Напред наши!

26.10.2009 10:53
244962.jpg

„МЗТ шампиони!“ одекнуваше со години и години, а МЗТ немаа освоено ниту една титула. Слепата вљубеност во тимот е одлика на речиси секоја навивачка група во секој спорт низ светот. Губеле или победувале, скандали или не, тие секогаш ќе мислат дека нивниот тим е најдобар и заслужува да биде на врвот. И тоа и не е толку страшно, сепак станува збор за љубов што не се одразува премногу негативно врз фановите (освен ако не јадат ќутек од хулиганите што навиваат за противничкиот тим). На моменти таквата љубов делува дури и слатко во својата детска наивност.

Но ваквата љубов е опасна зашто го заслепува фанот пред лошата игра. Кога ќе игра лошо тимот, тогаш судијата нема пишало, е педер и спие на таван и има вошки. Ако тимот игра лошо, за тоа не е виновен тимот туку теренот, дождот, неискосената трева, новите дресови... Сите се виновни за лошата игра освен тимот. Кај нас е така веќе долго време. Еднаш тоа беше октоподот, па Албанците, па Грците, па името. А секогаш е крив Оној Другиот – како и да се вика во моментот. Нормално, никој не прифаќа критика, колку и да е добронамерна, зашто не е критика туку „хејтање“. А „хејташ“ зашто навиваш за Другиот, никогаш затоа што сакаш да видиш добра игра од кој и да е.

Најубавото во таквиот затворен систем најдобро е кажано во рефренот на една популарна песна: „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“. Тимот си тера по свое и не ебе жива сила. Секогаш знае дека може да смета на верните навивачи што сигурно имаат некаква сатисфакција од тоа што навиваат за тим што не успева да добие ниту едно првенство, иако од УЕФА го тапшаат по рамо од време на време.

А секоја победа, колку и да е минорна, се дочекува со невидена еуфорија што понекогаш знае да потрае и до следниот натпревар, па играчите и навивачите мораат пијани и мамурни да ја издржат утакмицата. Еве, баш минатата недела двајца странски играчи го потсетија домашниот тим дека имаат уште натпревари во колото. И беа комотно изигнорирани.

Минатата недела се одржа и можеби најголемиот протест во последните неколку години од љубители на фудбалот што го сакаат фудбалот заради играта и чистотата на играта. Тие бараа фер плеј и добра игра, но заради икс причини беа прогласени за навивачи на друг тим. Тоа дали барањата им биле валидни или не испадна дека е небитно. Испаѓа дека за да сакаш нешто мораш да бидеш фан на некој тим, а не само на спортот.

Не ја разбирам таа логика. Секогаш кога некој има проблем со она што го прават и со она што се случува, речиси без исклучок добива печат дека „работи за другите“. Дури и да е навистина така, дали тоа значи дека нема право да побара или посака или направи нешто што се коси со Официјалната политика? Дали тоа значи дека нема неутрални во Македонија? Колку што знам, на последните избори не се појавија 90% гласачи. Па ниту на претпоследните. Па ни на оние пред нив. Направете ја математиката и ќе видите дека во Македонија има барем 40% неопределени. Што ако Слободен индекс се дел од тие 40%? Што ако нивните барања се навистина валидни и проблемите за кои бараат решение се навистина проблеми? Од каде потребата да се мисли дека сè е розово?

Што ме враќа пак на фудбалот. Не го гледам. Од '94 кога со ужасно лоша игра и глума Италија ја победи Шпанија и влезе во финале. Тоа што изгубија од Бразил не ги натера следниот пат да си ја сменат тактиката и да почнат да играат добар фудбал. Најверојатно зашто нивните фанови не им кажале дека играта со Шпанија им била прилично лешперска. А и ден денес навиваат за нив.

Слики: Рој Лихтенштајн

ОкоБоли главаВицФото