Метроминуто

28.05.2013 10:11
Метроминуто

Тешко е да се замисли дека еден мал град со само 83.000 жители би можел да има големи проблеми со уличниот сообраќај, но токму метежот на улиците пред петнаесет години ја поттикнал појавата на новите урбани политики кои му помогнале на Понтеведра, малиот шпански град на брегот на Атлантикот да стане еден од најпознатите примери за местата кои им се особено наклонети на пешаците. Овој град е центар на регионот, што предизвикува целиот крај да гравитира кон него, па затоа неговите тесни историски улички биле секојдневно исполнети со премногу автомобили. За да го решат проблемот со метежот на улиците, градските власти не се обиделе да ги прошират улиците, туку поттикнале други облици на превоз, односно други начини на движење низ градот. Па така наместо улици со проширени плочници, биле воведени бесплатни градски велосипеди и пешачки зони. Преостанатиот автоммобилски сообраќај бил ограничен со помош на лежечките полицајци и со максималната брзина од 30 km/h. Иако на почетокот многу луѓе се спротивставувале на ваквите решенија, денес овие урбани политики се составен дел од идентитетот на градот, кој токму заради нив и се претворил во удобно место за живот.


Најновиот потег кој го поттикнува користењето на пешачките зони и пешачењето како примарен облик на движење низ градот е пешачката мапа на градот која е наречена Метроминуто. Таа е направена според моделот на мапите на метроата, а е интересна токму поради тоа што на пешачењето му придава исто значење како и на другите облици на градскиот транспорт. Црните точки кои инаку ги обележуваат метро станиците, тука се важните пунктови во градот, а линиите во боја кои ги поврзуваат станиците ги претставуваат пешачките коридори кои воедно носат информации за оддалеченоста во метри помеѓу точките, но и за времето кое е потребно да се дојде од една до друга точка, со просечна брзина од 5 km/h. За системот да може да функционира, на мапата се означени и бесплатните места за паркинг, на нејзините крајни зони.



Изработена според моделите на метро мапите, ни оваа мапа не ги пренесува реалните односи на местата во градот. Но токму тие нови односи нагласуваат колку се всушност блиску поединечните точки на градот кои навидум изгледаат оддалечени. Денес пешачките зони на Понтеведра се простираат на подрачјето на историскиот центар на градот, но и на новите квартови, а мапата јасно покажува дека од центарот до најоддалечената точка во градот всушност може да се пристигне за само дваесетина минути.



Подобрата општа здравствена состојба и поквалитетниот општествен живот, намалената емисија на СО2 поради намалениот сообраќај, но и економскиот напредок поради намалените стапки на криминал, се само некои од резултатите од пешачењето по градот. Денес, Понтеведра е место на кое можат да се спроведат сериозни студии за оваа тема, за да се предвиди користа од спроведувањето на слични проекти и во другите градови низ светот.



Иницијативата Walk your city е сличен проект кој потекнува од самите граѓани и бил спроведен во вид на герилска акција. Во американското гратче Ралеј, без согласност на локалните власти биле поставени 27 табли со упатства за движење низ градот. Проектот бил медиумски покриен, па затоа и наскоро бил применет и во голем број други градови, меѓу кои се наоѓаат и Мајами, Сиетл и Онтарио.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото