И Бејрут би бил подобар од Сочи

28.05.2013 12:41
И Бејрут би бил подобар од Сочи

Девет месеци пред почетокот на зимската Олимпијада во Сочи, Меѓународниот олимписки комитет се наоѓа на удар на критиката. Трошоците за нејзината организација постојано растат, а се појавуваат и други проблеми. Како и обично, емоциите ги возбудува и земјата-организатор, што идната година е Русија. Земјата е критикувана поради високата корупција, клиентелизмот, слабата заштита на животната средина и доцнењето со испорака на производите и термините на завршување на олимписките градби.

Според Quartz, олимписките игри во Сочи ги следат уште позначајни проблеми. Експертите од целиот свет во последно време изразија страв за безбедноста на игрите. Според нив, дваесет и вторите олимписки игри ќе бидат најнебезбедни во историјата.

Имено, Олимпијадата која треба да се одржи од 7 до 23 февруари, ќе се одигра во центарот на една од најнебезбедните конфликтни зони на светот, на северниот Кавказ. Иако Сочи, каде ќе се одржи Олимпијадата, е убаво излетиште на брегот на Црното Море, целиот регион е жариште на етнични судири. Свои бази овде имаат сепаратистичките движења, исламистичките борбени единици и терористички ќелии.

Некои експерти предупредуваа на проблемите со безбедноста уште во 2007 година, кога Русија во борбата за организирање на Олимпијадата ги победи Австрија и Јужна Кореја. Настаните во последно време ги вознемирија и набљудувачите кои со години се занимаваат со ситуацијата на Кавказ. Имено, со регионот имаат врска атентаторите кои ја активираа бомбата на бостонскиот маратон. Еден од нив лани дури поминал шест месеци во Дагестан, каде брзо расте бројот на исламистички бунтовници.

Ситуацијата не ја подобри ниту неодамнешната кавга помеѓу Вашингтон и Москва. Русија пред еден месец обвини американски дипломат за врбување шпиони, а во основа со тоа ја уништи и онака малата антитерористичка соработка која се одвиваше меѓу двете земји.

„Безбедноста и Кавказ за жал не одат заедно. Овие два збора во основа меѓусебно се исклучуваат“, рече британскиот новинар Томас Де Вал, кој е експерт за Кавказ, во својот говор пред грузискиот парламент.

Минатата недела Пол Гобл, поранешен експерт на ЦИА за областа Кавказ, за време на говорот во Институтот за централна Азија и Кавказ во Вашингтон, предупреди дека склопот на настани од Олимпијадата во Сочи направи катастофа уште при нејзината подготовка.

„Последниве месеци е сè појасно дека Сочи е многу лошо место за организација на Олимпијадата. Олимписките игри во сочи ќе бидат организирани на лошо место, во погрешно време и со лоши луѓе. Од гледна точка на безбедноста, тоа е едно од најнебезбедните места на земјата. Би било подобро да се организира во Бејрут“, вели Гобл.

Предупредување од Бостон

Изворите на потенцијална небезбедност во основа се неограничени. Југот на Русија е полн со етнички групи кои во XIX век доживувале масакри од страна на Русите, а режимот во земјата го мразат од дното на душата. Една од тие групи, Черкезите, ги поврзуваат игрите со 150-годишнината од наводниот геноцид врз нив. Чеченија, чие население за време на сталинизмот беше прогонувано до егзил, во последните дваесет години е боиште меѓу сепаратистичките востаници и руските вооружени сили. А соседна Грузија живо ја памти руската инвазија од 2008 година.

Експертите се плашат дека исламистичките ќелии во околината на Чеченија и Дагестан можат да подготват напади уште сега и тоа директно на местото на Олимпијадата или на Москва, која за време на Олимпијадата веројатно ќе биде под помала контрола од обично бидејќи повеќето безбедносни сили ќе бидат префрлени во кавкаската област.

Овие стравувања се засилија откако се дозна дека атентаторите од Бостон по народност се Чеченци. Борбата меѓу руската армија и разните вооружени групации во последната деценија однесе илјадници човечки животи.

Извор: ihned.cz