Реакција по повод лустрацијата на Љубомир Д. Фрчкоски

31.05.2013 10:37
Реакција по повод лустрацијата на Љубомир Д. Фрчкоски

ИЗЈАВА НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ

во врска со Решението бр. 07‐907/1 на Комисијата за верификација на фактите

Последниот акт на Комисијата за верификација на фактите со кој се лустрира професорот и поранешен министер за внатрешни и надворешни работи (1991‐1997) Љубомир Д. Фрчкоски (член на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет) се врв на извитопереноста на процесот на лустрација и на самата Комисија. Извршната власт, преку Комисијата, упорно и дрско продолжува со кршењето на Уставот и одлуките на Уставниот суд на Македонија (особено во делот на важење на законот по 1991 година), игнорирање на мислењето на Венецијанската комисија од 2012 година и препораките содржани во Резолуцијата на Советот на Европа 1096 (1996).

Комисијата продолжува да работи како гол инструмент на владејачките партии во отворена политичка пресметка со политичките противници и неистомисленици. Процесот на лустрација во Македонија со овие чинови потполно се измести од својата морална основа и е во спротивност со сите стандарди врз кои треба да се води овој процес кој се претовари во отворен „лов на вештерки“ и бркање од работа на професори и интелектуалци како во мрачните денови на комунизмот и едноумието.

Хелсиншкиот комитет уште еднаш би сакал да потсети на укажувањето на Советот на Европа дека процесот на расчистување со минатото мора да биде заснован врз принципите на законитост и правичност. Наспроти ваквите постулати, процесот на лустрација во Македонија е класичен пример за инквизиторска постапка во која обвинетите лица воопшто не се сослушуваат и немаат можност да се бранат. Како последица, за низа професии како новинари, професори и други, резултатот од оваа постапка е еднаков со казнената санкција од Кривичниот законик – забрана за вршење професија, дејност или должност. Ваквиот став е содржан и во неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет ќе продолжи активно да ги штити основните права и слободи на сите недолжни жртви на неуставниот процес на лустрација. Доколку Управниот суд не ја обезбеди тајноста на личните податоци, заштитата на личниот интегритет, почитувањето на приватноста, семејниот живот, достоинството и угледот, Комитетот е убеден дека правдата ќе биде задоволена пред Европскиот суд за човекови права.