1022 hPa
66 %

8 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 16:59
Кон средината на минатиот век, Џорџ Орвел ја исплаши јавноста на Запад со романот чиј наслов, за прв пат во историјата на книжевноста, беше само датум: 1984, без каков и да е додаток. Бидејќи и таа година е далеку зад нас, оправдано е прашањето што се случило во меѓувреме, како со нас, така и со Илјада деветстотини осумдесет четвртата. Приемот на романот покажува дека насловот на таа негативна утопија не бил среќно избран. Датумот се нашол во погрешно време, на погрешно место. Токму во осумдесеттите години, „Големиот брат“ (кој во тоа време беше наслов на телевизиски спектакл) имаше релативно малку работа. Симболот на сеприсутната диктатура и надгледувачката држава почна да ја губи својата означувачка сила, препуштајќи го приматот на непријателите од Студената војна, на преговорите, на неутрализирањето на острите идеолошки тензии. Пет години по 1984 година, Европа, но и целата Земја доби нов политички дизајн. Се чини дека англискиот писател бил помалку претпазлив во изборот на годината од неговиот француски колега од осумнаесеттиот век, Луј-Себастиен Мерсие, кој својот утописки роман го именувал Година 2440. Романот на Мерсие е пример за т.н. позитивна утопија, приказна која ја мобилизира фантазијата за да претстави свет на хармонични односи, далеку од војни, насилства, освојувања и потчинувања. Орвел, пак, имал актуелни искуства од периодот на Шпанската граѓанска војна, освојувањата на Хитлер и експлозивните тензии меѓу победниците на Исток и Запад. Нè чека, заклучува тој, една мачна епоха на полициска власт, прислушување, глобални интриги, и сето тоа во неговиот роман е класичен пример за негативна утопија.
Меѓутоа: класичен пример заради своето книжевно влијание, но не и заради проникнувањето во реалноста. Да можеше Орвел да ги следи трагите на тогашните технолошки иновации, ќе насетеше дека неговиот „Голем брат“ наскоро ќе стане релативно бенигна појава - во споредба со, благо кажано, повампирените системи за општ надзор и сеопштата манија за снимање и напади врз приватноста. Разни интернет компании пустошат по градовите, снимајќи без дозвола сè што е живо и мртво, собирајќи на илегален начин лични информации за идентитетот на безброј луѓе, за нивните навики, имот, сметки, телефонски врски. Орвеловиот Голем брат беше всушност една мила мајка. Денес секој граѓанин е на удар, а не само политички експонираните личности. И таканаречените демократски земји претставуваат територии на глобален надзор, иако тие не се полициски држави, во традиционалната, Орвеловска смисла на зборот, туку медиумско-интернетски држави. За среќа, постојат независни медиумски (телевизиски) емисии кои ги предупредуваат гледачите за потенцијалните или акутните опасности од создавањето електронски залихи на податоци: на пример, при снимањето улици на кои се наоѓаат не само јавни простори, туку и приватни имоти, како градини и балкони, па можете да видите дали гаќите ги сушите во двор или ги носите на стап. Во еден Брехтов текст, главниот лик саркастично заклучува дека од најголемото зло во земјите со угнетувачка власт може да нè спаси само корумпираноста на службениците. Според тоа, од современата целосна контрола и од медиумската љубопитност може да нè спаси само целосниот колапс на сите системи за снабдување со електрична енергија. Квит работа, се велеше во моето детство.
Текстот е преземен од книгата „Филозофот игра фудбал“ во издание на Или-или
Слики: Џеф Барџис