1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 02:59
Членката на руската активистичка група Pussy Riot Марија Алекина, која минатата недела во затворот започна штрајк со глад, во вторник е хоспитализирана
Марија Алекина, која веќе седум дена штрајкува со глад, е префрлена во болничкото одделение на затворот во кој е сместена во уралскиот град Березники, пренесува нејзиниот сопруг Пјотр Верзилов.
Како што наведува AP, Алекина стапила во штрајк со глад во средата откако ѝ е забрането да присуствува на судската расправа за нејзиното барање да биде пуштена на слобода пред истекот на двегодишната затворска казна.
Судот, кој се наоѓа спроти затворската колонија, одби да ја пушти на слобода. Алекина бараше да се изземе судијата кој го одби нејзиното барање да присуствува на рочиштето, но и тоа е одбиено. Пред повеќе од еден месец, судот во централниот регион Мордовија го одби барањето за пуштање на слобода на членката на бендот Надежда Толоконикова, бидејќи не се покајала за своите постапки и е опомената поради тоа. И Алекина е опомената затоа што не станува на време и не ја признава вината.
Трите членки на бендот - Алекина, Надежда Толоконикова и Екатерина Самуцевич се осудени минатата година на затворски казни поради „хулиганизам мотивиран од верска омраза“ поради перформансот против Владимир Путин во московската катедрала на Христос Спасителот, во февруари 2012 година. Третата членка на групата, Екатерина Самуцевич е осудена, но нејзината казна е променета во условна после жалбата.
Толоконикова и Алекина потоа бараа да им се дозволи да ја издржуваат казната кога нивните деца, стари четири односно пет години, ќе пораснат, но нивното барање е одбиено. Тие се испратени во злогласните женски работни логори кои работат на принцип на изолација на затворениците од нивните семејства и пријатели, „поправајќи“ го нивното однесување со напорна работа.
Во овие установи затворениците се сместени во соби со 30 до 40 кревети, а работниот ден им почнува со телесни вежби во дворот, често на минус 30 степени. Поголемиот дел од времето го поминуваат работејќи, главно шиејќи униформи. Системот по кој функционираат казненичките колонии и самиот руски министер за правда го нарече „монструозно архаичен“.
Извор: Tanjug/e-novine