1018 hPa
73 %
22 °C
Скопје - Пет, 17.07.2026 00:59

Поезијата на Бошко е поезија пишувана од актер - природно го содржи здивот и ритамот на сцената, и копнее да биде говорена гласно. А сепак, пренепосредна е, преразголена, без театарски костум, ниту пак пудра.
И затоа нејзината сценичност не е неколку метри над публиката, туку меѓу луѓето: Таа се шета меѓу нив в кафеана и ги прави пијани пред да го начнат пијалокот кој тукушто го нарачале. ''Таа им се насмевнува во сончевите денови исполнети со облаци од болка'', затоа што Бошко врз почва од хумор ги засади и му никнаа, дури и стиховите за најболните нешта.
И повеќе од сè, бесрамната искреност на неговата поезија, спонтано предизвикува едно поискрено соочување со самите себе си, што можеби е една од основните и најисконски мисии на театарот.
Милиана Ленак
Бошко Бозаџиевски (25. 03. 1981 – 26.08.2008), првата своја збирка „Плачот на ангелот“ ја објавува на 17-годишна возраст. Студирал на факултетот за Општа и компаративна книжевост, а подоцна и на Факултетот за Драмски уметности.
Оствари неколку значајни театарски и филмски улоги. Беше редовен учесник на конкурсите „Ракописи“ во Панчево, и неговите песни беа наградувани и објавувани во изданијата на конкурсот. Настапуваше и на поетските слем читања во Скопје.
Овие десетина песни се земени од збирката „Неисцрпен“ (издание на Буден театар) која излезе на годишнината од неговата смрт, и која содржи необјавени песни создавани во периодот 2000-2008, како и избор песни од неговата прва збирка поезија.
Почеток
ми треба почеток
ми треба нов почеток
добар почеток
да почувствувам веднаш
дека тоа е тоа
тогаш ќе запнам машки
да го одржам таков
и следниот дел од мојот почеток
спремен сум на сè
за добар почеток
би му го испушил на стихот
за добар нов почеток
ако тоа го сака
ако ми каже
ама најчесто не е овде
а кога е овде
не зборува
молчи и ме гледа
со тие негови самогласни очи
очи што ми се потсмеваат
тогаш ми доаѓа
да го убијам
да го исечам на парчиња слогови
со ноже за мачкање маргарин
а тој знае дека ми треба
тој знае дека тој е мојот почеток
и ми треба повеќе од добар крај
затоа што крајот дали бил добар или лош
сепак е крај
но почетокот ако не е добар
воопшто и не е почеток
Што би се случило...?
Ако ја снема поезијата
од мојот ум и срцевина
што би останало од мене?
Не би останало друго
освен да одам на фудбалски
натпревари.
Да ги гледам најновите вести
заразени од антракс
Да мечтаам за киселите дождови
Да ги чита некролозите
во весник
Животот е краток како црв
а ние ја пишуваме најдолгата рибарска поема.

Надеж
Јас си имам маса
маса гнаса
маса инвалид
си ја имам
и толку
Можеби
Можеби мислиш
Можеби пиењето ќе помогне
Можеби жените ќе помогнат
Можеби мислиш хероинот
сигурно ќе помогне
или мајка ти ќе помогне
или владата ќе помогне
или влагата
можеби лагата
можеби времето ќе помогне
вистината можеби сигурно не
можеби можеби можеби
еби еби еби
никој никој никој.
Анална симетрија
Драгица има зипо
Драгица зипо има
има зипо Драгица
зипо има Драгица
Зипото има Драгица
Има зипото Драгица
Драгица има зипото
Драгица зипото има
ама зипото не пале, а Драгица пале.
Малата Лолита од мојата зграда
Може ли да се чуе
звукот кога сонцето се раѓа
Може ли да се види
музиката во молчењето
да се допре и да се вкуси
апстрактното колаче од мојата зграда?

Народна
јас ќе пишувам песни
македонски народни песни
јас ќе пишувам песни лесни
опа опа ихаха
ајде Ферус опа
крај.
Разделба на хаику начин
на твојот задник
отпечаток од мојата чизма
збогум
Фотокопирница на љубовта
Фотокопирај го моето срце
Дикенсова блуднице
и направи ме двоен
во А4-формат
Секакви
една сакаше премногу да пешачи
една воопшто не сакаше да пешачи
една не сакаше да зборува
една не сакаше да престане да зборува
една се плашеше од мајка и’
друга се плашеше од татко и’
една беше премногу глупа
друга беше премногу паметна
на една и’ беше премногу тесна
друга пак имаше премногу широка вагина
(а тоа е многу, многу лошо)
една беше премногу разгалена
една беше премногу сериозна
една беше нимфоман
друга беше фригидна
трета само ми плачеше
четврта само се клештеше
петта беше премногу дебела
шеста беше премногу слаба
седма едноставно беше премногу
сега има една и таа е совршена
но ја знам само 20 минути
Врска
те видов
ми се допадна
се вљубив во тебе
и сега си моја
сега ми припаѓаш мене
ти ќе ми бидеш девојка
јас ќе ти бидам дечко
ние ќе имаме врска
отсега па натаму ќе слушаш џез
затоа што и јас слушам џез
ќе мрдаме заедно со стапалата и главите
додека слушаме џез
ќе почнеш да пушиш цигари
какви што пушам јас
за да не купуваш две различни кутии
а ако не пушиш
ќе пропушиш
ќе се смееш
на мојата смисла за хумор
но нема да смееш да се смееш премногу
почнувајќи од денес
ќе бидеш романтична
бидејќи јас сум многу романтичен
многу ќе сакаш да водиш љубов со мене
затоа што и јас сакам секс
постојано ќе ми кажуваш
колку сум јас умен, добар и мажествен
затоа што е навистина така.
ти си навистина една среќна девојка

Тивка песна
Во собата никогаш не било
волку тихо
никогаш никогаш волку тихо
и никогаш нема да биде.
Убава песна
Ного ми е убо.
Ного ми е убо.
Ммммм
Колко ми е убо