1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Најинтересното во земјата, не може да се види. Можете да бидете сигурни дека тоа не сте го виделе. Го опкружуваат со магла. Така ми остана недостапна, невидлива, Сојузната Престолнина, иако не знам колку пати ми го беа покажале патот и јас, во текот на една недела, бев убеден дека речиси ја допирам.
Тие имаат седум видови магли (зборувам за главните) и доволна е и третата за да ве попречи да го видите сопствениот коњ додека јавате. Следната е толку густа што верувате дека сте среде лавина од бел песок. За да знаете дали тоа се вистински магли, гледајте дали тие го следат ветрот. Ако не го следат, тоа се маѓепсани магли. Ова го изнесувам заради можен приговор. Всушност, Волшебникот не создава едновремено магла и ветар, а зошто е така - ми остана неразјаснето.
Нивната магла е доволна за да збудалите. Потполно отсуство на белези за снаоѓање... гледате лист, шепа, муцка, но не сте кадарни да препознаете грмушка, животно.
Некој си Кал, чијашто доверба ја бев стекнал, ми ги позајми своите наочари против маглата. Требаше да се има одреден недостиг од вид, бидејќи суштествата, работите, ми се појавија во такви превирања што бев сосема дезориентиран. Нерасположен, му ги вратив наочарите. Требаше да ги задржам.
Анри Мишо, Земја на Магијата
***
Велат дека четириаголните, решеткасти градови (Лос Ангелос, на пример) предизвикуваат длабока непријатност; тие во нас го повредуваат чувството на осредиштен град коешто изискува секој урбан простор да има средиште каде што се оди, од каде се заминува, комплетно место за кое се сонува или со оглед на кое се ориентира или повлекува, со еден збор, со оглед на коешто човек сам себе се измислува. Поради сложени причини (историски, економски, религиски, воени), Западот многу добро го разбра тој закон: сите негови градови се концентрични. Понатаму, во склад со самото движење на западната метафизика, за којашто секој центар е место на вистината, центарот на нашите градови секогаш е полн: токму тука, на означеното место, се собираат и згуснуваат цивилизациските вредности: духовноста (со црквите), моќта (со канцелариите), парите (со банките), робата (со стоковните куќи), зборот (со агорите: кафеаните, шеталиштата): да се влезе во центарот значи да се сретне општествената „вистина“, тоа значи да се учествува во величествената полнотија на „стварноста“.
Градот за кој зборувам (Токио) поседува ваков скапоцен парадокс: тој, имено, има центар, но неговиот центар е празен. Целиот град се врти околу едно место кое во исто време е забрането и неинтересно, се врти околу престојувалиште маскирано со зеленило, недостапно поради каналите исполнети со вода, а во кое живее царот кого што, пак, никогаш не можеме да го видиме, то ест, дословно, никој и не знае кој живее тука. Ден за ден, со своето жустро, енергично возење, брзо налик на линијата на истрел, таксиите го избегнуваат тој круг чијашто ниска креста, видливиот облик на невидливото, го сокрива посветеното ништо. Еден од двата најмоќни града на модернитетот изграден е, значи, околу непроѕирен прстен од ѕидини, вода, кровови и дрвја, неговото средиште и самото е само изветреана идеја, тоа стои тука не за да зрачи некаква моќ, туку за на целото движење да му ја даде потпирката на својата средишна празнина, присилувајќи го прометот на непрекинато заобиколување. На тој начин, ни велат, она имагинарното се шири циркуларно, низ заобиколувања и низ повторното навраќање вдолж празната содржина.
Ролан Барт, Царство на знаците
Слики: Свирачиња