Каде почнува националниот интерес

30.05.2013 11:33
Каде почнува националниот интерес

„It’s the economy, stupid!” (Тоа е економијата, глупав!) беше изборниот слоган под кој Бил Клинтон, во тоа време малку познат локален политичар, во 1992 го победи Џорџ Буш постариот, претседателот кој успешно ги предводеше САД на крајот на студената војна и ги доведе до врвот на моќта. Зафатен со светски работи, постариот Буш ја потцени рецесијата во својата земја. И не само што ја потцени, туку и ја поттикна погрешно толкувајќи ја „дивидентата на мирот“, и американските гласачи за само една година му го свртеа грбот. Додека пролетта во 1991, после Заливската војна, Џорџ Буш постариот имаше поддршка од 90% од гласачкото тело, економската криза до есента 1992 против него сврте дури 64% од гласачите. За разлика од Буш, неговиот противник на изборите, Бил Клинтон, сфати дека националниот интерес и моќ на САД почиваат на стабилната економија и тоа му ги отвори вратите на Белата куќа во која остана следните два мандати.

Тешките економски прашања и повици за големи напори и лични одрекувања заради повисокиот интерес по правило не се теми кои донесуваат гласови на изборите. Повеќето политичари поради тоа попрво на гласачите ќе им упатат пламени слогани за националните интереси и благосостојбата која ќе завладее после нивната победа. Само ретките се спремни да им соопштат непријатни вистини на гласачите и да побараат поддршка за болните, но неопходни реформи, а само по некој од нив ќе умее да ги спроведе. Разликата меѓу првите и вторите Шарл де Гол своевремено ја означи како разлика помеѓу политичарите кои мислат на следните избори и државниците кои мислат на следната генерација. И тука веројатно се крие дел од одговорот на прашањето зошто демократиите, особено европските, денес тешко наоѓаат излез од економската криза која со несмален интензитет трае од 2008 година.

Србија во тој поглед не е исклучок. И во неа (впрочем, како и во сите земји во опкружувањето) главен подвижник на реформите во последните тринаесет години беше притисокот однадвор кој политичарите и партиите го оправдуваа пред гласачите со намера „да се фати приклучок со Европа“ која со своите развојни фондови, поволни кредити и политиката на солидарност ќе го преземе товарот на транзицијата. За тоа имаше и добри примери во Грција, Унгарија и другите земји кои во 80-те и 90-те години станаа членки на ЕЗ (ЕУ) и кои во тоа време слеваа милијарди долари од европските јавни и приватни фондови. „Европската перспектива“, меѓутоа, беше само друго име за враќањето во капитализмот кој во повоена Европа доби привлечен облик на „држава на благостостојба“. Кој денес се сеќава дека дури и Слободан Милошевиќ некогаш одамна на Србите им ги нудеше благодатите на социјалдемократскиот капитализам? Наместо „шведските села“ дојде суровата реалност на таканаречениот периферен капитализам, а наместо европските фондови денес Србија и сите земји од „западниот Балкан“ се наоѓаат пред празната европска каса и гневните европски гласачи кои не сакаат ни да чујат после милијардите кои ги дадоа на Грција, Шпанија, Португалија и Ирска да ја пикнат раката подлабоко во џебот за да им помогнат на земјите кои со години ги нервираа со своите неразбирливи судири.

И поради тоа и Србија кога ќе добие и ако добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ ќе се соочи со фактот дека од Брисел ќе добива онолку колку што добиваше и до сега (околу 200 милиони евра), дека странските инвеститори и понатаму ќе мораат да бидат субвенционирани од сопствениот буџет, дека повеќе нема да може да го зголемува надворешниот долг и дека нејзиниот извоз ќе зависи од состојбата на пазарите на Цефта, Италија, Австрија и Германија.

И тука се враќаме на почетокот на оваа приказна, бидејќи и политичарите кои порадо се занимаваат со големите национални или европски теми отколку со економијата повеќе нема да имаат прилика да се занимаваат ниту со Косово ниту со економијата, туку со рефинансирањето на долговите кои уште оваа година ќе однесат околу милијарда евра од буџетот, повеќе отколку трошоците за здравство, образование, помош за социјално загрозените или инвестиции во економијата. За да постигне рамотежа на платниот биланс и да може да ги отплатува долговите, таа ќе мора да пронајде начин повеќе од половина од својот национален доход да го остварува со извоз на стоки, услуги и знаење (денес само една третина од националниот доход на Србија доаѓа од извозот) и со сè поналку дознака на работници во странство.

Тоа би морало да биде повод некои сегашни и идни српски политичари, како Бил Клинтон но и Маргарет Тачер, Герхард Шредер или легендарниот Денг Сјаопинг и другите лидери на новоиндустријализираните земји, да дојдат до заклучок дека националниот интерес почнува и завршува со економијата. Многу поблизок пример за тоа имаат во распадот на поранешна Југославија кој започна во оној миг кога земјата повеќе не можеше да ги враќа долговите кои ги направи во седумдесеттите години во минатиот век, градејќи ја својата социјалистичка утопија. Во меѓувреме, во светот исчезна и неолибералната утопија која со двете раце ја прифативме во почетокот на деценијата, а билансот се милиони невработени, раст на сиромаштијата и губење на перспективата во многу до скоро развиени земји. Европската социјалдемократска утопија поминува низа најдлабоката криза од Втората светска војна, а Европа денес е единствениот континент во светот кој бележи негативна стапка на раст. Успешни се само оние земји кои навреме сфатија дека политичките и националните утопии се минато, дека успешната економија и високата вработеност се основа на моќта на современите држави, чии лидери не се плашеле од длабоки и политички често непопуларни реформи за да го постигнат тоа.

Извор: Политика
Фотографии: Donatella Muggianu

ОкоБоли главаВицФото