Градскиот трговски центар да остане градски!

31.05.2013 09:20
Градскиот трговски центар да остане градски!

Кога пред повеќе години професорот Живко Поповски (на едно од своите последни предавања) раскажуваше за значењето на трговските центри, ни оддалеку не помисувавме дека е возможно вакво нешто да му се случи на „нашиот“ градски трговски центар. Тој раскажуваше за тоа што значи архитектонски квалитет, што е важно за една зграда во која се движат многу луѓе, зборуваше за влијателноста на зградите, за нивното опкружување, за нивната припадност на целината, за содржината, за филозофијата на купувањето нешта!

Градскиот трговски центар и во своето име говори за комплексноста и опсежноста на своето делување, и секако, припадноста во контекстот како една влијателна социо-културна слика на градот. Како да раскажеш нешто, а да не бидеш протолкуван погрешно? Како да објасниш дека ова е едно писмо кое искрено, не знам каде е упатено... всушност, тие што го читаат писмово или се студенти по архитектура или пријатели на кои веќе им е познато ова за кое зборувам. Затоа мислам дека е залудно, но сепак ќе го довршам.

Пред неколку години еден пријател, сега успешен иселеник од државава, ми подари едно издание испечатено некаде 1972/73, издание кое зборува за целата постапка на градењето на градскиот трговски центар. Ми вели: книгава ми се мота по полици, мене не ми значи ништо, а ти цело време бамбориш дека ГТЦ е најдобра зграда во Македонија, а јас воопшто не сум забележал дека всушност таму постои некаква зграда!

За тоа зборуваше професорот: „како да направиш зграда која толку добро ќе се втопи во контекстот/опкружувањето што воопшто нема да ја забележиш дека постои”. Низ неа ќе видиш како паѓа снег, во неа ќе почувствуваш како дува ветер, ќе можеш да помисиш за тазе изгледаниот филм на терасата пред кино милениум, која патем гледа на железничката станица на Танге. Ќе можеш да паркираш кола на еден од најлогичните паркинзи во градот, и тоа направен пред четириесет години. Денес во Сити мол треба да направиш триесет маневри со волан за да паркираш возило. Ќе можеш да куглаш, и веднаш да се качиш на автобус, кој не случајно се движи низ самата зграда. Ќе можеш да се качиш по најувртените скали кои водат од „Стоилко“ кон „Плава лагуна”. Едвај чекам групата НаТочак да направи рута која ќе се качи по рампата, пешачката рампа, која води од Жена парк кон пицеријата Џино, можеби единствена во градов на која секој точакџија барем еднаш се има забрзано надолу.

Да не малтретирам понатаму со мојата емоционална осетливост, но сигурен сум дека ова чувство го делат многу скопјани, стари и нови!

Ако вака е значајна зградата одвнатре, сигурен сум дека барем толку, ако не и повеќе е значајна однадвор. Би било досадно да објаснувам какво е чувството да го набљудуваш овој брод наречен ГТЦ од кулите на Александар Серафимовски, или од Кале, од Водно.

Авторите на новото „обликовно“ фасадно решение на ГТЦ сигурно не го доживеале ова за кое говорам. Сигурно пијат кафе во Рамстор, гледаат филм во Сити мол и уживаат во амбиентот на слаткарница Палма. Мислам дека го „фатиле“ професор Поповски како последна генерација по предметот Архитектонска теорија, и уверен сум дека имаат најмногу 6. Патем ги познавам, и сигурен сум дека од утре нема да ме поздравуваат на улица. Па после ваква сработена работа, подобро да си завртиме глава. Јунаци едни!

Дејан Ивановски - архитект

Текстот е преземен од Фејсбук профилот на авторот

Слични содржини

Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото