
Премиерот ќе бара инвеститори на Марс

Скопје, 28 мај 2013

Откако ја обиколи речиси цела планета, незадоволен од исходот од потрагата по инвеститори, премиерот Николај Грубевски ќе бара инвеститори на Марс. На ваков чекор тој се решил затоа што наодите на НАСА за живот на оваа планета се сè посериозни.

„По обиколката на планетата, не сме задоволни од одзивот на инвеститорите-земјани, кои веројатно опозицијата ги разубедува да вложат во нашиот инвестициски рај. Затоа, ќе се обидеме на МАРС. Слушаме дека таму постои живот, а и инвеститорите се форма на живот, зарем не“, изјави Грубевски за Пара вести.

Повеќето експерти го поздравуваат најавениот храбар чекор, иако дури тројца од нив посочуваат дека пред да оди на МАРС по инвеститори, премиерот треба да се обиде во Лапонија кај Дедо Мраз.

„Владата во голем дел е составена од дечиња, па ако премиерот успее да ги убеди да бидат умни во текот на годината, можеби Дедо Мраз ќе ја исполни нивната желба и ќе им донесе инвеститори“, вели нашиот соговорник Субратимир Икономов, професор на економскиот факултет по предметот Дедо Мраз, инвестиции и музички желби.

Освен како прилика за носење инвеститори, турнејата низ Марс може да се искористи за да се провери кредитнот рејтинг на Македонија во вселенски рамки.

„Ако сè помине како што треба, ќе позајмиме пари и од еден друг ММФ - Марсовскиот монетарен фонд. На тој начин, освен ивестиции, ќе обезбедиме доволно средства за изградба на слични капитални проекти како Скопје 2014“, рече Грубевски по одржаната вежба на импровизираниот космодром до аеродромот Александар Велики.