Никој нема да се појави на самитот на претседателите во Охрид

29.05.2013 08:20
Никој нема да се појави на самитот на претседателите во Охрид

Ексклузивно! Пара вести дознаваат дека по откажувањето на албанскиот претседател да присуствува на самитот на претседателите што ќе се одржи во Охрид оваа сабота, своето неучество го потврдиле уште неколкумина претседатели.

Имено, неофицијално станува збор за претседателот на Србија, кој го откажал своето учество поради откажувањето на учеството на албанскиот претседател кој, пак, го откажа своето учество на самитот поради непоканувањето на косовската претседателка од страна на македонскиот претседател Хорхе Иванов, потоа претседателот на Грција, кој го откажал своето учество поради откажувањето на Србија, бугарскиот претседател кој го откажал своето учество на самитот поради откажувањето на претседателите на Србија, Грција и Албанија, и претседателот на Црна Гора, кој го откажал своето присуство бидејќи не сакал да остане насамо со нашиот претседател.

Исто така, на самитот на претседателите во Охрид нема да присуствува ни еврокомесарот за проширувањето на Европската унија, Штефан Филе, кој го откажал своето присуство поради откажувањето на сите останати претседатели на државите од регионот.

Пара вести, од извори блиски до Охрид, дознаваат дека и македонскиот претседател се решил да го откаже своето присуство на самитот од проста причина што нема кој да му гостува. Сепак, не е јасно како ќе го стори тоа со оглед на фактот дека токму претседателот на Република Македонија е и организатор и домаќин на настанот кој требаше да помогне во приближувањето на ставовите и политиките на балканските земји.

Од кабинетот на претседателот засега не потврдуваат, но од извори блиски до неговиот психијатар, Пара вести дознаваат дека на самитот на претседателите во Охрид нема да се појави никој, додека медиумите за тој настан ќе бидат известени во текот на наредните неколку денови.